1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Eвакуација на првите цивили од Азовстал: Конечно на сонце

ЖА / агенции
2 мај 2022

По бројни неуспешни обиди, стотина цивили се евакуирани од челичарницата Азовстал, последното упориште на бранителите на украинскиот разурнат град Мариупол.

https://p.dw.com/p/4AhWx
Flucht und Evakuierung aus Mariupol
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Азовстал го напуштила „прва група од стотина луѓе“, кои вчера се пренесени на безбедно место. Во акцијата биле вклучени и ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК). Зеленски се надева, како што истакна во неговата дневна видео порака, дека денеска ќе бидат исполнети сите можни предуслови за евакуација на дополнителен број луѓе од  Мариупол:  „И натаму ќе преземаме сѐ што е можно за евакуирање на нашите луѓе од Азовласт и воопшто од Мариупол“.

Руското Министерство за одбрана пак соопшти дека „благодарение на иницијативата на рускиот претседател Владимир Путин“, 80 цивили, „кои биле држени во заложништво од украинските националисти“, вчера (недела) се пренесени во селото Безимене, под руска контрола, во регионот Доњецк, каде луѓето биле згрижени и им била пружена медицинска помош. Цивилите, кои „сакаа да заминат во областите под контрола на киевскиот режим, се предадени на претставници на ОН и на МКЦК“, се вели во соопштението на руското Министерство од Москва.

Мариупол не се предава

Една од вчера евакуираните жени, Наталија Усманова (37), поранешна работничка во фабриката за челик, во разговор со новинар од Ројтерс сведочи за маките низ кои поминале, се плашела дека бункерот нема да ги издржи руските бомби, вели – мислела дека срцето ќе ѝ застане. „Не сме виделе сонце толку долго. Не можете да замислите низ што минавме, тој ужас. Живеев и работев таму цел живот, но она што го видовме е страшно”, му изјавила Усманова на новинарот во селото Безимене во регионот Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти, на околу 30 километри источно од  Мариупол.

На 11 километри површина на фабриката за производство на челик се водеа жестоки борби, тоа е последниот бастион на украинските бранители во градот Мариупол, во меѓувреме речиси целосно уништен од руските повеќенеделни континуирани напади. Во комплексот подземни тунели во челичарницата Азовстал се наоѓаат опколени уште стотици украински војници и цивили, во катастрофални услови, речиси без вода и храна, меѓу нив има и доста ранети.

Градот  Мариупол,  пристаниште на Азовското Море, се смета за стратешки исклучително важен. Една од прокламираните цели на Русија во војната во Украина е обезбедување копнена поврзница кон претходно анектираниот полуостров Крим, како  и кон од проруските сепаратисти контролираниот регион Транснистрија во Република Молдавија.