1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Фортуна Диселдорф: Бесплатен влез за сите фудбалски гледачи

Андреас Штен-Цимонс
27 април 2023

Германскиот второлигаш Фортуна Диселдорф во иднина сите гледачи ќе ги пушта бесплатно на стадионот и се надева дека проектот „Фортуна за сите“ ќе има позитивен ефект на навивачите, но и дека ќе донесе спортски успеси.

https://p.dw.com/p/4QcRI
 фудбалски второлигаш Фортуна Диселдорф
Германскиот фудбалски второлигаш Фортуна ДиселдорфФотографија: Roland Weihrauch/dpa/picture alliance

И пред второлигашот Фортуна Диселдорф официјално да ја претстави кампањата „Фортуна за сите“, реакциите во медиумите и оние на навивачите беа полни со одушевување: се зборуваше за „револуција на стадионите“ и „празник на фудбалот“. Всушност, планот на Диселдорф е необичен и во оваа форма целосно нов во германскиот и европскиот професионален фудбал. „Го отвораме фудбалот за сите, одиме по комплетно нов пат“, изјави извршниот директор на Фортуна, Александар Јобст при презентацијата на проектот „Фортуна за сите“. Целта е „да се овозможи долгорочен првокласен фудбал во овој град, тоа да биде јасно, и да дадеме одговор за што се залага Фортуна. А целта ни е клубот повторно посилно да го закотвиме во градот.“ Според зборовите на Јобст, стадионот би требало да стане „црвено-бел дом“.

Проектот ќе биде имплементиран во пилот фаза уште следната сезона за три од 17 домашни натпревари. Но, во иднина гледачите би требало да имаат бесплатен влез на сите натпревари на Фортуна на домашен терен. „Кога конечно сите 17 натпревари ќе бидат бесплатни, зависи од развојот на работите. Сега ги поставуваме темелите“, вели финансискиот директор Арнд Ховеман. Приходот кој што Фортуна ќе го загуби од бесплатните влезници, би требало да го надополнат спонзорите.

Четири спонзори за наредните пет години

Клубот во почетокот ќе започне со соработка со четири стратешки партнери, кои, како што се наведува од клубот, „заедно со нас се уверени дека фудбалот првенствено им припаѓа на навивачите и долгорочно ќе го следи нашиот нов пат.“ Тоа се американската компанија за информатичка технологија Хјулет Пакард Ентерпрајс, осигурителното друштво Провинциал, Тарго банка и инцијативата Комон Гоул, чиј соосновач е шпанскиот фудбалер Хуан Мата, во која фудбалски професионалци донираат еден процент од своите плати за организацијата Стритфудболворлд.  

„Тоа е спонзорство какво што досега не сме виделе“, вели Јобст. Четири партнери влегуваат во проектот со гарантиран обем од 45 милиони евра на период од пет години.

 Фортуна Диселдорф фудбал
Фудбалскиот стадион на Фортуна Диселдорф собура 52.000 гледачиФотографија: Carsten Lappe/dpa/picture alliance

Меѓутоа, приходот не му користи само на професионалниот тим на Фортуна, туку 20 проценти ќе се слеат во женскиот младински фудбал. Уште 20 проценти се наменети за дигитална инфраструктура и арената во која во 2024 година ќе се одржуваат натпревари на Европското првенство. Исто така, со вкупно десет проценти ќе бидат финансирани и популарен спорт во Диселдорф, како и општествени и одржливи проекти.

Првите реакции на навивачите се позитивни: „Со години сме на мислење дека фудбалот треба да постои за сите. Секако станува збор и за цените на влезниците. Фудбал за сите, таков проект поддржуваме. Тоа е и нашето мото“, потврди Јост Петер, претседател на здружението на фудбалски фанови „Нашата линија“. 

Еднаш шампион, два пати победник на куп

Фортуна Диселдорф моментално е шеста по 29 од 34 кола во Втората Бундеслига. Традиционалниот клуб, основан во 1895 година, беше во Бундеслигата од 2018 до 2020 година. Најголемите успеси на клубот датираат и подалеку во минатото. Во 1933 година Диселдорф бил првак на Германија, во 1979 и 1980 година Фортуна го освоила ДФБ купот. Исто така во 1979 година, тимот стигнал до финале на Европскиот куп на победници на купови.

Но, Диселдорф не учествувал во натпреварувањето како актуелен освојувач на купот, туку како поразен финалист на купот и заменик за ФЦ Келн. Бидејќи тимот од Келн во 1978 година ја освоил и лигата и купот, се натпреварувал во Европскиот куп. Диселдорф одработи добра работа, но во финалето по продолженијата морал да прифати пораз од ФЦ Барселона со 3:4.

Годините околу освојувањето на купот се најуспешна ера во историјата на клубот. Во тоа време за Фортуна играле четворица германски репрезентативци, Герд Цеве, Руди Бомер, Волфганг Зеел и Клаус Алофс. Од 1971 до 1987 година Диселдорф константно бил во Бундеслигата. Потоа клубот развил своевиден „лифт тим“. Фортуна тогаш четири пати влегувала во Бундеслига, но и четири пати испаѓала. Три пати испаднала во трета лига, еднаш дури и во четврта лига. Во август 2022 година во Фортуна се регистрирани 27.000 членови, што ја внесува во групата на 20 најголеми германски спортски клубови.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема