1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Израел: „Вечна одговорност“

25 април 2023

За Израел, држава основана во 1948 година, Германија - земја на сторителите на злодела - наскоро стана дипломатски партнер. Но, односот на двете земји од самиот почеток имаше критични фази и така е до денес.

https://p.dw.com/p/4QUJ8
Израелско знаме пред куполата на Бундестагот во Берлин, Германија
Израелско знаме пред куполата на Бундестагот во Берлин, ГерманијаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

„Масовното убиство на Евреи почна во Германија. Тоа го планираа и изведоа Германците. Затоа, секоја германска влада сноси вечна одговорност за безбедноста на државата Израел и заштита на еврејскиот живот. Никогаш нема да ги заборавиме милионите жртви и огромните страдања.“

Ова го изјави Олаф Шолц на 2 март 2022 година во Ерусалим. Германскиот канцелар беше на своето прво патување во Израел, и тукушто го посети Меморијалниот центар на Холокаустот, Јад Вашем. Во таа прилика ги даде фундаменталните изјави за односите меѓу Германија и Израел.

Тоа е однос од посебен вид и секогаш под печат на Холокаустот, масовното убиство на шест милиони Евреи од страна на нацистичка Германија.

„Освен Германија“

Сепак, од 1965 година, од кога се воспоставени целосни дипломатски односи меѓу двете земји, тие се развиваа импресивно.

Првите неколку години во секој израелски пасош пишувало: „Овој пасош важи за сите земји, освен Германија.“ Младата држава Израел сакала строга дистанца од „земјата на убијци“. Ави Примор, израелски амбасадор во Германија од 1933 до 1999 година, дури на една од своите книги ѝ дал наслов „...освен Германија“.

Од клучно значење за приближувањето на Германија и Израел беше Луксембуршкиот договор, постигнат во септември 1952 година, потпишан од Сојузна Република Германија од една страна и Израел и Конференцијата за еврејски побарувања (Jewish Claims Conference) од друга страна. Со договорот биле регулирани германските плаќања и услуги, како и доброволна обврска за враќање на сопственоста одземена од Евреите.

Конрад Аденауер и Давид Бен-Гурион
Средба на Конрад Аденауер и Давид Бен-Гурион во Њујорк во 1960 годинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Аденауер и Бен-Гурион

Канцеларот Конрад Аденауер (ЦДУ) го протуркал договорот во Бундестагот, делумно против гласовите на своите сопартијци, а набрзо потоа станал „лик на приближувањето“ на германската страна.

За раното помирување на двете земји многу се залагал Давид Бен-Гурион (1886-1973), легендарниот прв премиер на Израел. Тој бил оној кој го промовирал ставот на „поинаква Германија“.

Бен Гурион и првиот канцелар Конрад Аденауер (1876-1967) се сретнале само двапати во животот - 1960. и 1966. Сепак, двајцата државници делувале како далечни пријатели.

Големо возбудување настанало во 1964 година, кога се дознало за тајните германски испораки на оружје на Израел. Но, тоа бил последен поттик за воспоставување целосни дипломатски односи во 1965 година, чекор кој тешко им паднал на многу луѓе во младата еврејска држава. Доаѓањето на првиот германски амбасадор предизвикало немири.

Вили Брант прв германски канцелар кој го посети Израел

Односот полека јакнел низ заеднички комеморации и посети на претставници на германската влада.

Во јуни 1973 година, социјалдемократот Вили Брант (на функција од 1969-1974) бил првиот германски канцелар кој отпатувал во петдневна државна посета во Израел.

Хелмут Шмит (на функција од 1974-1982) бил социјалдемократски канцелар во тешки времиња за односите меѓу двете земји – и никогаш не го посетил Израел.

Герхард Шредер, исто така социјалдемократ (на функција од 1998-2005) беше во дводневна посета на Ерусалим во 2000 година и нагласи дека е дојден „како пријател на Израел и пријател на неговиот народ.“

Во своите 16 години на канцеларската функција (1982-1998), демохристијанинот Хелмут Кол само двапати го посети Израел.

Затоа пак неговата партиска колешка Ангела Меркел (на функција од 1998-2021) го посетуваше Израел почесто од сите други канцелари заедно: вкупно осум пати, последен пат во октомври 2021 година.

Две години по посетата на Вили Брант, во 1975 година, Јицак Рабин беше првиот шеф на израелска влада кој ја посетил Сојузна Република Германија и Западен Берлин.

Ниеден шеф на влада или министер на Германската Демократска Република никогаш не бил во посета на Израел. Источен Берлин го поддржуваше палестинско-арапскиот табор и во Израел гледаше „ционистички непријател“.

Говор на Ангела Меркел на германски јазик во Кнесетот

Шефовите на влади на Сојузна Република Германија, а посебно Ангела Меркел, секогаш и недвосмислено го истакнуваа правото на постоење на Израел.

Ангела Меркел во Кнесетот Израел
Ангела Меркел во Кнесетот во 2008 година - прв шеф на влада која зборуваше во израелскиот парламент, а говорот беше на германски јазикФотографија: AP

Но, паралелно со израелската политика на населување на палестински територии, тие силно се залагаа за решението за две држави меѓу Израелците и Палестинците и тоа го споменуваа во сите свои апели до палестинската страна. Секоја нова израелска населба проследена е со предупредувања од Германија да не се оптоварува дополнително затегнатата ситуација во земјата.

Врв на меѓусебните односи секако е говорот на Ангела Меркел во Кнесетот. Таа во 2008 година беше прв шеф на влада кој зборуваше во израелскиот парламент, а говорот беше на германски, јазикот на сторителите:

„Секоја германска влада и секој канцелар пред мене беа посветени на посебната историска одговорност на Германија за безбедноста на Израел. Историската одговорност на Германија е дел од државниот резон на мојата земја. Тоа значи дека за мене како германска канцеларка, безбедноста на Израел никогаш не може да биде предмет на преговори.“ 

Инаку, тогашниот лидер на израелската опозиција се викаше Бенјамин Нетанјаху – и критикуваше што Ангела Меркел одржа говор на германски јазик.

Владини консултации?

Во текот на посетата на Ерусалим во 2022 година, Олаф Шолц се изјасни за што поскоро свикување на консултации на двете влади во Берлин. Тоа уште не се случи. Ова е можеби најјасен показател за отуѓувањето без оглед на сите историски обврски. 

 Олаф Шолц и Бенјамин Нетанјаху во Берлин
Заедничка прес конференција на Олаф Шолц и Бенјамин Нетанјаху во БерлинФотографија: Chrisrtian Ditsch/epd

Првите владини консултации беа одржани во Ерусалим во 2008 година, а во текот на наредните 10 години беа одржани уште шест, три во Берлин и три во Ерусалим. Според бројните посматрачи, овој состанок сега е тешко замислив, со оглед на политичката констелација во израелската влада.

Шолц додуша му честиташе на премиерот Нетанјаху по повторното преземање на должноста на крајот на 2022 година и го спомена посебното и блиско пријателство меѓу двете земји. Но, Германија критички гледа на вклучувањето на десничарски екстремистички партии и политичари во неговата влада. Нивните цели вклучуваат контроверзна реформа на правосудството, повторно воведување на смртна казна и ширење на населбите во областите на кои Палестинците полагаат право за својата идна држава.

Заемна отвореност

Германската влада од февруари 2023 година јасно го критикува курсот на израелската влада како никогаш претходно.

Прво министерот за правосудство Марко Бушман (ФДП) и министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелени) повикаа на независно судство и зачувување на владеењето на правото. Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер (СПД) исто така даде невообичаено остри политички изјави и изрази загриженост поради „реструктуирање на владеењето на правото“ кое го планира израелската влада.

А во март годинава, при посетата на Нетанјаху, канцеларот Шолц на заедничката конференција за печат рече: „Како партнер во демократските вредности и близок пријател на Израел, многу внимателно ја следиме оваа дебата и не сакам тоа да го кријам, тоа го правиме со голема загриженост.“ Основните права се во „суштина малцински права.“

Покрај тоа, мора да се додаде: Германија и натаму има проблем со понекогаш огромен антисемитизам. Амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор,опоменува често и повеќе од кој било негов претходник. И така барем може да се констатира: Германија и Израел денес разговараат поотворено отколку што тоа го правеа долго време порано. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи