1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Како да се спречи колапс на пензискиот систем?

Хелен Витл
13 април 2024

Германија се соочува со големи предизвици околу пензискиот систем. Се зголемува бројот на пензионери, а се намалува бројот на вработени. Министерот за финансии предлага инвестирање во акции, но опозицијата критикува.

https://p.dw.com/p/4eBU4
Кој ќе ги финансира пензиите на идните генерации пензионери?
Кој ќе ги финансира пензиите на идните генерации пензионери?Фотографија: Sebastian Kahnert/dpa ZB/picture alliance

Откако генерациите родени меѓу 1955 и 1969 година и познати како „бејби бумери“ ќе се пензионираат, се очекува тие да имаат подолг животен век. Сепак, бројот на вработени во Германија не расте пропорционално. Тоа значи дека зголемениот број на пензионери ќе биде товар за сѐ помалиот број на вработени. Прашањето што се поставува е кој ќе ги финансира пензиите на постарите генерации?

Германскиот пензиски систем, кој беше воведен во 1889 година, се заснова на задолжително осигурување, при кое пензиите на сегашните пензионери се финансираат со суми на пари кои се одбиваат од платите на вработените - овoj систем e познат како „генерациски договор“.

На почетокот на 1960-тите години, соодносот бил шест работници за еден пензионер. Денеска тој сооднос е 2:1, со тоа што и натаму опаѓа. Значителен дел од буџетот оди за поддршка на германскиот пензиски систем: во 2024 година во пензискиот фонд ќе бидат уплатени 127 милијарди евра, што сочинува една третина од сите државни расходи. Оваа сума се очекува да се зголеми речиси двојно до 2050 година.

Во исто време, пензионерите станаа значајна група избирачи. Затоа обезбедувањето на функционирање на пензискиот систем стана тема на жестока дебата и постои итна потреба од акција.

Владината коалиција наречена уште „семафор“ коалиција, составена од социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП), не сака да ги намали пензиите. Исто така, таа не сака да ги зголеми пензиските придонеси ниту да ја зголеми старосната граница за пензионирање, која сега изнесува 67 години.

Нов план: „Пензија од акции“

За да се реши проблемот, министерот за финансии Кристијан Линднер од ФДП предложи план според кој за почеток сојузната влада ќе земе кредит од дванаесет милијарди евра и ќе го инвестира на берзата.

Конкретно, планирано е да се формира фонд, со кој ќе управува независна јавна фондација - како т.н. генерациски капитал. Парите ќе бидат распределени глобално во акции, а профитот прво ќе се врати во јавната каса.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер сака да ги стабилизира пензиите
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер сака да ги стабилизира пензиитеФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Повеќе од еден век, можностите за пензии, кои ги нудеше пазарот на капитал, се пропуштени. Сега ќе инвестираме во иднината на ова општество“, напиша Линднер на X. 

Сумата од дванаесет милијарди евра секоја година во наредниот период треба да се зголемува за три отсто. До 2035 година акциите треба да бидат во вредност од најмалку 200 милијарди евра, за да го поддржат државното пензиско осигурување.

Критики од ЦДУ

ЦДУ, како најголема опозициска партија, го критикува планот како неефикасен. Аксел Кноериг (ЦДУ), заменик-претседател на Комисијата за труд и социјални прашања во Сојузниот парламент, изјави за „Ипен. Медија“ дека т.н Пензискиот пакет II не гарантира „долгорочно осигурување на германските пензии“. Тој води „до зголемување на придонесите во иднина и со тоа дополнително ги товари вработените“.

ЦДУ во суштина не е против инвестирање на пазарот на капитал за да се генерираат дополнителни каматни приходи, но сегашниот концепт, според Кноериг, не носи „значителен приход со оглед на дополнителното должничко оптоварување“.

Широко распространетите инвестиции во акции носат, според податоците на Германскиот институт за хартии од вредност, во просек од шест до осум проценти годишно. Министерот за финансии Кристијан Линднер очекува „повеќе од три, четири отсто профит“.

Инвестирањето на берзата носи ризик од целосна загуба на пари, но, според Министерството за финансии, треба да се воспостави безбедносен механизам за заштита на имовната фондација.

Како функционира германскиот пензиски систем?

Во Германија државното пензиско осигурување е задолжително само за вработените. Самовработените, односно приватните лица и сопствениците на компании, можат да плаќаат во државниот пензиски систем или во приватно осигурување. Државните службеници, кои се ослободени од плаќање даноци, имаат свој пензиски систем. Овие две групи сочинуваат околу 12 отсто од работната сила во Германија. 

Во минатото, политичарите од левиот центар често бараа овие често добро платени групи бирократи да се интегрираат во националниот систем на осигурување. Бидејќи само така системот може да се стабилизира на долг рок.

Во моментов во државниот пензиски фонд се исплаќаат 18,6 отсто од месечната бруто-плата на вработените, при што работникот и работодавачот плаќаат по половина. Месечниот придонес не смее да надмине 1404,30 евра.

Владата очекува дека стапката на придонеси ќе се зголеми на 20 отсто од 2028 година и на 22,3 отсто до 2035 година, а на ова ниво ќе остане до 2045 година. Сегашното „ниво на пензија“ - износот кој се исплаќа на пензионерите секој месец - е 48 проценти од просечната месечна плата, а владата планира тоа законски да го гарантира до 2040 година.

Што ако државната пензија не е доволна?

Во 2023 година, според податоците на Германското пензиско осигурување, просечната месечна пензија во Германија изнесувала 1.550 евра. Сегашните податоци покажуваат дека 61 процент од пензионерите добиваат помалку од 1.200 евра месечно од државното пензиско осигурување. Секој трет пензионер добива дури и помалку од 750 евра.

Многу жени во Германија добиваат значително помала или дури никаква пензија. Тоа е затоа што тие работеле во областа на ниско платени работни места. Многу од нив биле домаќинки со години и не се враќале на работа со години по раѓањето на нивните деца.

Сиромаштија на старост

Повторното вработување, по долго отсуство од пазарот на трудот, не е лесно. На многумина пензијата не им е доволна за покривање на основните трошоци, па работат за да ја дополнат или добиваат социјални надоместоци од државата.

Предизборната кампања за изборите во Бундестагот во 2025 година само што не започнала. Се очекува пензиите да играат важна улога во неа. Но, прашање е дали германската влада ќе може да профитира од планираната пензија од добивката на акциите за време на кампањата за изборите во 2025 година. Дури и ако планираното финансирање на пензиите од акции се усвои во Бундестагот, овој проектот може да го растовари пензискиот систем само долгорочно, но не и на краток или среден рок.