1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гордана Сиљановска: Втората шанса за професорката

18 април 2024

Портрет Гордана Сиљановска, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ: Ќе ги врати народните канцеларии, ќе се обраќа почесто и умно ќе го користи суспензивното вето.

https://p.dw.com/p/4ek8R
Гордана Сиљановска ВМРО-ДПМНЕ Македонија
Гордана Сиљановска, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Boris Georgievski/DW

На претседателските избори влегува со искуството стекнато во изборниот натпревар од 2019 година и со сите преплетени идентитети - на жена, мајка, сопруга, професорка, интелектуалка, пратеничка. Ораторски вешта, Гордана Сиљановска Давкова (71) уште на минатите избори „извежба“ како да се обраќа и од политичка говорница, за разлика од факултетскиот амфитеатар, каде пред студентите е своја на своето. 

Иако и тонот и дикцијата ги прилагоди за политички настап, сепак од неа и натаму често говори професорката од Правниот факултет на УКИМ, во голем дел и поради актуелни процеси кои ги тангираат Уставот и законите. Приватно - сака јога, пешачење во природа, цвеќе, танцување, музика, книги, не следи модни трендови, избира удобност и едноставност. За кандидатурата се инспирирала од примерот на ирската претседателка Мери Робинсон (1990 - 1997), која исто така не била членка на партија. Силјановска ја доживува и Македонија како една преумна, храбра, образована и културна жена.

Себеси се доживува како бунтовна, еманципирана и самосвесна личност, со своја автономија. Во политиката зад себе го има искуството на министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски (1992-1994). Деценија подоцна, беше во првите редови на Професорскиот пленум против контроверзниот Закон за високо образование предложен во мандатот на Груевски. Во првиот ред со неа беше и нејзината колешка, а сега и ривалка, Билјана Ванковска.

Целата кариера на Сиљановска е во „боите“ на правната наука. Авторка е на огромен број научни трудови од областа на уставното право, членство во стручни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации. Па кога ДУИ во февруари побара ВМРО-ДПМНЕ „да се изјасни дека е против Русија, за Европа", и да се огради „од поетските про-путинистички ставови на нивната некогаш поразена, русконосталгична кандидатка Гордана Давкова“, таа не пропушти да одговори „кој е кој“.

„Како е можно по децениска образовна, научна и експертска активност во најпрестижните европски институции и десетици академски трудови објавени во западноевропските списанија и книги, една марксистичко-сталинистичко-енверистичката партија, која не е примена во ниту едно партиско семејство во Европскиот парламент, да ме напаѓа и обвинува за русофилија и путинизам?“, реагираше Сиљановска.

Вели дека претседателката/претседателот мора да обединува, да биде проактивен да се води од Копенхашките критериуми, да ги претставува сите, без оглед на етнос, вера, пол, род, статус, да почитува, да едуцира, да почитува соработка и мирно решавање на споровите. Беше жесток критичар на Преспанскиот договор, како и на европскиот предлог и условот за уставни измени. Често го цитира ставот на познат конституционалист дека „Уставот треба ретко да се менува, со раце што треперат од одговорност“, но и иронично забележува дека „ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор, ние денес ќе претседававме со ЕУ“. Децидна е дека Македонија ќе биде почитувана и рамноправна во ЕУ ако сме уредени според Копенхашките критериуми, ако имаме независно судство и европско образование, ако се почитуваат правата и слободите.

Ако победи на претседателските избори, а ако дотогаш не завршат постапките во судот во Стразбур и тие сѐ уште се во затвор, таа ќе ги помилува осудените за 27-ми април, затоа што квалификацијата на делото не одговарало на степенот на насилството. Смета дека е важно претседателот да се однесува натпартиски, не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси, а не заради своја кариера и слава. Го смета за нужно обраќањето пред јавноста за секое важно прашање, а не најмалку еднаш годишно, како и умното користење на суспензивното вето кое може и да го превенира доколку се обрати со аргументи пред парламентот. Ќе ги врати народните канцеларии преку кои секогаш ќе биде блиску до граѓаните. Во вториот круг очекува да се повтори „политичката приказна“ од пред пет години - да се соочи со Пендаровски, иако „емотивно и искрено би сакала да се сретне со нејзината колешка и пријателка, Билјана Ванковска“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи