1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандскиот амбасадор Коп застана зад Беса Адеми

ДТЗ
10 јануари 2024

Според холандскиот амбасадор неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија.

https://p.dw.com/p/4b4bb
Дирк Јан Коп
Според холандскиот амбасадор неприфатливо е политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот судФотографија: Petr Stojanovski/DW

По две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Ваква директна порака упатил холандскиот амбасасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. 

Според холандскиот амбасадор неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија. Пораките од средбата и фотографии со Ахмети беа објавени на официјалната страница на Амбасадата на Холандија во Северна Македонија на социјалните мрежи. 

Сериозни критики

Критиките следат откако член на Судскиот совет покрена иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Иницијативата на Миљазим Мустафа била покрената поради неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција.

Но, револт предизвикало и нејзиното интервју за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.

На 12 декември шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, го претстави извештајот на Оценската мисија, кој содржи 40 препораки, од кои дури 17 се однесуваат на Судскиот совет.

Ова не е првпат холандскиот амбасадор да упати сериозни критики дека во Северна Македонија не постои вистинска политичка волја за промена. Тој често во своите изјави потенцира дека само се „трупаат изговори, додека реформите каскаат во место и дека се` е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот.“ Најголемите критики се на контото на правосудниот систем, каде состојбите според Коп „не оставиле друга опција освен да ја евалуираат поддршката која што ја даваат“.