1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ислам Абази на тест и пред Советот на обвинители

ДТЗ
11 ноември 2022

Тој треба да стане член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, каде што неговата сопруга треба да полага завршен испит. Обвинителите идната недела ќе ја преиспитуваат одлуката

https://p.dw.com/p/4JOl5
Ислам Абази
Ислам Абази треба да стане член на Управен одбор на Академијата за судии, каде што неговата сопруга ќе полага завршен испит. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинителот Ислам Абази в понеделник (14.11) кога стапува на новата функција како шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, ќе се најде пред уште еден тест - пред Советот на јавни обвинители. Тој треба да стане член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, каде што неговата сопруга треба да полага завршен испит. Поради оваа причина идната недела обвинителите во Советот ќе ја преиспитуваат одлуката дали е етички и морално Абази да ја добие и оваа функција,  само една недела од неговиот избор за наследник на суспендираната обвинителка Вилма Русковска. 

„Формално нема пречка тој да биде член на Управниот одбор, бидејќи станува збор за тело кое нема никаков допир со слушателите на Академијата за судии и јавни обвинители, со оглед на тоа дека постојат посебни комисии за завршен испит и за жалби“, вели претседателот на Советот, Антонио Јолевски за ДВ. Сепак, додава тој, од морални причини на седницата в понеделник,. која ќе биде отворена за јавноста, ќе се преиспитаат сите дилеми околу случајот и ќе се слушнат мислењата на обвинителите дали постои судир на интереси со назначувањето на Абази.

Освен  Абази, на листата на предлози се најде и Фиданка Рајевска, а како заменици се предложени Бурим Рустеми и Ристе Бојаџиски. Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители го сочинуваат 9 членови. Станува збор за тело кое има надлежност да го именува и го разрешува директорот на академијата, ја избира и конституира Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит.

Стеснет избор

Изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организиран криминал предизвика бурни реакции во јавноста. Некој го оспорува изборот, друг постапката, трети велат дека треба да се сменат критериумите. Јолевски вели дека треба да му се даде шанса на обвинителот кој постигнал добри резултати во работењето на гостиварското обвинителство. Укажува дека имале сериозен проблем да најдат кандидат кој ги исполнува потребните услови - да има минимум осумгодишно искуство. 

„Кандидатите или се тазе завршени со школување или пак веќе се наоѓаат на функции коишто се во судир со членувањето во Управниот одбор на Академијата“, вели првиот човек на Советот на јавни обвинители.

Сопругата на Абази ја привршува обуката на Академијата и најдоцна до крајот на годината треба да полага завршен испит пред да може да биде избрана за судија или обвинител. Обвинителот Абази на првата средба со новинарите по неговиот избор рече дека законот забранува брачни другари да работат во исто јавно обвинителство, но дека неговата сопруга има право да конкурира на сите огласи за другите обвинителства во државата.