1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел ги засилува нападите против Хамас

ЕМФ / дпа
30 октомври 2023

По три недели воздушни напади, израелската армија ги проширува своите акции против исламистичкиот Хамас во Појасот Газа. Бројот на жртви се зголемува.

https://p.dw.com/p/4YBPS
Појас Газа Израел тенкови
Израелски тенкови се позиционираат долж границата со Појасот ГазаФотографија: Maya Alleruzzo/AP Photo/picture alliance

Додека израелската армија со тенковски единици и борбени авиони сè повеќе напредува против милитантниот исламистички Хамас во Појасот Газа, хуманитарната ситуација за луѓето таму станува сѐ полоша. Иако Израел категорично ги повика цивилите кои остануваат во северниот дел на Појасот Газа, вклучително и пациентите во болниците, да се преселат на безбедно на југ, во болницата Шифа, на пример, според медиумски извештаи, сè уште има илјадници луѓе. Според израелски наводи, болницата служи и како команден центар на Хамас.

Палестинци во болницата Шифа во Појасот Газа
Палестинци во болницата Шифа во Појасот ГазаФотографија: Dawood Nemer/AFP/Getty Images

Бројот на жртви се зголемува

Од нападот на терористите на Хамас во Израел на 7 октомври, бројот на жртви на израелска страна се зголеми на над 1400, а повеќе од 230 лица се киднапирани. Според палестинското Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, од почетокот на конфликтот пред три недели загинале над 8000 Палестинци.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во меѓувреме повика на итен „хуманитарен прекин на огнот“ и ослободување на 230-те заложници. Во Појасот Газа „пред наши очи“ се одвива „хуманитарна катастрофа“, напиша Гутереш на платформата Х.

Главниот обвинител ги предупредува Израел и Хамас

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, ги предупреди Израел и Хамас од кршење на меѓународното право. „Би сакал јасно да му нагласам на Израел дека без натамошно одлагање мора да направи видливи напори за да се осигура дека цивилното население добива основни прехранбени намирници, лекови, анестетици“, рече Кан во Каиро, мислејќи на катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа. Пораката на главниот обвинител за Хамас во Газа и сите „кои имаат контрола таму“ гласи: Помошта мора да стигне до цивилното население „и да не се злоупотребува или пренасочува од нив“.

Антиеврејски напади во Дагестан

Поради конфликтот во Газа, се зголемија антиеврејските напади во рускиот северен Кавказ, каде доминираат муслимани. Во Махачкала, во Република Дагестан, толпа луѓе вчеравечер (29.10) насилно влегла на аеродромот затоа што таму слетал авион од Тел Авив, кој наводно превезувал бегалци од Израел. Руската државна новинска агенција Тас објави дека во инцидентот се повредени повеќе од 20 лица, од кои некои потешко. Израел ги повика руските власти да ги заштитат неговите граѓани. САД ги осудуваат антисемитските инциденти во Дагестан, изјави портпаролка на американскиот Национален совет за безбедност на платформата Х.

Дагестан Махачкала аеродром
Толпа луѓе влегува на аеродромот во Махачкала извикувајќи антисемитски паролиФотографија: AP/picture alliance