1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој оди во погрешна насока

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
2 април 2024

Во анкетите на јавното мислење- каде оди државата, нема прашање, а во која насока се движите лично вие, правилна или погрешна. Дали мнозинството граѓани оди во правилна насока, а државата во погрешна. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4eKC9
Статуа на Александар Велики, Скопје, Северна Македонија
Кој оди во погрешна насокаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

На сите анкети на јавното мислење во изминатите 32 години независност каде што е поставено прашањето - „во која насока се движи Македонија: правилна или погрешна", мнозинството испитаници одговараат во погрешна. Секогаш е мал бројот на тие што мислат дека државата оди во правилна насока. И гледај чудо, на крајот испаѓа дека се во право тие што ја откриваат отпосле погрешната страна без оглед на тоа за кого гласале и кој победил на изборите да ја води државата. Според нив постојано одиме во погрешен правец кој самите го избрале на избори.

Никогаш нема прашање, а во која насока се движите лично вие, во правилна, или во погрешна. Кога би имало такво прашање многу веројатно одговорот на огромно мнозинство би бил во правилна. Дали тоа значи дека мнозинството граѓани оди во правилна насока, а државата во погрешна. Тука нешто не е во ред ако ние одиме право напред, а државата криво назад, кога ние божем го избираме правецот по кој треба да одиме. Ама очигледно ние не го избираме правецот, туку ни го избираат, а ние тоа најчесто слепо го прифаќаме.

Во оваа игра со зборови дека на будалите отпосле им текнува истото прашање си го поставив себе си. Резултатот е катастрофален. Испаѓа дека секогаш сум ја избирал погрешната страна. За тоа имам мал милион писмени докази со мој потпис јавно објавени и искажани.

Пред независноста на Македонија цврсто бев определен на страната на тие што беа да се спаси Југославија. Понудата прва Југославија од сите земји на Исток, зад Железната завеса, да стане членка на ЕУ ми изгледаше фантастична. Францускиот претседател Франсоа Митеран го испрати тогашниот премиер Анте Марковиќ од претседателската палата на Елисејските полиња како завршена работа. Насловот на мојот новински извештај од Париз за „Нова Македонија“ беше „Југославија е спасена“. Но, судејќи по крајниот резултат, сосема погрешен наслов и текст. Паднаа аргументите дека со итна политичка одлука на ЕУ и со над 10 милијарди тогашни долари за брзите подготовки е ширум отворена врата за прекрасна иднина на 20 милионската држава. Сите тие понуди беа брзо отфрлени од моќните националисти во Југославија. Наместо тоа се случи крвав распад. Сум ја избрал погрешната страна несогледувајќи го историски потрошениот модел и моќта на националистите и хегемонистичките политички лидери.

Наместо на Запад стасавме пред нашата ера

Новата реалност кога земјата забрзано се движеше кон распад беше независна Република Македонија која, исто така, ја избрав како цврста определба бидејќи ја одбегна војната и ја избра својата иднина како парламентарна демократија, членство во ЕУ и во  НАТО како најголема гаранција за стабилност и безбедност,  за побрз развој и припадност на западната цивилизација на македонското општество. Ќе речете тоа не е погрешен избор, сите во Македонија се за припадност на европското семејство и за членство во двата најголеми воено политички и економски сојузи.

Сите беа за, ама и тогаш анкетите кажуваа дека се движиме во погрешна насока. И така бидна. Наместо кон Запад тргнавме прво да ја освоиме Византија и кога ни беше малку освојувањето на Источното римско царство,  во потрага по нов идентитет и пославно минато стасавме до Александар Македонски и неговите претци во вековите пред нашата ера. Сиот научен свет ни кажа дека е погрешна таа насока, за кратко време ги изгубивме сите пријатели и симпатии. И тука останав до ден денешен на погрешната страна пишувајќи колкава штета ни нанесе антикоманијата која ни зададе тежок удар да ни се наметнат болни компромиси во односите со  нашите проблематични соседи.

Мојот избор да ги поддржам компромисите со соседите како подобро решение отколку да останеме во балканската крчма веднаш ме стави на страна на предавниците, непријателите и странските платеници кои работат против Македонија. Да поддржуваш промена на уставното име, на непризнавање на македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик, да прифатиш Бугари во Уставот, да не осудуваш промена на историското минато на македонскиот народ, тоа е повеќе од предавство. Тоа можат да го направат само изроди. Можеш да врескаш до небо и да нудиш аргументи и факти колку сакаш, дека географската додавка „северна" не го поништува суштинското име на државата Македонија која единствена во светот го носи тоа име, дека националната припадност на Македонците не е доведена во прашање, како ни македонскиот јазик кој е признат и од науката и од Обединетите нации, на кој се напишани милиони книги и склучени сите меѓународни договори, јазик на кој зборуваат околу пет милиони луѓе и на кој ќе се зборува во Брисел во седиштето на ЕУ.

Коалиции само за сликање

Неменливоста на историјата од комисии под силен удар на партиски пропаганди и големата ѓурултија не можете да ја докажете, а уште помалку дека никој не може да прогласи крај на историјата. Човек може да помисли дека по завршувањето на работата на историската комисија во Македонија ќе престане да се истражува историското минато, односно ќе се укине историската наука. Приказните за понижувањето и за повреда на гордоста и националното достоинство ви ги бришат сите аргументи пред налетот на тревогите на инстант научници и разни пропагандисти.

Ќе бидете сместени на погрешната страна дури и кога тие што таму ве сместиле ќе ги прифатат сите овие услови и тоа ќе го прикажат како триумфална победа. Тие со години зборуваат за високата цена што понижениот македонски народ треба да ја плати за да стане членка на НАТО и на ЕУ, а никогаш не ја спомнуваат цената што веќе е платена и што уште долги години ќе ја плаќаме поради нивните блокади, што Македонија пред 20 години не стана членка на НАТО и на ЕУ. Тоа заостанување во сите сфери од животот на граѓаните и развојот на државата е вистината за најголемото злосторство во поновата историја на Македонија. Ете тоа е движење на државата во погрешна насока.

Има уште пострашни правци кои деновиве на валкана предизборна кампања стануваат сѐ повидливи, особено за чудовишните наводни коалиции кои служат само за сликање и покажување мускули. Тоа се носителите на идеите за одземање на веќе стекнати права во меѓуетничките односи, што во некои средини предизвикува воодушевување конечно да се биде свои на своето. Се бараат повторно над 60 пратеници за конечно да се стави ред во државата, кој каде припаѓа, кој е мнозинство и кој е малцинство.

Од другата страна се возвраќа со иста мерка, што оди во правец на тоа ако вие не сакате да влезете во ЕУ, ние ќе влеземе без вас. Тоа сѐ уште не се кажува гласно, но во неколку настани со посетата на косовскиот премиер Албин Курти и главниот град Тетово повторно почна обележување на територии кој до каде е. Партиските лидери тоа можат да го сметаат како дел од предизборната кампања, но  кај жешките глави тоа останува како ветувања  кои треба да се исполнат. Затоа предизборните кампањи во Македонија сѐ уште даваат „најдобри“ резултати во кревање на температурата во меѓуетничките односи. Штом завршат изборите предизборните коалиции и приближувања ќе останат на фотографиите, а поделбата на власта ќе си оди по стариот пат. Повторно ќе се чудат тие што веруваат во ветувања, како и во сите изминати три и кусур децении, и во првите анкети ќе кажуваат дека Македонија оди во погрешна насока од нивната која е во ќорсокак. Се разбира и од мојата погрешна избрана страна, оти секогаш го застапувам истиот став дека без консензус меѓу релевантните политички партии кои не можат за ништо да се договорат, на Македонија не треба никој однадвор да и` става вето. Таа самата ќе се блокира како и досега. Ниту една нова членка на ЕУ тоа не го постигнала без заеднички став во врска со спроведување на реформите. Тие се толку тешки што, ако нема заедничка поддршка на сите поголеми политички партии, се неспроведливи. Тогаш ветата нема да стасаат од Бугарија и од Грција, туку од земјите на стара Европа, основачите на ЕУ. Ако ние не знаеме, или не сакаме да ја видиме правилната насока, тие многу добро ја знаат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи