1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Компетитивната авторитарност“ на Александар Вучиќ

Обработка: Драгослав Дедовиќ
28 декември 2023

„Натпреварот е додуша дозволен, но победникот однапред се знае“, ја опишува ситуацијата во Србија „Ноје цирхер цајтунг“. Австриски „Стандард“ пишува за „поддршката од Унгарија, Русија, но и САД на режимот во Белград.“

https://p.dw.com/p/4aezq
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Швајцарскиот весник од Цирих, „Ноје цирхер цајтунг“ донесува текст на еден од најдобрите познавачи на приликите во Србија, новинарот Андреас Ернст. Уште во поднасловот се поставува суштинското прашање: „Со притисоци, манипулации и купување гласови партијата на Вучиќ се одржува на власт. Сепак, Западот стои зад српскиот претседател. Зошто?“

Авторот најпрво го опишува текот на настаните по изборите, ги наведува  обвинувањата на опозицијата  дека изборите се украдени, а потоа пишува:

„Поголеми последици од манипулации на денот на изборите имаат  структуралните проблеми на српската демократија.  Тие принципиелно оневозможуваат чесни избори. ОДИХР (Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права) исто така констатираше дека пристапот до медиумите, кои во мнозинство ги контролира режимот, беше исклучително нееднаков. Државниот апарат, кој е полн со партиски војници, ги користи своите ресурси во полза на Српската напредна партија и го мобилизира клиентелистичкиот систем уште многу пред изборите. Политиколозите тој систем го нарекуваат ‘компетитивна авторитарност'. Натпреварот е додуша дозволен, но победникот е однапред познат.“

Во текстот се констатира следново: „Тоа што опозицискиот сојуз не можеше да го освои Белград, не е предизвикано само од апаратот на моќ на Вучиќ. Понудените алтернативи за него не можеа да убедат многу жители на главниот град. На опозицијата ѝ недостига харизматична лидерска фигура, која зад себе би ги повела граѓаните. Тоа го покажува просечната излезност од околу 60 проценти.“

„Она што го држи заедно хетерогениот собир е целта  Вучиќ да биде симнат од тронот.  Всушност, програмата (на опозицијата) е беполитички бескрвна. Фактот што една од водечките фигури, Мариника Тепиќ, сака со штрајк со глад да изнуди повторување на изборите во Белград, делува беспомошно.  Вучиќ навистина би бил последната личност која би била импресионирана  од гестот од арсеналот на ненасилен отпор“.

Авторот во текстот констатира дека поразбирлива е разочараноста на опозицијата од реакциите од Брисел и од Вашингтон. „Таму изгледа се спремаат без задршки за уште четири години власт на Вучиќ.“

„Ако мора, тој го испорачува она што треба"

Во статијата се набројуваат и критиките од Брисел во кои приближувањето на Србија кон ЕУ се условува со отстранување на нерегуларностите од изборниот процес, но и се констатира: „Нема индиции дека Вучиќ сака да ја реформира Србија за да пристапи кон Европската унија.“ 

Малку поинакви протести против „изборната кражба“ во Србија

Авторот потоа ја наведува изјавата на американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, кому „повеќе му попречиле  инцидентите на противниците на Вучиќ,  отколку неговото авторитарно владеење.“ 

На прашањето зошто е тоа така, авторот одговара: „Тоа се причини од реалната политика, поради кои Американците сметаат на Вучиќ. Тој е оној со кој сакаат да го спроведат процесот на нормализација на односите со Косово. Тоа значи фактичко признавање на бившата покраина како соседна држава. Вучиќ го одолговлекува тој процес колку што може. На крајот на краиштата, тоа му е адут во рацете кон Западот. Меѓутоа, ако мора, тој го испорачува тоа што треба.“ Во текстот се наведува и примерот со попуштање во спорот околу автомобилските таблички и се потсетува дека истиот спор летоска доведе до судири и зголемување на борбената готовност на српската војска, а сега сѐ оди глатко.

Притоа, според авторот, во Вашингтон и во Брисел не се осврнуваат премногу на пропагандистичките пароли кои  на опозицијата ѝ префрлаат „мајданизација“,  зборуваат за странско мешање, јавно ги величаат руските тајни служби. „Повикувањето на надворешниот непријател е позната техника на владеењето на Вучиќ.“ 

Србија не испраќа сигнали дека сака влез во ЕУ

Виенски „Стандард“ исто така посветува доста простор на постизборните случувања во Србија. Авторката Аделхајд Велфл прво ги опишува познатите факти,  протестите на студентите и на опозицијата,  апсењата и реакциите. Потоа напоменува дека студентите, потпомогнати од трубачи во костими на Дедо Мраз, пронашле „креативни начини за протестирање“. 

Во текстот се потсетува на ставот на набљудувачката мисија на ОБСЕ која ден по изборите официјално објави дека  на изборите и во текот на кампањата  постоела „злоупотреба на јавни средства, недоволно разграничување меѓу јавни функции и предизборни активности, како и заплашување и притисок врз бирачите, но и случаи на купување на гласови.“

Во текстот се наведува и наодот на ЦРТА дека постои основано сомнение дека дошло до организирана миграција на избирачи која решавачки влијаела врз исходот на изборите. Се напоменува и дека претставниците на Советот на Европа на почетокот на идната година ќе дојдат во Србија на разговори околу подобрување на изборниот процес.

„Режимот кој владее авторитарно,  има поддршка од Унгарија и од Русија, но и владата на САД стои цврсто зад Вучиќ“. Авторката наведува дека од времето кога австриски премиер беше Себастијан Курц, австриската влада има посебно близок однос со режимот на Вучиќ, но и дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека ваквите нерегуларности се неприфатливи за земја која е кандидат за членство во ЕУ.

„Српската влада во последните неколку години во никој случај не испраќаше сигнали дека воопшто сака во ЕУ. Сепак, Унијата ѝ помага на Србија со стотици милиони евра од даночните обврзници во ЕУ“, заклучува виенски „Стандард.“