1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГрција

До каде ќе оди ескалацијата меѓу Турција и Грција во Егејот?

Димитра Кирануди
10 септември 2022

Тензиите меѓу Грција и Турција во Егејот и во југоисточен Медитеран се засилуваат. Не претстои војна, но ситуацијата е загрижувачка, вели германскиот експерт за Турција, Гинтер Зојферт во разговор за ДВ.

https://p.dw.com/p/4G1JH
Турскиот претседател Ердоган набљудува воени вежби на турската армија во Егејското море во јуни 2022 година
Турскиот претседател Ердоган набљудува воени вежби на турската армија во Егејското море во јуни 2022 годинаФотографија: Turkish Presidency via AP/picture alliance

Дојче веле: Г-дине Зојферт, во односите меѓу Грција и Турција нема деескалација. Колку сериозно треба да се сфати ставањето под прашање на грчкиот територијален суверенитет во Егејот од страна на членови на турската влада? 

Гинтер Зојферт: Среднорочно треба сериозно да се сфати ставањето под прашање на суверенитетот на големи грчки острови во Егејското Море затоа што тука имаме став кој го дели и турската влада и опозицијата. Краткорочно не гледам опасност од ескалација. Турција се обидува во моментов да ги закопа копјата со други земји од регионот на источен Медитеран, така што ескалација на островите би била контрапродуктивна.

Турција одново започна со дупчења за истражување на природните наоѓалишта во југоисточен Медитеран. Иако бродот Абдулхамид Хан се наоѓа во турски води, постои загриженост. Дали е тоа закана за војна? 

Дупчења во грчките економски зони бездруго би биле провокација, дури и ако не ја загрозуваат директно сувереноста на Грција. Во 2020 Турција во ексклузивните економски зони на Република Кипар вршеше такви ископувања и ја стави под прашање економската зона на Грција на Крит. Република Кипар, Грција и соседните држави сѐ повеќе се навикнуваат дека Турција создава факти. Средно- и долгорочно тоа е многу спорно. Но, не мислам дека сега би можело од тоа да настане војна.

Експертот за Турција од германската фондација Наука и Политика од Берлин, Гинтер Зојферт
Експертот за Турција од германската фондација Наука и Политика од Берлин, Гинтер ЗојфертФотографија: DW

Сметате дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган навистина се стреми кон ескалација со Грција и со Кипар, или е тоа само внатрешно-политичко шоу? 

Во секој случај има големо значење за домашната политика. Колку поодлучно настапува владата, толку повеќе поддршка од јавноста има во Турција, а опозицијата нема спротивен став по тоа прашање. Интересно е дека Турција со децении го толерираше милитаризирањето на егејските острови од страна на Грција и сега одеднаш од тоа прави спор. Во 2020 воопшто не се зборуваше за тоа, туку сѐ се вртеше околу Кипар и ексклузивните економски зони. Затоа не мислам дека Турција тука и де факто ќе ескалира, за разлика од случајот со Кипар. Таму од изборот на Ерсун Татар за „претседател” на северот на Кипар гледаме дека чекор по чекор се спроведува долгорочна стратегија. Ако Ердоган остане на власт и не се подобрат релациите со Европа, а попушти економскиот притисок врз Турција, сметам дека владата ќе поттикне некои држави да ја признаат Република Северен Кипар за да предизвикаат конечна поделба на островот.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок при посетата во Атина пред неколку недели зазема јасна позиција во корист на Грција и рече дека грчкиот суверенитет во Егејот е неоспорен. Како го оценувате тоа? 

Тука се поклопија две нешта: министерка од Зелените и политика на ескалација од страна на Турција во однос на грчките егејски острови. Зелените во изборната програма најавија дека во однос на Турција следат политика на цврсти принципи и дека повеќе ќе внимаваат на почитување на човековите права и правната држава. Во 2020 во кавгата меѓу Грција, Република Кипар и Турција се работеше за ексклузивни економски зони. Сите засегнати страни застапуваат максималистички позиции за ова прашање, па за Германија не беше проблем да спроведува балансирана политика. Во однос на статусот на грчките острови пак нема што да се дискутира. Тука министрите за надворешни работи од европските земји може само да посочат дека припадноста на островите кон Грција секако не смее да биде ставена под прашање.

Дали се забележува општа промена во германската политика спрема Турција? 

Интересите не се суштински променети. Владата и натаму има голем интерес да одржува добри релации со Турција. Двете земји економски, социјално и политички се многу поврзани. Веројатно ниту Германија, ниту Турција немаат со било која друга земја толку разнолики врски колку што имаат меѓусебно. Промена има само на функцијата министер за надворешни работи, кој сега доаѓа од редовите на друга партија со други програмски определби. Истовремено внатрешнополитичката ситуација во Турција е заострена , а демократијата и човековите права се во уште полоша состојба од претходно. Освен тоа Турција се подготвува за нов поход во Северна Сирија.

Карта на грчките и турските острови во Егејското море
Карта на грчките и турските острови во Егејското море

Дали Германија прави грешки во тоа како го третира спорот меѓу Грција и Турција? 

Не мислам дека држењето на владата во минатото било голема грешка. Секако може да се дебатира околу испораката на компоненти за подморници. Таа тема е спорна како во Германија, така и во Грција.

Дали Анкара и покрај тоа ќе ги добие германските компоненти за подморници? 

Јас претпоставувам дека тие ќе бидат испорачани. Тоа е одлука донесена од претходната влада. Не забележувам ништо што би укажало на тоа дека ќе се ревидира таквата улога.

Грешат ли Грција и Кипар во пристапот кон Турција? 

Грција може да предложи да го намали своето воено присуство на островите во Егејското Море, ако Турција истовремено го намали бројот на припадници на својата армија во Егејот и ја промени агресивната реторика. Се работи за градење доверба. Според мене Република Кипар направи две грешки: ја прокоцка довербата од турските Кипрани, поради што тие се вртат кон Анкара. Освен тоа, предолго го блокираше процесот на зачленување на Турција во ЕУ. Сега кога Турција веќе и не сака да и се приклучи на Унијата, ЕУ нема големи средства за притисок врз Анкара.

Гинтер Зојферт, роден во 1955 година, е дипломиран социолог и автор на бројни книги и публикации за Турција, како и раководител на Центарот за применети турски студии при Берлинската фондација за наука и политика.