1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коруптивно-шпионски скандал во срцето на Европа

16 декември 2022

Скандалот е доказ во очите на арапските, азиските и северноафриканските автократии, дека Европа е политички корумпирана, уморна и слаба, дека ЕУ-институциите се на пазар и за продажба. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4L2Ga
Неколку стотици илјади евра пронајдени од белгиските иследници во хотелска соба во рамки на истрагата на скандалот
Неколку стотици илјади евра пронајдени од белгиските иследници во хотелска соба во рамки на истрагата на скандалотФотографија: AFP

„Катаргејт“, корупцискиот скандал во Европскиот парламент, во кој покрај сега разрешената потпретседателка на Европарламентот е вмешана семејна клика од поранешни европратеници и поранешни вработени во ЕП од Италија - не е веќе само тоа. Може да го наречеме „Евроскандал“, кој полека се претвора во вистинска шпионска приказна. Тоа што е сигурно е дека не станува збор за обична приказна на корумпирачи и корумпирани.

По признанието на Франческо Џорџи, партнерот на сега веќе поранешната потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, и „човекот за сѐ“ на екс европратеникот Пјер Антонио Панцери, јасно е дека станува збор за добро разработен и организиран систем. Систем и организација која имала свои режисери, кои не седеле само во моќните палати во Доха, Катар, туку и во оние во Рабат, Мароко. Невладината организација „Борба против неказнивоста“ на Панцери, служела како каса-прими не само за шеиците од Заливот, туку и за моќните и ефикасни марокански тајни служби, кои така пронашле начин како да влијаат, да ги насочуваат или спречуваат одлуките и гласањето на органот кој е највисок израз не европската демократија – Европскиот парламент.

Влијанието не се однесувало само на одлуки поврзани со темата за работничките права во Катар, туку и околу спорот помеѓу Мароко и популацијата Сахрави на фронтот Полисарио поврзан со оспорената Западна Сахара. Две различни земји, од два различни дела од светот, во Европскиот парламент откриле не само канал за корумпирање, туку и добиле повратни услуги и ефектно го ставиле во промет системот за поткуп и перење пари, според реконструкцијата на белгиски „Le Soir“ и италијанската „la Repubblica“.

Ако е точно она што Џорџи го тврди во своето признание, благодарение на средствата ставени на располагање во невладината организација на Панцери, во „системот“ бил вклучен уште еден европратеник од италијанската Демократска партија (ПД), Андреа Козолино, но и белгиските европратеници Мариа Арена и Марк Тарабела (моментно не се дел од кривичната истрага), како и италијанските Алесандра Морети и Брандо Бонифеи, членови на групата на социјалисти и демократи во ЕП.

Ева Каили и Франческо Џорџи (16.06.2020)
Ева Каили и Франческо Џорџи (16.06.2020)Фотографија: Apostolis Papanikolaou/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Улогата на мароканските тајни служби

Откривањето на оваа коруптивно-шпионска приказна почнува пред 5 месеци. Белгиските 007 во соработка со други европски разузнавачки служби (најмалку 5), доаѓаат до сознание дека постои „мрежа“ која работи во корист на Мароко и Катар. Белгиските обвинители веќе извесно време ги прислушувале телефоните на осомничените, па оттука и самото обвинение издава колку шемата или „системот“ на Панцери бил детално испланиран. Секој чекор и секоја постапка на обвинетите бил раководен со цел да се воспостават активности на мешање во седиштата на ЕУ, и во клучните позиции на европските институции, особено во Парламентот. Односно, не станува збор за банален случај на мито и корупција со цел да се купи наклонетоста на некој европарламентарец или бриселски функционер, туку да се влијае врз самата природа на европските институции и нивните фрагилни одлучувачки процеси. Истрагата ќе покажа дали влијанието и мешањето во работата на Европарламентот го користеле само Мароко и Катар. Имено, според одредени грчки медиуми, се зборува дека се вмешани дури 60 европратеници.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Целта на Мароко била ЕУ да не се меша или да не го попречува нејзиното освојување на Западна Сахара и да има што е можно помалку проблеми од аспект на миграциските движења. Тука, најмногу преку „системот“ Панцери, влијаела токму државата Мароко. Средби, разговори и вечери со највисоките преставници на тајните служби на Рабат (Дгед), била константата на овој систем. Панцери и бандата биле „врзани“ од висок службеник на „Дгед“, стациониран во Рабат. Станува збор за Белхарас Мохамед, кој можел да се потпре и на посредничката улога на мароканскиот дипломат сместен во Варшава, Абдерахим Атмун. Што значи дека станувало збор за комплетно државна махинација, каде според белгиските тајни служби и бриселското обвинителство, нема никаков сомнеж дека Панцери и бандата соработувале со мароканските тајни служби. Дипломатот од Варшава ја играл клучната улога и од него сите примале наредби. Но, работата оди уште подалеку - Панцери, Џорџи и Козолино имале директни средби со Мансур Јасин, генералниот директор на мароканските разузнавачи. Темата на разговорите била поврзана со стратегијата околу Европарламентот и како да се влијае врз неа. Џорџи служел како „агент“ на Панцери или барем така го користеле Мароканците, додека Панцери и Козолино го раководеле договорот, како Мароко да се меша во работата на ЕУ.

Катар го користел мериозниот „Алжирец“

Системот на функционирање на Катар не е ништо поразличен, правилата на игра во суштина се истите. Како и целите. Во овој случај целта на Доха е да ги направи прифатливи своите постапки и процедури во однос на работниците. Особено кога станува збор за работниците употребени за изградба на Светското фудбалско првенство, како и оние искористени за организација на настанот. Катарските власти биле дури и подиректни од мароканските. Не ги користеле директно шпионите, туку самата Влада. Средбите се одржувале со катарскиот министер за труд Бин Самик ал Мари, како и со помош на една мистериозна личност со име Бетахар. Прекарот му е уште помистичен: „Алжирецот“. Секако, според истрагата, Катар ја немал истата мотивација како Мароко. На Катарците им било најважно да се запази нивниот имиџ и да добијат соодветен позитивен ПР кога станува збор за граѓанските и политичките права.

Канцеларијата на Ева Каили во Европскиот парламент е запечатена
Канцеларијата на Ева Каили во Европскиот парламент е запечатенаФотографија: Jean-Francois Badias/AP/dpa/picture alliance

Според истрагата, нема сомнежи дека Панцери и Џорџи парите ги делеле фифти-фифти. Остатокот бил за соработникот на невладината на Панцери, Николо Фига -Таламанка. Парите, во случајот на Катар, биле примани на два начина: преку сметките на невладината организација, или пак директно во кеш. Или пак преку подароци - се споменуваат часовници, па дури и вила на планина. Кога финансиери биле Мароканците, тогаш воопшто не се внимавало на никаква дискреција: кешот бил пренесуван во кеси или во торби преку посредништво на дипломатот од Варшава, а потоа завршувал во Брисел.

Срам со невидени димензии

Проблемот што се наметнува од овој коруптивно-шпионски скандал е двојно трагичен. Прво, тука е моралниот аспект, срамот и штетата по европските институции, особено Европарламентот. Особено поразителен е фактот дека високи преставници на левицата во Италија, Грција и Белгија, европратеници од редовите на Социјалистите, прифатиле мито и поткупување од режими и недемократски држави. Во случајот на Панцери, срамот е со невидени димензии. Поранешен синдикалец и борец за работнички права, левичар и поранешен европратеник, човек кој отвора невладина за човекови прави, со цел да огранизира систем и шема која се залага против правата на работниците и во име на режимите кои ги експлоатирале. Употребата на социјалдемократски идеи во интерес на оние кои ја газат правната држава и човековите права е можеби најголемата хипокризија на светот. Етичкото прашање кај европската левица денес е поургетно од кога било и за него повеќе од кривична одговорност, важна е одговорноста пред електоратот, кој со право нема веќе да верува во многу, или во ниеден од преставниците на европската левица.

- повеќе од авторот: Нормализација на корупцијата

Но, тој личен, партиски или идеолошки интегритет многу помалку значи од атакот кои овие личности го имаат дозволено од страна на странски автократии врз интегритетот на европската демократија. Тука проблемот не е толку во обидите на катарските шеици или мароканските шпиони да го пробијат политичкото срце на Европа, колку во успешноста дека наишле навистина на луѓе подготвени да ја реализираат таа нивна кладба. Парите пронајдени кај Џорџи и Панцери, во торбата на таткото на Ева Каили, се доказот во очите на арапските, азиските и северно-африканските автократии, дека Европа е политички корумпирана, уморна и слаба. Дека институциите на ЕУ се на пазар и за продажба. Дека нејзините функционери и скапо платени бирократи се без кредибилитет и алчни. Дека вредностите и принципите за кои Европа се залага со децении можат да се погазат со неколку стотици илјади евра.

Скандалот фрли голема дамка врз имиџот на Европскиот парламент
Скандалот фрли голема дамка врз имиџот на Европскиот парламентФотографија: Jean-Francois Badias/AP/dpa/picture alliance

Лошата работа е што е речиси невозможно направената штета да се поправи во кратко време. Ќе биде потребен еден сериозен, долг и ригорозен процес на преиспитување на целата пракса, на контролните механизми, на селекција на кадрите и персоналот, на целата бриселска бирократија. Скандалот долго ќе се памети и ќе биде искористен од сите оние, а во прв ред од десницата, кои и онака агитираат против ЕУ и фрлаат сомнеж врз нејзините политики и институции, како што правилно нотира Барбара Везел за Дојче Веле.

- повеќе од авторот: Кина е соочена со дилеми, изолација и внатрешни немири

Да се мисли дека овој скандал ќе се надмине повикувајќи се на неколку расипани јаболка, без да се преиспита болеста која ја има зафатено целата раководна класа, е бедна илузија. Овој скандал допрва ќе се расплетува и којзнае што допрва ќе произлезе од сознанијата на белгиската и другите европски разузнавачки служби.

Во 1999 година, поради случај на корупција, падна раководството на Европската комисија предводена од Жак Сантер. Тоа беше огромен скандал за ЕУ, пред сѐ за Комисијата и тогаш Европарламентот ја водеше битката за легалност и правдина, нешто што го зајакна и авторитетот на оваа институција. Денес, токму Парламентот е во слична, ако не е и пострашна ситуација, да важи за корумпиран и валкан и да излезе со скршени коски од овој последен европски скандал.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.