1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски до Радев: Преговараме со ЕУ, а не со Бугарија

ДТЗ
18 мај 2023

Откако ќе бидат составени амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав, му порача Ковачевски на бугарскиот претседател Румен Радев

https://p.dw.com/p/4RXtp
Димитар Ковачевски
Откако работната група за уставни измени ќе ги состави амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав, му порача премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: Government of North Macedonia

Откако работната група за уставни измени ќе ги состави амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав, му порача премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот претседател Румен Радев кој денеска упати жестоки критики за земјата.

Радев на годишната Конференција на началниците на одбраните од балканските земји во Софија изјави дека „Владата на Република Северна Македонија може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“. Неколку часа подоцна Ковачевски од Скопје му одговори дека амандманите кон Уставот се дел од Преговарачката рамка со ЕУ. 

„Ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија, и затоа сметам дека тоа е нешто што ќе тече како процес и е нешто што треба да се случи со оглед на тоа што граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на ЕУ“, рече Ковачевски. 

Тој потсети дека веќе се води дискусија во рамки на работната група за подготвување на уставните амандмани. „За жал, во ниту еден важен процес не учествуваат претставници од опозицијата. Јас лично сметам дека имаме приоритет овој пат да ги исполниме обврските што произлегуваат од Преговарачката рамка, а која е прифатена од страна на Собранието со заклучоците за коишто гласаше и Алијанса за Албанците, меѓутоа да видиме како ќе се одвива дискусијата. Сепак сметам дека треба да се држиме до она што е приоритетно, а тоа е отворање на поглавјата и продолжување на патот на државата кон полноправно зачленување во ЕУ до 2030 година“, рече Ковачевски во Скопје, одговарајќи на новинарски прашања.  

Румен Радев бугарски претседател
Румен Радев рече дека Северна Македонија може да каже дека гради модерно општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во УставотФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Исполнување на обврската 

На исполнувањето на обврските од Преговарачката рамка со ЕУ и внесувањето на Бугарите во Уставот денеска се осврна и претседателот Стево Пендаровски. Тој во обраќање на панел-дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, рече дека приоритет во овој момент е да се исполни обврската што ја презема земјата прифаќајќи ја Преговарачката рамка.

„Таа обврска е јасна и неспорна и таа обврска треба да ја завршиме со вклучувањето во Уставот, на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија за етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кои беа вклучени претходно и другите делови од народи кои живеат кај нас. Во овој процес ќе вклучиме и други делови од народи и со тоа, уште еднаш, ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници и мултикултурализмот во македонското општество се наша специфика со која се гордееме, а не се срамиме“, рече Пендаровски на дискусијата организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“.