1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Mалото девојче“ наполни 50 години

24 март 2010

Поп-пејачката Нена го слави својот 50 роденден. Со хитот „99 балони“ во 80-те години стекна слава и стана симбол за музичкиот правец - Нов германски бран.

https://p.dw.com/p/Mah1
НенаФотографија: Haus der Geschichte/Bonn

На 24 март 1960 година во Хаген се роди Габриеле Сузане Кернер. За време на еден одмор во Шпанија, кога имаше само три години, ја нарекоа Нена, малото девојче. Прекарот и‘ остана до денес и по него поп-ѕвздата е позната не само во Германија, туку ширум светот. Како никој друг Нена е симбол за Новиот германски бран и германската музика во 80 -тите години на минатиот век.

Песната „99 балони“ ја симболизира новата самосвест меѓу германските поп-музичари. Напишана беше на германски јазик пред крајот на Студената војна - период кога во Германија луѓето стравуваа од избивање атомска војна. Идејата за текстот беше на гитаристот на Нена, Карло Каргес, кој инспирацијата ја добил од концерт на Ролинг стонс во Западен Берлин во 1982 година, кога беа пуштени шарени балони во воздух. Тие ја минаа тогашната граница меѓу Западна и Источна Германија и предизвикаа параноидна реакција во Источен Берлин.

Flash-Galerie Nena
Фотографија: AP

Песната на Нена пак предизвика револуција во германската музика, така наречениот Нов германски бран - Ноје дојче веле на осумдесетите години. Кредото на овој музички правец беше: отсега ќе се пее на германски, не на англиски јазик. Од тоа на почетокот стравуваше и Нена: „Во еден момент почнав да ги пишувам првите стихови на германски и сметав дека не се толку лоши. Претходно немав храброст за тоа. Но беше лудо да се доживее: Тоа е мојот јазик. Навистина имав бариера. Но кога ја надминав ми стана јасно дека тоа е јазикот на кој најдобро можам да се изразам.“

Нена стана идол во период кога мировното движење мобилизираше стотици илјади луѓе и американската телевизиска серија „Далас“ ја обедини нацијата. Само списанието за млади „Браво“ и‘ посвети на Нена 54 насловни страници.

Flash-Galerie Nena
НенаФотографија: AP

Оригиналната песна, со која стекна слава и која за издавачите на почетокот не беше доволно комерцијална, беше објавена и на англиски јазик, сега се преработува, како детска песна или дури и за компјутерски игри.

Нена денес е мајка на четири деца, има две внучиња, и поборник е за детските права. Со актуелнит албум „Мејд ин џермани“, од април почнува роденденска турнеја низ 50 градови.

Автор: Антје Холундер/Матијас Клаус/Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска