1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарацин: Србија и Косово да покажат флексибилност

27 февруари 2023

Експертот за Југоисточна Европа, Мануел Сарацин од Зелените е специјален пратеник на германската влада за Западен Балкан. Во интервју за ДВ тој говори за шансите и за ризиците во евроинтегративните процеси во регионот.

https://p.dw.com/p/4O17p
Политичарот од редовите на партијата на Зелените, Мануел Сарацин е првиот специјален претставник на германската влада за Западен Балкан
Политичарот од редовите на партијата на Зелените, Мануел Сарацин е првиот специјален претставник на германската влада за Западен БалканФотографија: Elona Elezi/DW

Денеска (27.02.2023) во Брисел повторно ќе се состанат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти. Тема на средбата ќе биде планот на Германија и Франција за нормализирање на односите меѓу двете земји. ЕУ и САД им поставија рок до март 2023 година за да дадат согласност за планот. Тој меѓу другото предвидува двете соседни држави формално да не се признаат меѓусебно, но да го прифатат обострано нивното постоење и со тоа да отпочнат процес на нормализација налик на она што се случуваше меѓу Западна и Источна Германија врз основа на Договорот од 1972 година. Србија досега се противи да ја признае независноста на Косово која беше прогласена на 17 февруари 2008 година.

Силен сигнал за Србија и за Косово

Политичарот од редовите на германската партија на Зелените и експерт за југоисточна Европа, Мануел Сарацин, кој е и специјален пратеник на германската влада за Западен Балкан, во приложениот план гледа шанса за двете земји. „Европскиот предлог кој се базира на германска и француска иницијатива, има капацитет да ги реши најголемиот дел од проблемите меѓу двете земји. Тој може и да го отвори патот за регионална евроинтеграција”, вели Сарацин за ДВ. Тој додава дека прифаќањето на планот би било значаен напредок за двете земји во насока на ЕУ. Сега, вели Сарацин, двете земји имаат можност да покажат флексибилност и да ги прифатат предлозите. Тоа би било и позитивен сигнал за целиот регион на Западен Балкан во тешки меѓународни околности, оценува Сарацин во разговор со ДВ. Тој смета дека прифаќањето на планот нема да ги реши сите заеднички проблеми, но ќе „ќе отвори позитивен пат”, такашто за Србија и Косово конечно ќе се исплати да бидат конструктивни. Покрај тоа, ќе се поедностават многу прашања од областа на регионалната соработка, вклучително к на економски план. „Ќе се отворат многу можности да се спроведат точки постигнати во Берлинскиот процес, како и истите да се прошират”, вели Сарацин.

Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) и косовскиот премиер Албин Курти
Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) и косовскиот премиер Албин Курти

Српскиот став за војната во Украина не е јасен

Со позитивен став во однос на европскиот предлог, пред сѐ претставниците на Србија може да покажат дека се искрени во намерите „„косовското прашање да го решаваат конструктивно и со тоа веродостојно да зачекорат на патот на евроинтеграцијата”, вели Сарацин. Така може да се изгради сосем нова доверба „дека човек може да се потпре на српската политика”. Тоа може да биде силен сигнал за оние економски протагонисти кои сега се неодлучни дали треба да инвестираат во Србија. Тоа е важно и земајќи во предвид дека многумина не се сигурни каква е позицијата на Србија во однос на војната во Украина. „Ние секако и натаму очекуваме Србија, како што впрочем стои и во Договорот за стабилизација и асоцијација, чекор по чекор да се приближува кон заедничката европска надворешна политика и потоа целосно да и се приклучи”, вели Сарацин.

„ЕУ треба јасно да ѝ ги кажува работите на Србија"

Кој сака да пристапи во ЕУ, мора да ги носи и европските одлуки. „Во тој поглед ни недостига било какво поместување”, критикува Сарацин. Тој апелира до ЕУ да биде јасна во однос на Србија. Искреност е подобра отколку “пренагласување или еуфемизирање на мали чекори кои заеднички се преговараат за потоа да се преправаме дека е сѐ во ред”.

Конференција за Западен Балкан во Берлин на 3 ноември 2022 година: канцеларот Олаф Шолц (во средина), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (десно) и Мануел Сарацин (лево)
Конференција за Западен Балкан во Берлин на 3 ноември 2022 година: канцеларот Олаф Шолц (во средина), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (десно) и Мануел Сарацин (лево)Фотографија: Michele Tantussi/AP Photo/picture alliance

Сарацин го поздравува фактот дека српската влада во изминатите недели к месеци се обидела да го засили билатералниот ангажман во однос на Украина. Таквите сигнали биле примени во ЕУ. Но, истовремено во Србија и натаму се шири про-руска пропаганда. Затоа треба да има обид дебатата која се води за војната во Украина да се постави на пошироки основи. Перспективата за страдањето во Украина и за злосторствата кои Русија ги направила таму, мора многу повеќе да се стават во фокусот и да се тематизираат јавно, оценува Сарацин. „Тоа се руски воени злосторства, руски империјалистички обиди да се колонизира Украина - обиди спрема еден словенски народ, спрема Украина", вели Сарацин.

Тензична состојба во БиХ

Како специјален пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин ја следи и тензичната состојба во Босна и Херцеговина. Тој ја смета за контрапродуктивна пред сѐ актуелната жестока дебата околу германскиот политичар од редовите на ЦСУ, Кристијан Шмит, кој е Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ. Со критиките на сметка на Шмит под прашање се става и самата функција, вели Сарацин и додава дека “во актуелната геополитичка ситуација дебатата за укинување на позицијата Висок претставник за БиХ ја сметам за несовесна, па дури и опасна”.

Германскиот политичар Кристијан Шмит во моментов ја извршува фунцијата Висок претставник на меѓународната заедница за БиХ.
Германскиот политичар Кристијан Шмит во моментов ја извршува фунцијата Висок претставник на меѓународната заедница за БиХ. Фотографија: Elman Omic/AA/picture alliance

Сарацин извлекува позитивен биланс во однос на неговиот едногодишен ангажман како прв пратеник на германската влада за Западен Балкан. Пред сѐ Берлинскиот самит, трите договори за мобилност, енергетската декларација во чии рамки и Германија билатерално ставила нарасполагање голема сума финансиски средства, се според него важни сигнали. "Германската влада демонстрира јасна посветеност на европската иднина на сите шест балкански држави”, нагласува Сарацин.

Во тоа не спаѓа само барањето можни решенија за актуелните акутни кризи, туку и видливо подобрување на перспективите за тамошните општества. „На тоа сакаме да работиме ние во сојузната влада во претстојните месеци", најавува Сарацин и додава дека координиран настап со партнерите во ЕУ и со САД е предуслов за позитивен развој на Западен Балкан.