1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Merry Brexmas!

25 декември 2020

Договорот за Брегзит е тежок некои 2 илјади страници, технички комплициран и неразбирлив за повеќето и околу неговата содржина ќе се води силна пропагандна војна кој повеќе добил, а кој изгубил. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3nCsp
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Трговскиот договор помеѓу Велика Британија и Европската унија постигнат во екстремис и на само 8 дена од крајниот рок, доаѓа како подарок под божиќната елка за Британците и европејците. Brexmas доаѓа како фузија помеѓу Brexit и Christmas за британските медиуми и таблоиди кои како по навика се пресреќни да изведуваат семантички кованици од секој политички, општествен или спортски настан.

Со овој „историски“ настан формално се става крај на психодрамата која се сруши врз британското општество и Европската унија и која траеше речиси 4 и пол години од референдумот на кој британските граѓани одлучија да излезат од Унијата.

Трговскиот договор ги регулира економските односи помеѓу Велика Британија и Европската унија од јануари 2021-ва. Притоа, важно беше да се избегнат царини и да се обезбеди трговија со колку што е можно помалку проблеми. Договорот го регулира и риболовот, како и соработката во делот на енергијата, транспортот, правосудството, полицијата, науката, безбедноста, културата и многу други теми.

Во реалноста Велика Британија веќе ја напушти Унијата пред година дена, останувајќи членка само на внатрешниот пазар на ЕУ и во царинската унија. Но, евентуалното непостигнување на трговскиот договор ќе значеше тотален економски и финансиски хаос помеѓу Лондон и Брисел, воведување на царини, контроли, проблеми со Ирската граница, подем на Шкотскиот сепаратизам и еден мошне скап и проблематичен „развод“.

UK Premier Johnson zu Brexit-Verhandlungen
Фотографија: Paul Grover/REUTERS

Повеќе на темата:

-Постигната е согласност за Брегзит-трговскиот договор

-Најужасната година на Борис Џонсон

-Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос

Договорот е тежок некои 2 илјади страници, технички комплициран и неразбирлив за повеќето и околу неговата содржина ќе се води силна пропагандна војна кој повеќе добил, а кој изгубил. Џонсон како автор на оваа невозможна мисија за неговите политички претходници, веќе започна да се фали и триумфално да објаснува како Британија излегува како победник. Но, од она што досега го знаеме реалноста е дека конзервативниот и популистички лидер морал да си ги проголта сите лаги искажани за успешноста на проектот Брегзит. Штетите за Британија ќе бидат огромни, почнувајќи со пад од барем 2-3 % на БДП, односно неколку десетици милијарди фунти загуби, затоа што трговскиот договор не покрива преку 60 проценти од британската економија која зависи од услуги, особено оние финансиските.

Најголемиот бенефит за Лондон е што договорот и ветува на Велика Британија извоз на внатрешниот пазар на ЕУ без царини и ограничување на количеството, а за возврат ЕУ бара фер и конкурентски услови, притоа мислејќи на еднакви еколошки, социјални и стандарди на субвенционирање. На полето на рибарството Лондон мораше да направи сериозни отстапки, исто како и околу границата со Северна Ирска која формално и пазарно ќе биде надвор од Британија.

Треба да се биде објективен и да се признае успехот на Џонсон, но и на европскиот преговарач Мишел Барние, кој беше во улога на разбирливиот, стрплив и нежен брачен партнер, наспроти британската страна која цело време се закануваше дека ќе се спакува и ќе си замине. Џонсон излага од оваа авантура како „луд, но не и како будала“, и постигна успех за својата нација онаму каде Тереза Меј не можеше и мизерно потфрли, исто како и неговиот „пош“ партиски другар и ривал од универзитетските денови Дејвид Камерон кој само ветуваше зборови и го нарече Џонсон „кловн“. 

Во секој случај, станува збор за договор кој е наменет да ги регулира идните односи помеѓу ЕУ и ВБ и веќе е јасно дека трговскиот договор неминовно ќе претрпи и некои идни поголеми или помали измени и надополнувања.

EU PK Brexit-Verhandlungen | Ursula von der Leyen
Фотографија: Francisco Seco/REUTERS

Првата и најголема грешка која би можеле да ја направиме во оценување на овој договор е да мислиме дека станува збор за крај на една приказна. Овој договор го означува почетокот на една нова приказна во односите помеѓу Велика Британија и Европа, приказна која допрва ќе треба да се напише.

Од завршната пресконференција на Фон Дер Лајен, како и од изјавите на Џонсон може да се заклучи дека двајцата лидери дојдоа до сосема различни констатации. И тоа околу една од најклучните теми, односно, заштитата на заедничкиот пазар во Велика Британија. Џонсон ќе изјави дека: “Конечно сме слободни да носиме наши правила и закони“, додека Фон Дер Лајен кажа дека: „Постои јасен договор за оддржување на европските стандарди“. Тоа ни кажува дека и покрај обемните 2 илјади страници од договорот, се уште постои простор за различни интерпретации, кои во многу нешта се разликуваат.

Реалноста е дека овој договор ги става Велика Британија и ЕУ пред една нова раскрсница: да продолжат со една нова и функционална соработка која би била во корист на двете страни, или пак, да продолжат да си водат политичка војна како во изминативе 4 години на заморни и тешки преговори, па дури и како во годините пред тоа, кога Британија се обидуваше да ги бојкотира сите европски одлуки.

Однесувањето на Џонсон и на британскиот политички естаблишмент не оставаат многу простор за оптимизам. Тоа што доминира е чувството дека премиерот ќе се обиде да ги употреби сите легални и нелегални средства да му докаже на својот електорат, дека Брегзитот за кој тој се бореше и заради кој и стана премиер, е вистинскиот избор и дека тој ќе треба да се продлабочува. Тоа го видовме и пред некоја недела кога побара од Европската агенција за лекови Британија две недели порано да даде одобрение за вакцините. Го видовме и кога Џонсон испрати воени бродови во Северното море со цел да ги избрка холандските и француските рибарски бродови. Го видовме и кога Британија започна да потпишува билатерални трговски договори со трети земји (Македонија потпиша пред некоја недела), без претходно да биде договорен статусот на трговските односи помеѓу Британија и ЕУ.

Ќи биде многу тешко за Џонсон да им објасни или докаже на Британците дека Брегзитот во суштина е добар дил за нивната земја. Многу поверојатно е дека сега, особено после договорот, за Британија ќе почне еден исклучително тежок период, кој нема да биде лесен ни за Европа, но секако ќе биде многу потежок на другата страна од Ламанш.

Британија е столчена од ковид кризата и тешко дека овој договор ќе биде во состојба да го подигне духот на нацијата. Само вчера имаа 39 илјади нови случаи и 744 жртви. Во исто време живеат вистинска хорор недела помеѓу домашни рестрикции, новата агресивна варијанта на вирусот и суспендирањето на авионските линии од преку 40 држави, како и затворањето на границата кај Довер со преку 10 илјади блокирани камиони.

Потоа тука е шкотската главоболка, која и понатаму планира независност од Англија. Шкотската премиерка, откажувањето од програмата Еразмус го нарече „културен вандализам“, и потсети дека Брегзитот се случува спротивно на шкотската волја. Премиерката Стургеон додаде дека е дојдено време Шкотска да ја исцрта сама својата иднина како независна, европска нација. Впрочем, токму Шкотска ќе биде најпенализирана во својот, пред се, земјоделски извоз.

Договорот останува да биде и формално одобрен, од амбасадорите на ЕУ членките, од Европскиот парламент и следната недела преку гласање во Вестминстер. Ангела Меркел го поздрави договорот за кој смета дека поставува нови основи во односите со Велика Британија, и најави дека Германија за кратко време ќе биде во состојба да каже дали Берлин и официјално може да го поддржи.

Овој договор е пред се успех за германската канцеларка. После договорот за Планот за Закрепнување на ЕУ, договорот за Брегзит е втор голем успех и уште еден дел од големото политичко наследство на нејзиното владеење и предводење на ЕУ.