1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања за светски заговор околу уставните измени

ДТЗ
24 август 2023

Пред најавената посета на заменик - помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар во Скопје, власта и опозицијата се препукуваат дали има или не притисок од надвор за уставните измени.

https://p.dw.com/p/4VXDk
Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Владата не можејќи да ги испорача обврските кои ги презела, сега коленичи пред светот и бара да се изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за да остане на власт, но во тоа нема да успее, зашто нашите ставови се конзистентни, порача во четвртокот партискиот лидер, Христијан Мицкоски пред најавената посета на заменик - помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар во Скопје.

Ова е вторпат како Мицкоски обвинува дека сили однадвор  вршат притисок за уставните измени. Тој во вторникот во Кичево (22.08) рече дека светот прави планови и стратегии како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ, но дека водат силна борба и нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат.

Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот му порача оти теориите дека се работи за светска завера не им одат во прилог на граѓаните и државата, освен на политичката кариера на тој што ги пласира.  

Брзи избори без техничка влада 

Мицкоски вели дека е можно да има нова лидерска средба, а дека на маса сега има само една опција - брзи парламентарни избори без техничка влада. 

„Во минатото многу работи ставивме на маса. Пред повеќе од една година, буквално се беше на маса. Но, тие ништо не успеаја да направат. Исто така, во овие година дена континуирано, и покрај тоа што никој не не прашуваше кога се правеше тој договор, ние нудевме потенцијални решенија, како што е хрватски модел, одложено дејство... Но, сега нема ништо повеќе на маса, само една работа - лидерска средба околу датумот за предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски на увид во градежните активности на изградба на спортски терен во населбата Ченто. 

Обвинувања за плагијат 

Тој владината кампања која што беше најавена за уставните измени, а ќе стартува на 30 август, ја оцени како плагијат. „Нема ништо оригинално во Владата на СДСМ и ДУИ. Станува збор за нешто веќе видено во Европа. Најмалку што имаат право овие политички измамници е да се повикуваат на Европа. Се додека се претставуваат како промотори на европските вредности, кредибилитет на Европа во очите на граѓаните ќе опаѓа. Тука и европските дипломати имаат можност да интервенираат кај Владата да не ја злоупотребуваат Европа. Владата прави се што е спротивно на европските вредности“, рече Мицкоски. 

Габриел Ескобар
Што ќе донесе посетата на Габриел ЕскобарФотографија: AP Photo/picture alliance

Премиерот Димитар Ковачевски е зачуден од изјавите на лидерот на опозицијата. „Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија.  Такво нешто слушавме и во минатото. Се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците, меѓутоа ние после тоа се уверивме дека тоа не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа“, рече Ковачевски.

Според него, неносењето одлуки единствено може да не остави во чекалната, за што и сами кажаа дека биле подготвени да чекаат. Тој е дециден дека „не смееме да дозволиме Албанија, Србија и Црна Гора да отидат пред нас, бидејќи во тој случај остануваме со Босна и Херцеговина и со Косово“. 

Што ќе донесат средбите со Ескобар? 

Со заменик-помошникот на САД Габриел Ескобар, кој ќе биде во дводневна посета на земјата, Ковачевски ќе се сретне во петок (25.08). „Тој е исклучително информиран човек во однос на случувањата и на билатерално и на регионално ниво и ќе разговараме токму за национални, билатерални и регионални прашања од интерес на Северна Македонија“, рече Ковачевски.  

За Мицкоски е важно секој кој доаѓа во нашата држава, без разлика од каде доаѓа, да има добра намера и да ги слушне нивните аргументи. „Она што е важно и што треба секој да го знае е дека Владата на ДУИ и СДСМ го изгуби кредибилитетот и таа е единствената пречка за интеграција на Македонија во ЕУ. Колку побргу ова го сфатат, толку побргу ќе се придвижат работите напред. Брзи парламентарни избори се единственото решение ако сакаме да се движиме напред. Се останато е дополнително тапкање во место“, рече Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема