1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафтата за затоплување - ризик за здравјето на децата

ДТЗ
16 октомври 2023

Дел од училиштата користат нафта или екстра лесно гориво за загревање што се едни од најтоксичните начини за загревање каде што децата директно се изложени на отровен воздух. Потребно е итно решавање на овој проблем

https://p.dw.com/p/4Xa9Y
загадување Скопје
Потребни се итни мерки за да се спречи енормното загадување во Скопје во текот на зимските месеци Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Нафтата и оваа зима ќе чади од оџаците на неколку скопски училишта и ќе го загадува воздухот. Во некомплетниот регистар за А и Б интегрирани дозволи стои дека сѐ уште има објекти како училишта што користат нафта или екстра лесно гориво за загревање што се едни од најтоксичните начини за загревање каде што децата директно се изложени на отровен воздух.

Станува збор за училишта во Драчево, Ѓорче Петров, Сарај и Шуто Оризари, но и други објекти под надлежност на Град Скопје коишто ќе користат нафта, дрва или други загадувачки горива за загревање. Поради тоа се бара нивно итно префрлање на системот за загревање на струја (во комбинација со поставување на фотоволтаици на покривите) или приклучување на градско парно.

Ова е само еден од предлозите на Граѓанската иницијатива Зелен хуман град, која што поднесе иницијатива до Град Скопје со цел намалување на аерозагадувањето во градот. Членовите на Советот, Драгана Велковска и Горјан Јовановски – претставници на Граѓанската иницијатива Зелен хуман град, бараат јавен регистар на правни лица кои работат без Б-интегрирана дозвола, пет нови инспектори за животна средина и три возила за Инспекторатот, замена на начинот на греење на сите објекти кои се во сопственост или надлежност на Град Скопје и користат загадувачки горива, како и 10 градски биокомпостари. Тие предлагаат и субвенции за фотоволтаични системи и енергетски ефикасни фасади за индивидуални домаќинства, како и високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај. 

Итни мерки 

Зелен хуман град бара Советот да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во скопската котлина. Тие прогнози да се користат за предвремено дејствување со цел заштита на населението во Скопје.

Во иницијативата се бара и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145 од Правилникот за урбанистичко планирање – три
метри (соодветно за ограничувањето во населени места 50 km/h), како и  забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје.

„Пластиката за еднократна употреба е исклучително штетен вид пластика, со изразено високо ниво на токсичност при распаѓање или горење на депониите. Од друга страна, таа е многу присутна (прибор за јадење, чинии за пакување со фолија, чинии за јадење, кутии за колачи, чаши, чашки за кафе и слично), па со нејзиното исфрлање би се направила огромна позитивна разлика“, укажуваат иницијаторите. 

загадување Скопје
Некои училишта користат нафта или екстра лесно гориво за загревање што се едни од најтоксичните начини за загревање каде што децата директно се изложени на отровен воздух.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Долгогодишен проблем 

Загадувањето во Скопје е проблем кој се провлекува со години, а најизразен е во зимските месеци. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе може да се најде решение за овој долгогодишен проблем.

Зелен хуман град предлага и мерки за третман на отпадот според концептот „нула отпад“, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување во реално време и инспекциски надзор за контрола на загадувачите.

Загадувањето - причина за смртност

Загадувањето на воздухот предизвикува 17 до 19 проценти од сите смртни случаи во оние населени места каде што воздухот е најзагаден. Долготрајната изложеност на загаден воздух ги погодува речиси сите возрасни групи, но како најризична група се децата кај кои загадувањето влијае на намалување на коефициентот на интелигенција, зголемување на стапката на АДХД синдром и зголемување на стапката на аутизам. 

Анализата на „Гардијан“ заснована на европски податоци за квалитетот на воздухот неодамна покажа дека Скопје е едно од европските жаришта за ПМ-2,5 честичките.

Податоци на Европската агенција за животна средина од минатата година покажаа дека лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.

Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број на предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје. 

Аерозагадување - новиот симбол на Балканот

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема