1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема веќе брзи кредити на „жими мајка“

ДТЗ
15 април 2024

Со новиот Правилник на Министерството за финансии нема веќе да се дава брз кредит онлајн и со туѓи документи. Но, интернетот е пак преплавен со реклами за брзи кредити со само еден клик.

https://p.dw.com/p/4elul
брзи кредити, позајмици, пари
Нема повеќе брзи кредити на „жими мајка“Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

Новиот Правилник којшто деновиве го донесе Министерството за финансии, треба да го реши хаосот со брзите кредити, коишто им создаваат бројни проблеми на граѓаните. Со Правилникот за утврдување кредитен ризик ќе се врши системска контрола во работењето на финансиските друштва во земјата, кои повеќе не ќе можат да даваат брзи кредити без физичко присуство на клиентот и во туѓо име што доведе до бројни злоупотреби на граѓаните. Но, и покрај ваквиот правилник, компаниите коишто издаваат брзи кредити и понатаму се рекламираат дека нудат поволни услови за земање брзи кредити со само еден клик на интернет. 

„Поволни онлајн кредити на рати од 3.000 до 120 илјади денари; Апицирај веднаш; Минимална документација и брзо аплицирање и одобрување; До 200 илјади денари за само 30 секунди“, ова се само дел од понудите на неколкуте компании регистрирани за издавање брзи кредити, за кои, според Правилникот на министерот Фатмир Бесими, во иднина почнуваат да важат нови правила за работа. 

Проверки и нови правила 

Идејата е овие финансиски друштва да не можат да издаваат брзи кредит онлајн, само со фотографии од лична карта која може да биде украдена или злоупотребена на друг начин. Се предвидува идентификација на барателот и негово задолжително физичко присуство, ако барателот не ги прима парите на сметка, туку сака да бидат уплатени директно во некоја продавница. Ако барателот ги прима на своја жиро сметка, тоа ќе оди со електронска проверка, со строго утврдена процедура.

Во Правилникот кој беше донесе минатата недела, се наведува дека „финансиското друштво нема да одобри потрошувачки кредит по електронски пат на физичко лице, ако некој податок во апликацијата или во доставените докази се разликуваат од податоците од член 13 став 2 од овој правилник, кои се дел од кредитното досие. Ако во моментот на физичката идентификација клиентот нема изразено намера да аплицира електронски, при што не ги навел податоците од член 13 став 2 алинеи 5 и 6 од овој правилник, а потоа аплицира електронски, финансиското друштво нема да одобри потрошувачки кредит по електронски пат“. 

Преплавени од претставки 

Народниот правобранител во повеќе наврати изминатиот период алармираше дека е потребна засилена контрола при издавањето брзи кредити, со оглед на тоа дека бројни граѓани се жртви на измами и често мораат со големи камати да плаќаат туѓи долгови. 

Народниот правобранител, Насер Зибери, во гостување на Студио 10, вели дека се преплавени од претставки од измамени граѓани. 

Насер Зибери
Народниот правобранител Насер Зибери вели дека се преплавени од претставки од измамени граѓаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во делот на работењето на финансиските друштва минатата година бевме преплавени со претставки. Имаше многу случаи каде неколкукратно се зголемуваа обврските на граѓаните кон финансиските друштва во споредба со кредитот кој го имаа искористено. Имаше и многу подраматични ситуации, каде на лице со попреченост му беше украден идентитет и е задолжено“, вели Зибери. 

Со тоа граѓаните биле ставени во крајна неповолна ситуација. „Упативме апели, иако немаме директна надлежност, баравме да се пристапи кон измена на законот за финасиските друштва. Побаравме да се лимитираат трошоците кои ги наплатуваат финансиките друштва. Да се лимитира каматата која ја наплатуваат при доцнење на кредитот. Апелиравме на одредби кои ќе го ограничуваат начинот на одобрување на апликантите за кредити и еден процес на едукација на вработените во финасиските друштва во контакт при работа со клиенти. Не е само да се има интерес за приход, туку и да им се помогне на апликантите. За среќа, Собранието го измени Законот за финасиско работење и ги примени нашите препораки кои ги испративме“, вели Зибери. 

Измамени граѓани 

Собранието во август минатата година ги усвои измените на Законот за облигациски односи и на Законот за извршување, со што стави крај на „должничкото ропство“ на граѓаните, кои често беа доведени во ситуација да плаќаат казнена камата, која го надминуваше и износот од главниот долг. На овој начин драстично се  намалија вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да бидат поголеми од 60% од кредитот. Со ова се стави крај на праксата со која за брз кредит од 10.000 денари граѓаните досега враќаа и по 70.000 денари. 

МВР лани само за половина година имаше евидентирано 65 пријави на измамени граѓани. Проценките изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити. Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Заклучно со 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица.