1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

Судот го укина законот на Нетанјаху, власта критикува

ЖА
2 јануари 2024

Врховниот суд на Израел укина дел од правосудната реформа со која владата на Нетанјаху сакаше развластување на судот. До нападот на Хамас, тоа беше главна тема во земјата и предизвика протести на стотици илјади граѓани.

https://p.dw.com/p/4anAJ
Масовни протести во Израел против спорната реформа на правосудството на Нетанјаху, архива
Масовни протести во Израел против спорната реформа на правосудството на Нетанјаху, архиваФотографија: MENAHEM KAHANA/AFP

Врховниот суд на Израел собори клучен дел од реформата на правосудството, која беше приоритетен проект на власта на Бенјамин Нетанјаху и поради која минатата година демонстрираа стотици илјади Израелци.

Одлуката на судот е донесена со тесно мнозинство, за неа гласале осум од петнаесет судии. Со промената на законот Нетанјаху сакаше на судот да му ја одземе можноста да реагира на „несоодветни“ одлуки на владата, на премиерот или на министрите.

Израелската опозиција во законот гледаше  напад врз независното правосудство  и начин владата ширум да си ја отвори вратата за корупција за која никој не би можел да ја гони.

Владиниот кабинет на Нетанјаху  пак аргументираше дека правосудството во Израел има прешироки овластувања во однос на извршната власт и дека е неопходно да се воспостави рамнотежа.

Поделба во општеството

Во одлуката со која Врховниот суд ја поништи оваа законска одредба, наведено е дека ваквата реформа на правосудството „и` нанесе неспоредлива штета на клучната карактеристика на Израел како демократска држава“.

Обидот на Нетанјаху  да го ослаби правосудството  минатата година изведе стотици илјади луѓе на улиците, во  веројатно најмасовните протести  во историјата на Израел. Дојде и до  судири со полицијата,  штрајкови, обидите за посредување од САД пропаѓаа.

Понова анкета покажува дека општеството е поделено – 46 проценти од граѓаните се противат на реформите, 35 проценти биле на страната на Нетанјаху, додека останатите биле неодлучни. 

Спорниот закон, донесен минатото лето, требаше да биде прв во низата со која се врши реформирање на правосудството. Тие напори беа прекинати со нападите на Хамас на 7 октомври, кога беа убиени 1200 Израелци, а 240 беа земени како заложници и однесени во Појасот Газа.

Оттогаш Израел води војна против Хамас, кого ЕУ, Германија, САД и други земји го сметаат за терористичка организација.

Во бомбардирањето на Појасот Газа и копнената интервенција на израелската војска досега се убиени околу 22 илјади луѓе, според Министерството за здравство во Газа кое е под контрола на Хамас и чии наводи не можат независно да бидат проверени.

Дали Нетанјаху ќе ја прифати одлуката на Врховниот суд?

Прашање е дали Нетанјаху, кој веќе петнаесет години е на чело на владата, ќе ја прифати одлуката на судот. Ако ја одбие, на Израел му се заканува нова државна криза.

Ликуд, десничарската партија на премиерот, веќе соопшти дека одлуката на судот „противречи на волјата на народот“ за единство во текот на војната, критикувајќи што одлуката е објавена во време додека „израелските војници од десен и лев спектар се борат и ги загрозуваат своите животи.“

Слично реагираше и министерот за правда Јарив Левин. „Пресудата, незапаметена во една западна демократија, нема да нѐ обесхрабри. Додека трае борба на различни фронтови, ќе продолжиме да дејствуваме воздржано и одговорно.“

Од друга страна, Движењето за квалитетна власт, кое на Врховниот суд му поднесе осум жалби за законот, соопшти дека станува збор за историска одлука. „Ова е голема јавна победа на оние кои се борат за демократија“, соопшти движењето.

Одлуката на Врховниот суд ја поздрави и лидерот на опозицијата Јаир Лапид: „Ако израелската влада повторно почне спор со Врховниот суд, тоа ќе значи дека ништо не научила.“

Пресудата на Врховниот суд е нов удар за Бенјамин Нетанјаху. Според анкетите, неговата популарност жестоко паѓа по нападите на Хамас. Многумина го критикуваат што не прифати лична одговорност за тоа што Израел бил неспремен за нападите.