1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц на ТикТок: „Нема да танцувам. Ветувам.“

ДТЗ /ДВ
10 април 2024

Германскиот канцелар отвори профил на ТикТок со цел, како што беше речено, германската влада да допре до што е можно повеќе луѓе кои се заинтересирани за политика.

https://p.dw.com/p/4ebvZ
Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц отсега и на ТикТОкФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот (8.04) отвори профил на ТикТок (@teambundeskanzler). Првото прикачено видео нуди поглед на неговата канцеларија со стаклени прозорци, а камерата потоа се движи за да го покаже канцеларот како седи на неговата маса.

За отворањето на профил на ТикТок, Шолц објави вест на платформата X, поранешен Твитер, каде напиша: „Нема да танцувам. Ветувам.“ 

Портпаролот на канцеларот Штефен Хебештрајт вели дека каналот на ТикТок на Олаф Шолц ќе има за цел да им понуди повеќе информации на граѓаните „кои сè почесто го користат ТикТок за да дознаат повеќе за политиката и да разговараат за тоа“.

Профилот на канцеларот исто така ќе понуди „поглед зад кулисите на секојдневниот живот на владата“.

„Треба да бидеме таму каде што граѓаните одат за да добијат информации“, вели портпаролот, истакнувајќи дека отворањето на профилот „случајно“ се случило неколку дена пред посетата на Шолц на Кина овој викенд (13.04-15.04).

ТикТок под лупа

Исто така, се нагласува дека профилот на ТикТок на Олаф Шолц нема да се администрира од ниту еден компјутер во канцеларијата на канцеларот, поради загриженоста во врска со заштитата на податоците на оваа кинеската социјална мрежа.

ТикТок, многу популарната апликација во кинеска сопственост, се најде под зголемен притисок поради наводите дека претставува закана за националната безбедност. Претставничкиот дом на САД минатиот месец гласаше за усвојување на нацрт-закон со кој може да се забрани ТикТок освен ако нејзината матична компанија со седиште во Кина, BiteDance, не го продаде својот удел.

Зошто ТикТок ги прави младите зависни?

Американските законодавци тврдат дека BiteDance е одговорен пред кинеската влада и дека може да бара пристап до податоците на корисниците на ТикТок во САД кога ќе посака.

Неколку европски земји, како Естонија и Норвешка,ја забранија употребата на апликацијата на компјутерите што ги користат државните службеници. Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ исто така им забранија на нивните службеници да ја користат апликацијата на нивните службени телефони поради загриженоста за сајбер безбедноста.

ТикТок не е формално забранет во Германија

ТикТок не е формално забранет на уредите што ги користат германските владини претставници, но некои министерства воведоа технички ограничувања за да не може да се вчита апликацијата на уреди кои имаат пристап до чувствителни податоци.

Германското Министерство за здравство, на пример, има профил на ТикТок чија цел е да се спротивстави на теориите на заговор за „Ковид-19“, но таа се администрира исклучиво од уреди кои не се поврзани со серверите на Министерството.

Шолц патува во Кина

Тридневното патување на германскиот канцелар Олаф Шолц во Кина ќе започне на 13 април, објави неговиот портпарол Хебештрајт. Канцеларот ќе посети неколку градови, меѓу кои Шангај и Пекинг. Тој треба да се сретне и со кинескиот претседател Ши Џинпинг и премиерот Ли Чијанг во Пекинг.

Германија и Кина се големи и важни трговски партнери, но двете водечки светски економии се соочуваат со проблеми во последните месеци. Ова ќе биде второ патување на Шолц во Кина откако беше назначен за германски канцелар.