1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан за орденот на РС: „Тоа не е обичен државен чин“

Самир Хусеиновиќ
5 април 2024

Унгарскиот премиер Виктор Орбан престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина. По средбите во Сараево, нему во Бања Лука, му беше врачен орденот на Република Српска по повод противуставниот „Ден на РС“

https://p.dw.com/p/4eT9D
Виктор Орбан (л) и Милорад Додик на прес-конференција во Бања Лука
Виктор Орбан (л) и Милорад Додик на прес-конференција во Бања ЛукаФотографија: D. Maksimović/DW

„Орденот е одраз на нашата љубов и пријателство“, рече Милорад Додик, претседател на Република Српска(РС).

За премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, Орденот на РС е „знак на почит“. „Тоа не е обичен државен чин“, изјави унгарскиот премиер. Потоа евоцираше спомени од поранешна Југославија, гласањето во унгарскиот парламент за независноста на Босна и Херцеговина, потпишувањето на Дејтонскиот договор, Србија...

„Гледам дека кон Србија се однесуваат неправедно, во Европа не препознаваат дека на Европа ѝ се потребни Србите. Без Србите во ЕУ нема европска безбедност, без Србите нема здрава Унија. Зборувам за БиХ и за Србија. Сега се појавува идеја за проширување на исток...“, рече Орбан.

За Орбан, Орденот на РС е „знак на почит“
За Орбан, Орденот на РС е „знак на почит“Фотографија: D. Maksimović/DW

Додик рече дека РС не сака да ја загуби својата автономија во процесот на европската интеграција. „Не сакаме да се движиме кон ЕУ со губење на автономијата, туку да ја зајакнеме. Само врамнотежен однос во БиХ и договор се гаранција и за Европа. Секое наметнување само создава декаденција. Не можеме да го прифатиме однесувањето на странците. Тоа што го направи нелегалниот Шмит е удар за нас, но и за Европа“, рече Додик.

Чест гостин

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја нарече „провокативна“ одлуката на Кристијан Шмит за измена на Изборниот закон на БиХ. „Тука странците се мешаат во внатрешните работи. Треба да сфатат дека вие сами овде, народите кои живеат овде треба сами да одлучат. Да ви помогнеме, без мешање во она што вие треба да го направите. Ова одликување ми дава право да работам кон таа цел“, заклучи Орбан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е чест гостин на Босна и Херцеговина. Почитувајќи ги правилата на меѓународната учтивост, унгарскиот премиер и овојпат (на 4 април) најпрвин го посети главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, каде се сретна со највисоките државни функционери. Со тоа, како што вели за ДВ политикологот Тања Топиќ од Бања Лука, Орбан потврдува дека го почитува територијалниот интегритет, суверенитетот и уставната структура на државата Босна и Херцеговина.

„Тоа е јасна и позитивна порака - дека Унгарија го почитува интегритетот и уставната структура на БиХ, за разлика од некои други државници од соседните земји кои недипломатски го заобиколуваат Сараево во широк лак. И покрај тоа, во ентитетот Република Српска се обидуваат да го сведат односот на Орбан со Босна и Херцеговина на односот меѓу Унгарија и РС, обидувајќи се да му дадат на ентитетот меѓународен субјективитет“, вели Тања Топиќ.

Виктор Орбан (лево) и Милорад Додик (десно) за време на една од посетите на унгарскиот премиер на Бања Лука во јуни 2023 година
Виктор Орбан (лево) и Милорад Додик (десно) за време на една од посетите на унгарскиот премиер на Бања Лука во јуни 2023 годинаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Додик и Орбан имаат „слична рамка на вредности“

Анализирајќи ја посетата на ДВ Орбан на Босна и Херцеговина, Тања Топиќ сепак констатира дека претседателот на РС Милорад Додик и унгарскиот премиер Виктор Орбан имаат „слична рамка на вредности“. „Додека Орбан го 'спасува' Додик од европските санкции, и двајцата ја имаат истата љубов кон рускиот претседател Владимир Путин“, вели соговорничката на ДВ. Таа потсетува дека Унгарија беше таа која вети дека ќе ги преземе проектите во РС кои Германија ги прекина во обид да ја казни сецесионистичката политика на Додик.

Одликувањето, кое на Орбан му го врачи претседателот на РС Додик, беше востановено во 1993 година за време на војната, а меѓу претходните добитници на орденот се, меѓу другите, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои беа осудени за воени злосторства. Минатата година орденот му беше доделен на рускиот претседател Владимир Путин.