1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пегасус“ и „Предатор“ под превез на тајна

ДТЗ
21 јули 2023

Собраниската Комисија за надзор над тајните служби побара информации од надлежните институции за софистицираните софтвери Пегасус и Предатор околу нивното производство, продажба и користење

https://p.dw.com/p/4UDyr
Computer Hack
Фотографија: Vernon Manlapaz

Собраниската Комисија за надзор над тајните служби побара информации од надлежните институции за софистицираните  софтвери Пегасус и Предатор околу нивното производство, продажба, ккористење и нивната можна злоупотреба, откако САД ја ставија македонската фирма Сајтрокс на црната листа.

Барањето следи по иницијатива на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, а одговори се очекуваат од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, МВР, военото разузнавање и други институции, кои сите податоци кои ги имаат треба да ги достават до Комисијата за надзор најдоцна до 18 август.

„Во информацијата покрај другото треба да се опфатат и следните елементи – кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти. Потоа дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи“, вели Трајанов. 

Павле Трајанов
Дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти, прашува Павле Трајанов. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Закана за националната безбедност

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во однос на можното користење на софтверите, во април упатиле пратеничко прашање на што добиле одговор дека не е регистрирана употреба на софтверите од страна на институциите. 

„По ставањето на фирмата која го произвела софтверот на црната листа, САД  и кажуваат на земјава дека тоа претставува закана за националната безбедност, меѓутоа ЈО на РМ се произнесува за ненадлежно. Практично, за некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е. Тоа укажува на фактот дека свесно се употребува тој софтвер и се бега од вистината или пак несвесно се употребува, а институциите не се свесни дека таков софтвер имаме и дека нема капацитет за проследување на ваквите закани“, вели Ковачки.

Се очекува во информацијата да биде дадена и оценка за казнените мерки - дали тие обезбедуваат превенција или треба зголемување на казните при злоупотреба на системите.

хакер
Македонската компанија Сајтрокс АД (Cytrox AD) на 18 јули беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САДФотографија: Jochen Tack/dpa/picture alliance

Молк за шпионскиот софтвер

Македонската компанија Сајтрокс АД (Cytrox AD) на 18 јули беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД, заедно со уште три фирми - од Грција, Унгарија и Ирска. Сите четири биле санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот. „Сајтрокс“ АД, Сајтрокс Холдинг од Унгарија и двете фирми „Интелекса“, од кои едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска, во изминатиот период беа посочувани како дел од иста групација кои го развивале и продавале малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат и следат телефонски уреди низ светот.

Поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за „Слободен печат“ вели дека е сигурен дека државата нема купено таков софтвер, ни по неговото заминување од премиерската функција, зашто за такви работи домашните безбедносни служби се координираат со партнерите од САД и ЕУ земјите. И ОТА претходно демантираше дека набавила „Предатор“.

ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ и ДУИ ѝ должат на јавноста да дадат одговор каква е нивната поврзаност со израелско-македонската фирма која работела на создавањето на  „Предатор“. Информација дека Македонија има купено софтвер за шпионажа Предатор објавија и грчки истражувачки новинари од Инсајд Стори.