1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Пензионерката на РАФ со муниција

Матијас фон Хајн | Кристоф Штрак
28 февруари 2024

Повеќе од 30 мртви, околу 200 повредени – теророт на РАФ ја шокираше Германија во 1970-те години. 26 години по самораспуштањето на РАФ, истражителите успеаја да ја уапсат терористката Даниела Клете.

https://p.dw.com/p/4cyVJ
Даниела Клете, бившата терористка од РАФ Германија
Од апсењето на Даниела Клете, бившата терористка од РАФФотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Фаќање по децении бегство. Истражителите овој понеделник ја уапсија 65-годишната Даниела Клете во Берлин, во населбата Кројцберг, откако со години се криеше од правдата. Таа е обвинета за членство во „Фракцијата на црвената армија“, РАФ, во 1990-те и осомничена за вклученост во низа грабежи во изминатите 20 години. Полицијата ја бараше повеќе од 30 години, беше на потерница распишана од Сојузната криминалистичка полиција, но досега не беше уапсена.

Полицијата на почетокот на февруари распиша нова потерница по Клете, Бурхард Гарвег (55) и Ернст Фолкер Штауб (69), кои исто така се наречени „пензионери на РАФ“. Серија напади ги доведе властите на трагата на терористите. Нападите немаа политички мотиви, служеа за финансирање на –скапиот – живот во илегала.

терористката на РАФ, Даниела Клете
Фотографија на терористката на РАФ, Даниела Клете на потерницата од 1990-те годиниФотографија: Polizei/dpa/picture-alliance

РАФ и крвавите траги кои организацијата ги остави во изминатите речиси три децении низ Германија уште не се историја, пред сѐ зашто убиствата, бомбашките напади и нападите кои се случија меѓу 1970 и 1998 година со повеќе од 30 мртви и повеќе од 200 ранети уште не се целосно разјаснети.

Агентот Петер Урбах

Неразјаснувањето на овие случаи го вклучува и фактот за уште нејасната улога на Службата за заштита на уставниот поредок во делови на студентското протестно движење и теророт во доцните 1960-ти и раните 1970-те години. Хамбуршкиот политиколог Волфганг Краусхар смета дека клучна фигура во овој контекст е агентот од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, Петер Урбах (1941 – 2011).

Краусхар во интервју за Дојче веле пред неколку години објасни: „Урбах одигра важна, но не и решавачка улога во трансформацијата на мало, но цврсто јадро на демонстрантската сцена во тоа време во милитантно здружение и на крај во кругови од кои потоа произлезе тероризмот“.

На пример, Урбах бил активен во Берлин на 11 април 1968 година. Тој ден, студентскиот лидер Руди Дучке доби смртоносни повреди во обид за атентат од страна на десничарски радикали. 2000 студенти гневно маршираа до зградата на издавачката куќа Спрингер, која во својот весник „Билд“ масовно хушкаше против студентските протести и Дучке. Таму, известува експертот за РАФ од Хамбург, Урбах имал плетена кошница со молотови коктели кои им ги поделил на гневните демонстранти.

Даниела Клете, Бурхард Гарвег и Ернст Фолкер Штауб од РАФ
Фотографија од потерница: Даниела Клете, Бурхард Гарвег и Ернст Фолкер Штауб, членови на РАФФотографија: picture-alliance/dpa/BKA

„Откако првите од овие коктели не ја постигнале планираната цел, палење на автомобили, Урбах им покажал како треба да се дејствува. Потоа ги превртувале возилата, па резервоарите со гориво биле достапни и така ги палеле“, опишува Краусхар.

„Дискредитирање на протестното движење“

Краусхар вели дека Сојузната служба за заштита на уставниот поредок прва почнала да дели огнено оружје во левичарската протестна сцена. За него Урбах е агент-провокатор кој значајно влијаел на дејствувањето на тогашната вонпарламентарна опозиција.

На тоа се надоврзува прашањето што го мотивирало Берлинскиот сенат и веројатно исто така и западните сојузници – Американци, Французи и Британци, кои го контролирале Западен Берлин до повторното обединување на Германија, на таков човек да му дадат толку одврзани раце. Претпоставката на Краусхар гласи: „Целта била да се поттикнат особено милитантните демонстранти за со нивните насилни дела да се дискредитираат себеси и другите, но и целото левичарско вонпарламентарно движење.“

Мартин Шлајер, РАФ
РАФ во 1977 година го киднапираше тогашниот претседател на Здружението на германските работодавачи, Мартин Шлајер, кој потоа беше убиенФотографија: picture-alliance/dpa/R.Scheidemann

Бомба во Домот на еврејската заедница

Кога се зборува за РАФ, не треба да се заборави едно нешто: иако била најпозната, не била и единствена  левичарска терористичка група.  Постоеле меѓу другото и „Револуционерна ќелија“, „Движење на 2 јуни“ наречено по денот кога студентот Бен Онесорг бил убиен од полицаец во 1967 година, како и „Тупамарос ВестБерлин“.

Токму оваа последнава група е таа со која се поврзува почетокот на  теророт во Германија,  вели историчарот Михаел Зонтхајмер. Со бомбашки напад, кој за среќа поради игра на случајот пропаднал, на полниот Еврејски општествен центар во Берлин, во кој биле 250 луѓе и тоа токму на 31-годишнината од Кристалната ноќ, 9 ноември 1969 година. И пак била инволвирана Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. 

Зонтхајмер, кој се занимава со протестното движење од доцните 1960-те во книгата „Берлин, град на побуната“, објавена во 2018 година, за ДВ изјави: „Морате да го замислите ова: со бомба од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, кој ја обезбедил тој Петер Урбах, е нападната еврејска институција во Берлин! Ова е почеток на тероризмот во Западна Германија, во Западен Берлин“, наведува историчарот.

Децении по крвавата најтешка фаза на терор на РАФ,  истражителите сега ќе ја испрашуваат Клете и ќе бараат податоци за тие времиња.

Штауб и Гарвег уште се на слобода – во бегство или инкогнито. Даниела Клете исто така живеела со фалсификуван италијански пасош и лажен идентитет. Во нејзиниот стан, како што се дознава од кругови блиски на истрагата, било најдено и оружје.