1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Почнува судењето на Путиновиот шпион во БНД

13 декември 2023

Германецот Карстен Л., вработен во БНД, се сомничи дека на руската разузнавачка служба ѝ открил строго доверливи информации. Денеска почнува неговото судење.

https://p.dw.com/p/4a6I2
Централата на БНД во Берлин, Германија
Централата на БНД во Берлин, ГерманијаФотографија: Jörg Carstensen/picture alliance

Германската Сојузна разузнавачка служба (БНД) радо би се одрекла од овој подарок неколку дена пред Божик минатата година:  „Апсење поради сомневање за предавство“ –  беше насловот на соопштението за јавност кое на 22 декември го испрати сојузниот државен обвинител во Карлсруе.

Имено, еден ден претходно бил уапсен Карстен Л., службеник на германската тајна служба БНД. Обвинението гласи: „Тој во 2022 година на руска разузнавачка служба ѝ проследил информации до кои дошол при извршувањето на своите професионални активности." Информацијата предизвика голема загриженост и поради тоа што  рускиот претседател Владимир Путин  на 24 февруари истата година даде налог за напад врз соседна Украина,  кршејќи го меѓународото право.

Службеникот од БНД веројатно имал соучесници

Речиси една година по апсењето, обвинетиот оваа среда, 13 декември 2023 година, ќе мора да одговара пред Вишиот суд на Берлин. Тоа се однесува и на неговиот наводен соучесник, бизисменот Артур Е., кој е уапсен во јануари 2023 година. Се наведува дека тие двајцата, заедно со еден претприемач во Русија, дале доверливи податоци на руската контраразузнавачка служба ФСБ.

Зградата на руската тајна служба ФСБ во Москва
Зградата на руската тајна служба ФСБ во Москва - овде завршиле тајни документи од БНДФотографија: Mladen Antonov/AFP

Според зборовите на сојузниот државен обвинител, истрагата е спроведена во блиска соработка со БНД и со поддршка на американското Федерално истражно биро (ФБИ). Обвинетите се товарат за извршување „посебно тешка форма на предавство“. Обвинението се однесува на девет документи на БНД, а станува збор за проект за собирање технички информации.

Тајни информации од компјутери на БНД

Се наведува дека  Карстен Л. отпечатил строго доверлив материјал  од својот компјутер во седиштето на берлинска БНД на локацијата Пулах во септември и октомври 2022 година или го фотографирал на екранот на компјутерот. Артур Е. потоа материјалот го пренесол во Москва и го предал на руската тајна служба.

Во обвинението се наведени следните детали: „Во текот на состанокот во Москва во септември 2022 година, службеник на ФСБ на Артур Е. Му дал список на прашања за кои посебно се интересирала тајната руска служба.  За да одговори на нив, Карстен Л. повторно користел информации од базата на податоци на германската служба БНД. Артур Е. ги проследил одговорите на ФСБ на состанок во октомври 2022 година.“

Опасност за надворешната безбедност на Германија?

Информациите земени од БНД всушност биле државна тајна. Нивното предавство довело до „опасност од посебно сериозна штета за надворешната безбедност на Германија“. Се наведува дека Карстен Л. за возврат од руската тајна служба примил 450.000 евра, а  Артур Е. најмалку 400.000 евра.

Бруно Кал БНД
Бруно Кал од 2016 година е шеф на германската тајна служба БНДФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Меѓутоа, претседателот на БНД, Бруно Кал, смета дека реалната штета е помала отколку што првично се стравувало. Количината на информации која стигнала во Москва и нивната употребливост биле „незначајни“, изјави тој за берлинскиот „Тагесшпигел“. БНД имал „среќа во несреќа“, нагласи Кал.

Проверка на чантите

Поради  случајот на шпионажа,  кој се случи само неколку месеци по почетокот на рускиот напад врз Украина, вработените во БНД мораат да сметаат со проверка на чантите. Оттогаш „ги замолуваме нашите вработени да ни ја покажат содржината на своите чанти“, објасни претседателот на БНД, надевајќи се дека колегите ќе имаат разбирање за тоа. 

Но, како вистински ја оценил опасноста на вкупната ситуација, можеше да се чуе во германскиот Бундестаг во октомври 2023 година: „Нашата безбедносно-политичка ситуација е во постојано движење“, изјави Кал на јавното сослушување пред Парламентарната контролна комисија за разузнавачките служби, додавајќи дека меѓународниот поредок сѐ поагресивно се доведува во прашање.

БНД ја менува стратегијата

Војната се врати во Европа како средство за остварување на интереси. БНД мора стратешки да ги земе предвид новите случувања: во исполнувањето на своите задачи, своето самодефинирање, идното планирање и организацијата. Така Кал ја опиша промената на курсот на својата безбедносна агенција.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик