1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Факти за Појасот Газа

10 октомври 2023

Нападот од милитантно-исламистичката организација Хамас од Појасот Газа врз Израел доведе до тешка ескалација во конфликтот на Блискиот Исток. Кој живее во крајбрежниот појас и каква улога има тој во актуелниот конфликт?

https://p.dw.com/p/4XJY0
Израел I Палестински територии I Протести во Газа I 30.07.2023
Изолацијата и сиромаштијата на Газа постојано доведуваа до протести на населението - овде во јули 2023 годинаФотографија: AP/picture alliance

Појасот Газа е еден од најгусто населените региони во светот. Регионот граничи со Израел, Египет и Средоземно Море. Од Појасот Газа од седми октомври милитантната, исламистичка, палестинска организација Хамас го напаѓа Израел. Германија, ЕУ, САД и неколку арапски држави ја означуваат Хамас како терористичка организација.

Појасот Газа се протега на подрачје од околу десет километри ширина и 41 километар должина. Во регионот живеат околу два милиони лица, односно просечно по 5.500 луѓе на квадратен километар. За споредба – во Израел густината на населението изнесува околу 400 лица на квадратен километар.

Кој живее во Појасот Газа?

Појасот Газа е населен со Палестинци. Тука припаѓаат и староседелците, како и многуте бегалци кои по основањето на Израел во 1948 година и последователните воени конфликти меѓу Израелците и Палестинците, пребегаа во Газа од други делови на Израел. Поголемиот дел од населението живее на северот од појасот, посебно во градот Газа. Населението е младо, речиси 40 проценти се деца и младинци под 15 години.

Која е разликата во однос на Западниот брег?

Палестинските територии го опфаќаат Појасот Газа, како и од Израел окупираниот Западен брег. Западниот брег со Источен Ерусалим граничи со Израел, Мртвото Море и Јордан. Оваа многу поголема и поретко населена територија значително се разликува од Појасот Газа. Таму владее партијата Фатах, која е најсилната фракција во рамки на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), која го признава правото на постоење на Израел и од страна на повеќето западни земји се смета за претставник на Палестинците.

Кој владее во Појасот Газа?              

Од 2007 година во Појасот Газа владее милитантно-исламистичката организација Хамас, која одбива мировен процес со Израел. Хамас во својата повелба бара уништување на Израел.

Од Појасот Газа со години се лансираат ракети врз Израел, но нападот кој почна на 7 октомври е драматична ескалација на конфликтот кој постојано се распалува.

Зошто Појасот Газа е блокиран?

По преземањето на власта од страна на Хамас во 2007 година, Израел ја означи Газа како „непријателска територија“ и таа до денес е во најголеми делови изолирана. Израел ги контролира копното, морето и воздухот.

Хамас оттогаш ги продолжи нападите врз Израел кои ги изначува како „самоодбрана“, што во минатото доведе до четири поголеми воени судири со израелската армија: 2008/09, 2012, 2014 и 2021 година.

Во блокадата на Газа учествува и соседен Египет. Последица од економската изолација е драстично влошување на животната ситуација. Населението претежно живее во беда. Околу 40 проценти од жителите на возраст меѓу 15 и 24 години се без работа. Таквата бесперспективнос, особено меѓу помладото население, придонесува за тоа Хамас да може и натаму да мобилизира поддржувачи.

Израел I Газа I Керем Шалом
Граничен премин за стока Керем Шалом: Израел го надгледува она што се увезува во Појасот ГазаФотографија: Said Khatib/AFP/Getty Images

Како се снабдува Газа?

Меѓу Израел и Газа има еден граничен премин за лица (Ерез) и еден за стока (Керем Шалом/Суфа). Граничен премин кон Египет има во Рафа. Увозот на стока е строго контролиран од Израел, меѓу другото и за да се спречи шверц на оружје во Појасот Газа. Границата кон Египет исто така е често блокирана, поради што Хамас се обидува од таа страна, преку мрежа на тунели, да шверцува стока.

Појасот Газа во најголем дел е зависен од меѓународна помош, според ОН тоа се однесува на 80 проценти од населението. Ситуацијата е особена тешка за многуте бегалци кои уште живеат во кампови и се целосно зависни од испорака на хуманитарна помош.

Појасот Газа е погоден и од чести прекини на снабдувањето со електрична енергија – струја често има само неколку часа дневно. Владее недостиг на вода, а големо мнозинство од населението нема чиста вода за пиење. Здравствениот систем исто така зависи од меѓународна помош и токму во времиња на воен конфликт со Израел е префорсиран.