1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска бара 1,3 билиони евра воени репарации од Германија

БГ /АП
1 септември 2022

Полска ги проценува своите загуби во Втората светска војна предизвикани од Германија на 6,2 билиони злоти, и најавува дека ќе побара од Германија да и исплати нови репарации.

https://p.dw.com/p/4GJcV
Полска Окупација Германија
Германски трупи парадираат во Варшава по окупацијатаФотографија: Edisto Images/Newscom/picture alliance

Лидерот на владејачката полска Партија на Правото и Правдата, Јарослав Качински најави дека владата во Варшава ќе бара од Германија репарации во вредност од 1,3 билиони (1.300 милијарди) евра поради инвазијата и окупацијата на земјата во текот на Втората светска војна.

Качински во четвртокот го претстави извештајот за штетите кои неговата земја ги претрпела за време на нацистичката окупација на денот кога се одбележуваат 83 години од почетокот на војната. 

„Не само што го подготвивме извештајот, туку донесовме одлука и за натамошните чекори. Ќе и се обратиме на Германија за почеток на преговори за репарациите“, рече Качински, дополнувајќи дека очекува тоа да биде „долг и тежок пат, но еден ден ќе донесе успех“. 

Десничарската влада во Полска тврди дека земјата не била доволно компензирана од соседна Германија за злосторствата од Втората светска војна, и покрај тоа што двете земји сега се блиски партнери во рамките на ЕУ.  

Јарослав Качински
Лидерот на владејачката полска Партија на Правото и Правдата, Јарослав КачинскиФотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

Германија тврди дека веќе им е исплатена компензација на сите земји од Источниот блок во повоените години, додека териториите кои Полска ги загуби на истокот биле компензирани со дел од германските предвоени територии. За Берлин, случајот е затворен. 

„Внатрешна игра“ 

Претставувањето на извештајот беше организирано во Кралскиот замок во Варшава и беше темпирано за годишнината од почетокот на нацистичката инвазија во 1939 година, по која следуваше повеќе од петгодишна брутална окупација на Полска. 

Тим од 30 економисти, историчари и други експерти работеа на извештајот од 2017 година. Спорот постојано предизвикува билатерални тензии. 

Во Германија, владиниот повереник за германско-полските односи Дитмар Нитан изјави дека 1. септември „останува ден на вина и срам за Германија, кој постојано не потсетува да не заборавиме на злосторствата сторени од Германија.“ 

Полската влада ја отфрла декларацијата од 1953 година со која тогашните комунистички лидери, под притисок на Советскиот сојуз, се согласија да не поставуваат натамошни барања кон Германија. 

Полскиот опозициски пратеник, Грегор Шетина изјави дека извештајот е само „игра во внатрешната политика“ и инсистира дека Полска мора да изгради добри односи со Берлин.  

Околу 6 милиони полски граѓани, вклучително и 3 милиони Евреи беа убиени во војната, додека индустријата, инфраструктурата и културата во земјата беа речиси целосно уништени.  

Мојот татко нацист

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема