1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

„Немав друг избор, освен да ја бранам мојата татковина“

Константин Гончарев
24 февруари 2023

По рускиот напад врз Украина, многу Украинци доброволно заминаа на фронт, за да ја бранат својата земја. Константин Гончаров работеше како новинар за Дојче веле во Киев. Сега е војник. Ова е неговата приказна.

https://p.dw.com/p/4Nvyo
Украина Гончаров
Константин Гончаров, поранешен новинар на ДВ, како војник во БахмутФотографија: Kostiantyn Honcharov

Кога започна масивната руска инвазија врз Украина, со семејството се наоѓав во Германија, каде отпатувавме кратко претходно. На 24. февруари 2022 година, во 4 часот утрото по киевско време, Русија ја започна опсежната војна против Украина, а токму во тоа време започна и мојата работна смена во редакцијата. Од моментот кога Владимир Путин ја објави својата т.н. „специјална воена операција“, пишував на интернет за првите руски ракети кои паднаа врз мојот роден град Киеви за бескрајните колони руски оклопни возила кои ги пробија границите на Украина. 

Руските агресори ги бомбардираа детската градинка и училиштето во кое одеа моите деца. Балистички и крстаречки ракети удираа во близина на куќата во која живеат моите родители и каде и самиот поминав голем дел од мојот живот. Иако никогаш сум немал врска со армијата, зборував руски јазик и никогаш не се перчев со „Вањушка“, традиционална везена украинска кошула, не ми остана друг избор освен да се вратам во Украина и да ја бранам мојата земја. Никогаш не би си простил да останев во странство или дури и да помислев одредено време да поминам на некое безбедно место.

Украина, Киев, војна, Русија
Илјадници бегалци од Украина на железничката станица во Киев, почеток на март 2022Фотографија: Andriy Dubchak/AP/picture alliance

Патот до дома

Моето патување од Германија до Киев траеше 36 часа. На полско-украинската граница владееше стравична слика: илјадници луѓе и стотици автомобили, во редици долги со километри, чекаа за да ја напуштат Украина. Жени и деца, но и мажи кои им помагаа да ја напуштат земјата потресена од војна, ја поминуваа зимската ноќ на отворено. Луѓето палеа логорски огнови, кој можеше, се грееше во автомобил. Покрај патот имаше душеци, насекаде топла облека и ѓубре. Ми беа потребни само неколку минути за да ја поминам границата во правец на Украина. На контролниот пункт, освен мене имаше само уште двајца. Не видов други кои би сакале да влезат во Украина.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Претерано бев загрижен дали ќе стигнам навреме во Киев, зашто руските трупи веќе напредуваа кон главниот град и намерата очигледно им беше да го освојат или да го опколат. Освен тоа, пристап во градот беше можен само од јужната страна, другите патишта беа веќе премногу опасни. Возачите на автомобили воопшто не се нафаќаа да возат таму или пак бараа астрономски суми.

Купив три билети за различни возови од Лвов кон Киев, но ниеден не тргна. До мојот роден град можев да стигнам само со воз за евакуација, кој превезуваше воени бегалци во западна Украина, а потоа празен се враќаше во Киев, за оттаму да ги прими следните патници.

Мојот пасош, во кој се наоѓа мојата адреса на живеење во Киев, стана мој билет. Целосно без осветлување, во потполн мрак, возот ја помина половина Украина и стигна воречиси испразнетиот Киев. Никогаш не сум го доживеал градот таков. И никогаш не сум видел толку долги редици луѓе пред воените комесаријати, каде во првите денови стоеја стотици. Најголем дел од нив не ни стигнуваа на ред пред да почне полицискиот час навечер.

Украина, Киев, Русија, војна
Зграда уништена во руски ракетен напд во КиевФотографија: Vladyslav Musiienko/REUTERS

Новинарство и војна

Дури три месеципо почетокот на руската инвазија успеав да пристапам кон украинската армија. На телефонскиот број, кој го оставив на почеток во војската, никој не ме повика. Не добив ни покана за регрутација. Дури по моето четврто одење во воениот комесаријат, имав успех. По бескрајна бирократска процедура, конечно бев испратен во армијата.

Дотогаш и натаму работев како новинар. Бев меѓу првите репортери кои ги посетија Буча, Бородјанка, Макарив и другите места во близина на Киев, кои беа ослободени од руска окупација. Разговарав со месните жители, кои преживеаја пекол, со свои очи видов какви стравотии направил т.н. „руски свет“ во некогаш мирните и просперитетни украински градови.

Соледар, Украина, Гончаров
Константин Гончаров во близина на Соледар, средина на јануари 2023 годинаФотографија: Kostiantyn Honcharov

Со „рускиот свет“ се судрив директно во мојата нова улога како војник летото и есента во реонот Херсон. По тешките борби кои ги водеше нашата единица, бев меѓу првите украински војници кои украинските граѓани ги здогледаа по руската окупација на мостобранот Инхуленц и20 километри пред градот Херсон. Уште ми е свеж споменот на разиграните дедовци и баби, на моментот кога украинското знаме повторно се развеа на зградата на управата и како плачеа од радост жителите на ослободените области Миколајив и Херсон.

Речиси веднаш потоа нашата единица беше преместена во страдалничкиот Бахмут и кратко потоа во маченичкиот град Соледар. Многу добро паметам како овие градови руската артилерија и тенковите ги уништија и ги претворија во урнатини. Но, таму за жал имаше поинакви солзи на мештаните. Јас самиот бев ранет во близина на Соледар и стигнав во болница. На истото одделение со мене лежеше и млад човек кој ја загубил ногата при оган од руски тенк. Тој потекнува од Шаштарк и читаше книга од украинскиот национален поет Тарас Шевченко, а за мене стана симбол на непоколебливоста и на неизбежниот пораз на Русија во војната против Украина.

Украина, Бахмут, Русија, војна
Украинскиот град Бахмут со месеци е цел на руски ракети и артилеријаФотографија: Kostiantyn Honcharov

Но, руската армија продолжува и натаму со систематско уништување на сѐ што може да разори со оружјето кое ѝ стои на располагање. На друга страна, украинските бранители се трудат да го намалат бројчено тоа непријателско оружје и варварите кои го користат. Ја продолжуваме борбата за нашите права, за слобода и живот. Ние, книговодители, правници, уметници, психолози, банкари, професионални покераши и државни службеници во Министерството за млади и спорт, да, сите тие се реални луѓе од мојот баталјон кои доброволно се пријавија за војна. А она што сега го прават украинските борци, посебно кај Бахмут,не може да се нарече само херојство, зашто херојството е нешто извонредно. Таму Украинците со месеци издржуваат во натчовечки услови, без ротации, што за нив веќе стана нормално.

За жал, оваа војна уште ни оддалеку не е завршена, веројатно претстојат уште решавачки битки. Борбите ќе траат и ќе продолжат сѐ додека украинските области не бидат ослободени од руските окупатори.