1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураГлобално

Романот „Фаренхајт 451” и духот на нашето време

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
11 март 2024

Во приказната во „Фаренхајт 451” на блескав начин е овековечена еманципаторската сила на книгата и на читањето. Читањето како чин на најголема слобода на личноста. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4dNFz
Насловната страница на книгата „Фаренхајт 451 од Реј Бредери
Насловната страница на книгата „Фаренхајт 451“ од Реј БредериФотографија: Simon & Schuster

Човечката цивилизација во нејзината најдлабока смисла е култура на писмото. Тоа значи,  човечкото постоење е култура на книгата. Симболот на книгата е длабоко поврзан со паметењето на животот на секоја генерација. Затоа може да се каже дека да се постои, значи да се стане  „книга”. За народите тоа понатаму значи дека за тие да бидат, за тие да постојат за идните генерации, тие треба да остават белег зад себе како „паметење во писмо”. За цивилизациите кои не оставиле свое писмо и записи не знаеме ништо сигурно, дури и кога од нивниот живот останале артефакти, односно, уметнички дела. Тие култури тогаш остануваат засекогаш тајна и загатка. Затоа што не оставиле зад себе своја „книга на паметењето”. Затоа што нивниот живот не може  да биде „прочитан” од светот што доаѓа по нив како приказна. Колку книгата  е длабоко поврзана со паметењето на човечкиот живот сведочи  „Откровението Јованово”.„Страшниот суд”  таму се опишува како моментот кога „ќе се отворат книгите”. „Книгите” го паметат секој поединечен човечки живот. Спасените се тие, чии животи се запишани во „Книгата на животот” на Агнецот-Христос. 

„Тајната на воскреснатото време” 

Книгите не се само ментален, интелектуален запис. Тие се субстрат на сетилноста, на материјалното постоење. Ние можеме да ги допреме старите списи, старите папируси, а тогаш ни се чини дека надминуваме векови и допираме далечно време. Марсел Пруст веруваше дека на страниците на книгите се сочувани многу нешта од сетилна природа. Како мирисот на изминатото време, како ветрот во мигот што го опишува писателот. Книгите ни дозволуваат да ја помирисаме, да ја почувствуваме „тајната на воскреснатото време” при секое читање. Житејското време е мигновено, кусо, но книгите се вечни, верува секој библиофил. Книгите во хартиена форма се силен сетилен артефакт. Тоа го знаат вљубениците во старите изданија на прочуените литературни дела. Тие секогаш ја допираат хартијата на старите изданија со чувството дека небаре допираат жива кожа, рапава од времето, како кожата на старите луѓе. Затоа е толку значајно книгите да се печатат на квалитетна и убава хартија, доволна цврста за да го преживее суровиот ветер на изминот на времето. Во македонското издаваштво ретко се размислува за тоа дека евтината, неквалитетна хартија на која се печати најголемиот број книги, не доликува за значењето на книгата како документ и сведоштво, кои треба да станат вечност, како што мислеше Херман Хесе во „Магијата на книгата”.

Американскиот писател Реј Бредбери, автор на книгата „Фаренхајт 451“
Американскиот писател Реј Бредбери, автор на книгата „Фаренхајт 451“Фотографија: dapd

За Хесе беше незамислив домот без книги. Сега можеме цели библиотеки да носиме во нашиот  „Киндл”, а нашите одаи да останат без книги. А за мене ѕидот покриен со библиотека е најубавата слика на домот. 

Дека книгите во печатениот формат отсекогаш беа средство за просветување на умот, а со тоа и поттик за слободно, критичко мислење, сведочи „палењето на книгите” во авторитарните, фашистички режими. Зачудувачки е што германскиот Евреин, поетот Хајнрих Хајне уште 1823 напиша во една своја драма дека „таму каде што горат книгите, на крајот ќе горат и луѓето”. Во Третиот Рајх највистина прво гореа книгите во мај 1933, а потоа и луѓето во гасните комори. Тоталитарните режими секогаш гледаа непријатели во книгите. Во секој авторитарен режим имаше списоци на „забранети книги”. И на модерните авторитарни режими не им треба старата култура на книгата, туку пропагандните списи како средство за манипулација со масите. Книгите не само во минатото, туку и ден-денес создаваат слободни личности, додека пропагандните списи воспитуваат поданици и униформирани умови. 

Нагризан култот на книгата 

Се чини дека денешната цивилизација на дигиталната информација сѐ повеќе го нагризува култот на книгата во нашите животи. Дигиталната техника ни покажува секој ден дека дигиталниот запис може во секое време да се манипулира. Со тоа се злопупотребуваат записот и информацијата од одредени центри на моќ како средство за контрола на човечкиот ум и однесување. За тоа јасно сведочат „хибридните” војни со лажни информации. Денес униформираните умови ги создава „хибридната војна” со информации во интернетот. Книгите не се забранети од моќните политички центри, но едноставноста во користењето на информацијата во интернетот најчесто бива некритички прифатена од оние кои никогаш не биле поклоници на  културата на книгата. Информациите во интернетот тие корисници ги примаат како неприкосновена вистина и не ги подложуваат на критичка проверка. 

Ако од оваа перспектива се навратиме на култниот дистописки роман на Реј Бредбери (Ray Bradbury) „Фаренхајт  451” од 1953-тата, ќе сознаеме дека секоја цивилизација во која се загрозува „културата на книгата” крие големи опасности за човештвото. Во светот опишан во „Фаренхајт 451” е злосторство да се поседува и да се чита книга. За режимот во дистописката земја книгите се штетни, затоа што поттикнуваат на самостојно мислење, а тоа е опасно за општеството затоа што ја нарушува социјалната кохезија. Всушност, во сите авторитарни режими читањето книги ја загрозува „контролата на умовите” од системот. Интересно е што во државата во „Фаренхајт 451” медиумите не смеат да известуваат за војната во која таа учествува. Фрапантно е колку модерните авторитарни режими ги копираат во своето однесување старите пропагандни шеми. Така дистописката стварност во „Фаранхајт 451” станува реалноста во 2024 во Русија, каде додуша не се забранети книгите, но затоа е забранет зборот „војна”, кој, како во некоја антиутопија, е заменет со зборот „специјална операција”. 

Реј Бредбери создаде литературен урнек за државната цензура во тоталитарните режими кој во својата вистинитост остана актуелен до наши дни. Затоа што и денес книгите во тоталитарните режими се деградирани во воспитно-пропаганден материјал. Тие таму не се артефакти на духот и на духовната култура, туку акти на пропагандната машинерија. Пропагандните, политичките акти не го бележат паметењето на животот како запис за вечноста, во значењето за кое пишува Хесе.  Пропагандните акти немаат долг век, затоа што завршуваат заедно со пропаста на тоталитарниот режим. Исто толку „кусо паметење” имаат и денешните „теории на заговор” и лажните вести. Нив брзо ги заменува следната „теорија на заговор” од истата или од друга политичка кујна. Интересно е што Бредбери уште во 1953-та истакнува во прочуениов роман дека во таа фиктивна земја заборавот на значењето на книгите и читањето настапил како резултат на општествени промени кои имале за цел со намалувањето на нивото на општата култура  и со државната цензура да се постигне еднакво (ниско) интелектуално ниво кај сите граѓани. Фрапантно, денес социолозите стравуваат дека токму плиткоста, лесната достапност на дигиталните информации во модерните пропаганди, кои се шират со интернетот, би можеле да доведат до сличен заборав на културата на печатената книга, сличен на оној за кој пишува Бредбери. 

Еманципаторската сила на читањето 

Во приказната во „Фаренхајт 451” на блескав начин е овековечена еманципаторската сила на книгата и на читањето. Читањето како чин на најголема слобода на личноста. „Фаренхајт 451” е еден од најубавите романи напишани за значењето на книгите за човештвото. Кај Бредбери уште поголема симболика има приказната за необичните „дисиденти”, спасители на книгите. Тие се луѓето кои се противат на теророт против книгите. Тие го напуштаат градот (отсекогаш симбол за цивилизацијата!) и живеат скришно во ближните шуми, станувајќи „живи книги”. Секој од нив има „научено напамет” едно значајно дело од светската литертаура. За да го спасат најдрагоценото дело на духовната култура, овие дисиденти стануваат „луѓе-книги”. Секој од нив е симбол за паметење во вид на книга. Секој од нив станува чиста, жива литература. Така тие луѓе стануваат живите сведоштва за цивилизацијата на слободата и на духот, наспроти тиранијата на пропагандата во тоталитарните режими. 

Дигиталната „хибридна војна” на информации, која денес во светот ги шири и десничарските идеологии, во „Фаренхајт 451” би го нашла најјасното огледало во кое би го согледала своето грдо лице. Но, како и во романот на Бредбери, и во денешната реалност диктаторите не се големи читачи, а најмалку библиофили. Освен тоа, тие отсекогаш страдаа од хроничната болест на кусо историско паметење, а често и од болеста на целосната историска амнезија. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема