1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се редат несреќи на кинескиот Пат на свилата

Ник Мартин
2 март 2024

Сè повеќе земји стануваат болно свесни дека огромните инвестиции на Кина во нивната инфраструктура имаат цена, која тие едноставно не можат да ја платат. Затоа што се покажа дека многу проекти не се профитабилни.

https://p.dw.com/p/4aPrQ
Пекинг самит
Состанок на самитот на иницијативата „Нов пат на свилата“ во Пекинг овој октомвриФотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Новиот пат на свилата во Кина е сè уште централен елемент на надворешната политика на кинескиот претседател Ши Џинпинг. Низ светот, Кина инвестираше пари и изгради околу 21.000 проекти, главно во инфраструктурата. Тоа веќе се споредува со Маршаловиот план за американската помош во обновата на Европа по Втората светска војна.

Но, постои важна разлика во овие мерки за поддршка: Маршаловиот план главно помогна во обновата на веќе постоечката инфраструктура на индустријализираните земји во Европа со цел да се вратат во светската економија, додека кинескиот „Еден појас, еден пат“ - како што иницијатива официјално се нарекува - е огромен заем главно за средни и помалку развиени земји за инфраструктурни проекти кои може, но и не мора да биат исплатливи за нив.  

Затоа што таа огромна сума од околу 1,2 билиони евра, колку што Кина инвестираше во земјите во светот, најмногу отиде во касата на кинеските, по правило, државни фирми кои ги извршуваа работите и често го преземаа управувањето со изграденото. Земјите кои го потпишаа договорот премногу често се соочуваа со нејасни пресметки за трошоците за градежните работи, но едвај имаа можност да кажат нешто и да се пожалат. 

пат Кина
Работите по правило ги вршат кинески компании, а управувањето го преземаат Кинезите. Но, дали инвестицијата воопшто ќе се исплати?Фотографија: DW

Сега треба и да се враќа... 

Иако Кина продолжува да инвестира милијарди ширум светот, дојде време овие земји да почнат да ги враќаат кредитите - и има се повеќе проблеми. Американскиот институт AidData проценува дека Кина има околу еден билион евра (1.000 милијарди евра) побарувања - не сметајќи ги каматите. А, околу 80% од тие заеми отидоа во земји кои веќе се во финансиски проблеми. Институтот откри дека во последно време има големи проблеми во отплатата на долговите, а во градежништвото веќе сè не се одвива без проблеми: доведена е во прашање реализацијата на 1.693 проекти, а 94 од нив се веќе прекинати или одложени за понатаму. 

AidData забележува дека за повеќе од половина од сите кинески инвестиции, дојде време да се започне со отплата на долгот , а потоа доаѓаат договорените каматни стапки. Ова се случува во време кога парите поскапеа речиси секаде, што е уште поголем проблем за задолжените земји. Иако Кина не ја подигна есконтната стапка, нема разбирање во случај на задоцнето плаќање на кредитите: во такви случаи, наместо 3% камата, се пресметува 8,7%. 

Кина работници
На Кинезите по правило им се исплатува трудот - а друго прашање е дали државата должник ќе може да го врати долгот.Фотографија: Maja Hitij/Getty Images

Проблемот е уште поголем, бидејќи на почетокот Кина ретко ги осигуруваше своите инвестиции од можна неликвидност на заемопримачот - на почетокот на 2000-тите, тоа беше случај со едвај една петтина од заемите, сега тоа го прави со речиси две третини од своите инвестиции во странство. Светска банка проценува дека Кина веќе морала да дава нови заеми во износи измерени во стотици милијарди долари за земјите должници да останат ликвидни и да продолжат да ги сервисираат заемите. Но, целата сума на заеми не е проблем само за задолжените земји, туку сè повеќе и за самата кинеска економија. 

Трка за заеми 

Но, кредити се делат и понатаму: AidData проценува дека Кина годишно позајмува околу 80 милијарди долари на земјите со низок и среден приход. И Вашингтон годишно инвестира околу 60 милијарди долари во развојни проекти ширум светот, а најголем дел од овие пари одат во касите на приватни компании. Еден пример е неодамна објавениот проект за изградба на пристаниште во главниот град на Шри Ланка, кој се очекува да чини половина милијарда долари.

Оваа островска земја во Индискиот океан е во големи проблеми, меѓу другото, и поради учеството во Патот на свилата. Кинезите изградија пристаниште и меѓународен аеродром во близина на градот Хамбантота на југот на островот, но приходите од овие инфраструктурни проекти не се ни приближно доволни за да го вратат заемот за Кина. 

Кина, Ранил Викремесинг
Претседателот на Шри Ланка Ранил Викремесинг, исто така, пристигна во Пекинг во октомври на конференцијата „Патот на свилата“Фотографија: dpa/XinHua/picture alliance

Развиените земји се плашеа од економското и политичкото влијание на Кина врз помалку богатите земји, па започнаа свои проекти со подеднакво живописни имиња како Новиот пат на свилата. Така, групата земји Г-7 пред две години ја започна иницијативата за инвестиции во инфраструктурата „Да го обновиме подобриот свет“ , а исто така се свртува кон помалку богатите земји. На крајот на октомври, Европската Унија го одржа и првиот состанок на врвот на иницијативата Глобал Гејтвеј, каде што се водат преговори за инвестиции во земјите од Европа, Азија и Африка во износ од околу 70 милијарди евра. И тука се слушна дека вкупниот износ на инвестиции во експлоатација на суровини, обновливи извори на енергија и транспорт би можел да биде и до 300 милијарди евра. 

Опасната игра преку грбот на неразвиените 

Дали тоа е навистина помош - или само натпревар за политичко и економско влијание? И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на таа конференција изјави дека сака да им понуди на земјите во развој „подобар избор“ за финансирање на инфраструктурни проекти . Иако таа не ја спомна Кина, таа предупреди дека „другите опции“ често имаат „висока цена“.

AidData пресмета дека веќе во 2021 година членовите на групата Г-7 инвестирале околу 84 милијарди долари повеќе во земјите во развој отколку Кина, но експертите на тој институт проценуваат дека на долг рок САД и нивните сојузници нема да можат да позајмуваат онолку колку што ќе може и мора Кина мора, меѓу другото и за да ја одржи својата економија.

Експертите предупредуваат дека натпреварувањето со Кина во кредитирањето на посиромашните земји е опасна игра. Затоа што има се повеќе земји кои сакаат да го напуштат кинескиот пат на свилата. Ова не е само случајот со Италија или Филипините, каде политичките тензии со Кина се зголемуваат, туку и Шри Ланка сега сака повторно да се приближи до Западот.