1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Ши Џинпинг сака да биде на рамна нога со Џо Бајден

Данг Јуан
15 ноември 2023

Џозеф Бајден и Ши Џинпинг се среќаваат оваа среда (15.11.) на маргините на самитот на ОПЕК во Сан Франциско. Нивната средба ќе има голема симболика.

https://p.dw.com/p/4YnTA
Кинескиот претседател Ши Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден
Кинескиот претседател Ши Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден на Г20 во ноември 2022 годинаФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Секој кој оваа среда (15.11) ќе го фотографира кинескиот претседател Ши Џинпинг во текот на неговата посета на Сан Франциско и средбата со американскиот претседател Џо Бајден, ќе има тешка задача.

Фотографијата ќе ги илустрира  односите на двете нации, кои се натпреваруваат на економски и безбедносен план. А многу нешта се на маса: без нивната соработка не можат да се решат глобалните предизвици, на пример климатските промени.

Јавноста и медиумите ќе сакаат да видат како тие двајцата се однесуваат еден со друг, врз основа на изрази на лицето, држење, па и комплетното опкружување. Она што е симболично за Кина е што Бајден и Ши, чисто физички, се среќаваат на рамна нога. Бајден е висок 1,83 метар, Ши отприлика 1,80 метар, не знаеме сигурно. Кина, имено, таквите податоци за своите политичари ги чува како државна тајна.

Последниот состанок на двајцата шефови на држави е одржан во ноември 2022 година на индонезискиот остров Бали, на самитот Г20.  Оттогаш се водени активни политички консултации, но  Ши и Бајден не се сретнаа директно, ниту разговараа.

„Претседателите Ши и Бајден ќе разговараат за конкретни прашања“, вели Хелена Легарда, главен аналитичар на берлинскиот труст на мозоци „Меркатор институт за кинески студии“ (МЕРИКС). Нејасно е меѓутоа дали ќе постигнат некаков договор. Реално е да се очекува дека овој самит нема многу да донесе.“

Конкуренција за глобална доминација

Политички, двата система се спротивставени еден на друг. Кина е автократска, еднопартиска држава која стана втора најголема економија во светот. До 2050 година Пекинг сака да ја заврши својата „изградба во силна нација во светот.“ Таа комунистичка земја со децении, во текот на Студената војна, жестоко, но и неуспешно се бореше против западната алијанса, а сега сака во 2050 година да ги замени САД на позицијата на глобална велесила. Како демократија и најголема светска економија, САД сакаат да го одбранат своето водечко место.

Обете земји се во конкуренција на повеќе нивоа. Станува збор за економија, посебно за високотехнолошкиот сектор на полупроводници, за дигитализација,  вештачка интелигенција. Во прашање се и геополитички интереси, каде Кина сака да склопи сојузи со незападни земји и да го преобликува светскиот поредок во кој доминираат САД. Крајно, се поставува и прашањето дали идеолошкиот модел на 21век ќе биде комунистичка автократија или капиталистичка демократија.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден
САД и Кина - системски ривали - кинескиот претседател Ши Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден на Г20 во ноември 2022 годинаФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Предизвикот на автократијата

САД воспоставија дипломатски односи со Кина во 1972 година, во време кога претседател беше Ричард Никсон. Во последните неколку децении Кина забрзано се развива, посебно по воведувањето на т.н. „политика на реформи и отворање“ во 1978 година.

Оваа земја со својата голема економска моќ создаде и економска зависност. Нејзиниот огромен пазар привлекува бројни инвеститори од Европа и САД кои со себе донесоа и свој капитал, но и свое техничко знаење. На пример, германските производители на автомобили Фолксваген, БМВ и Мерцедес околу 35 проценти од својата продажба во 2022 година ја оствариле во Кина.

Пекинг истовремено е активен и во Африка, Централна Азија, Латинска Америка, а однеодамна и во арапскиот свет. Два најистакнати примери се иницијативата „Појас и пат“, чии трговски рути водат преку океанот и на евро-азискиот континент, и второ, нејзината водечка улога во  групата земји во развој „БРИКС плус“,  која неодамна е проширена со шест незападни држави членки. За приклучување кон таа група се заинтересирани уште 40 земји.

„Кина практикува државнички дух кој се обидува да оствари политички цели во односите со други држави, користејќи економски лостови“, вели Маркус Таубе, професор по економија од Универзитетот Дуизбург-Есен и експерт за Кина. На германско-кинескиот деловен ден одржан минатата недела во Диселдорф, тој изјави: „Кина сака да има поголемо влијание во глобалниот систем. Тоа значи дека расте антагонизмот со западниот свет. Доживуваме ренесанса на ‘економска државност' како инструмент за остварување на национани интереси и вредности“.

Изразот  „Economic Statecraft" овде е буквално преведен како „економско управување со државата“, а означува спроведување на политички цели со помош на економијата. Со други зборови, економијата е таа која ја гради надворешната политика.

„Промена преку трговија“

Иронијата на историјате е што токму Западот, посебно во 1990-те години, сакаше да поттикне промени во Кина низ „економска државна умешност“. Германскиот слоган беше „промена преку трговија“. „Германските системски теоретичари веруваа дека сложените економии не можат да функционираат без слободни општествени модели. ‘Промена преку трговија' сметаа, би придвижила процес на уедначување. Денес гледаме дека тоа не е сосема точно“, укажува професор Таубе. Зашто, вели тој, Кина докажа дека капитализмот и автократијата совршено одат заедно. 

„Голем предизвик за западните земји и долгорочна загриженост се јавува поради тоа што Кина изрази свои амбиции за реформирање на актуелниот глобален поредок, неговите правила, вредности и принципи, така што тие да бидат во склад со нејзините сопствени“, вели експертката Легарда.

Алијансата држави Г7 предводена од САД, а чија членка е и Германија, на Кина ѝ понуди соработка „во совладување на глобалните предизвици во области од заеднички интерес.“ Во завршната декларација на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 одржан во средата на 8 ноември во Јапонија, се наведува: „Спремни сме да градиме конструктивни и стабилни односи со Кина, а исто така важно е да бидеме отворени едни кон други и нашата загриженост да ја изразиме директно до Кина."

Непосредно пред посетата на Ши, во САД се упатени повици до претседателот Бајден одлучно да одговори на  кинески провокации.  За да се надминат заедничките предизвици, се укажува, неопходни се прагматична солидарност на Кина и САД, без оглед на системското ривалство. Зашто, Запад исто така се бори да најде истомисленици. „Како демократии, ние можеме да останеме во системски натпревар со автократски сили само ако нашите пријатели ширум светот чувствуваат дека сме сериозни“, изјави во Токио германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.