1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силата на симболиката во политиката

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
12 февруари 2024

Сите балкански народи, и тие кои се и тие кои не се членки на ЕУ, уште се заглавени во 19 век. Уште се борат со соседите околу тоа „чии се“ личностите од минатото. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4cHiJ
Варшава, 1970 година I Германскиот канцелар Вили Брант на колена пред споменикот на Еврејските херои
Варшава, 1970 година: Германскиот канцелар Вили Брант на колена пред споменикот на Еврејските херои Фотографија: AP/picture alliance

Има симболични гестови кои се погласни од илјада зборови, особено кога се одигруваат во политичкиот контекст на долга замреност во односите на соседните народи. Тој невербален говор во политиката тогаш има моќ да помести планини. Планините се невидливот „товар“ од минатото, кој дотогаш ги попречувал да се запознаат вистински и да се прифатат. Така долго останале во затворениот простор на својата митска слика за себе и во стереотипната слика за соседот. Често само симболиката може да отвори патишта за пријателство таму, каде што долго владеел мразот на туѓоста. Најпознатиот пример за моќта на симбиличните гестови, секако, е клекнувањето на германскиот канцелар Вили Брант пред споменикот во Варшавското гето 1970-та. Затоа што симболичниот гест се одигра на место со огромно симболично значење за историјата на човештвото, тој гест стана слика и писмо преполно со драма и емоција, емпатија и болка.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Таму каде што трагичноста на страдањето ја надминува силата на зборовите, гестот станува силна шифра. Симболиката ослободува позитивна енергија особено во процесите на политичкото и културно помирување меѓу соседните народи чија историја била на трагичен начин преплетена со војни. Европската историја е полна со примери за симболичното значење на настаните поврзани со војната и мирот, што значи, во позитивна и во негативна констелација.

За тоа многу јасно сведочи историјата на Франција и Германија во и по двете светски војни. Првата светска војна беше останала во многу болно сеќавање кај двата народа. Колку и да беше длабоко сознанието и кај Французите и кај Германците за апсурдот на таа војна, во која животот го загубија 17 милиони луѓе, сепак, тоа сознание кај многу Германци не успеа да го победи болното сеќавање на поразот. За жал, поразот од Првата светска војна подоцна стана еден елемент во пропагандата на националсоцијалистите за новата војна која беше уште постравотна од првата. Тоа сознание многу јасно доаѓа до израз во симболиката на истото место на кое беше потпишан поразот во двете војни. Еднаш поразот на Германија во Првата светска војна, на 11 ноември 1918, а потоа поразот на Франција во Втората светска војна, на 22 јуни 1940. Хитлер го избра намерно истото место во шумата во Компиен (Compiègne), на кое беше потпишано примирјето на фронтот во Првата светска војна, за да го запечати поразот на Франција против неговата армија во Втората светска војна.

Прегратката на Аденауер и Де Гол

Со еден чин на голема симболика поврзана со местото на настанот започна и помирувањето на Французите и Германците по Втората светска војна. Германецот Конрад Аденауер и Французинот Шарл Де Гол се прегрнаа при потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка помеѓу Франција и Германијаво симболична смисла во име на сите германски и француски граѓани. Тоа се случи на 22 јануари 1963-та, во Елисејската палата во Париз. Од тој миг договорот меѓу Франција и Германија се вика „Елисејски договор”, како симбол за една нова ера на мирот, соработката и пријателството меѓу двата народа.

Конрад Аденауер и Шарл Де Гол
Прегратка на Конрад Аденауер и Шарл Де Гол при потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка помеѓу Франција и ГерманијаФотографија: ZUMA/Keystone/IMAGO

А тој настан се одигра таму, затоа што во историското паметење на двата народа токму таа Елисејска палата беше долго симболот за „наследеното непријателство” меѓу двата народа. Тоа непријателство ги раѓаше војните. Во прочуената „сала со огледала” во Елисејската палата беше прогласен „Германскиот Кајзеррајх” по крајот на француско-германската војна од 1870-71. И по Првата светска војна Французите ја следеа истата симболика на порази и победи: потпишувањето на мировниот диговор со поразените Германци се одигра во истата сала во Елисејската палата. Затоа, кога во истата сала 1963-та се прегрнаа Адеанауер и Де Гол, двајцата сведоци на тоа трагично колективно паметење на војни, симболиката беше посилна од секој збор. Двајцата државници во Втората светска војна беа на „вистинската страна”- Де Гол во францускиот „отпор” против Хитлер, а Аденауер во „домашен притвор”, што му беше пресуден од Хитлеровата власт, на која се беше спротивставил како градоначелник на Келн уште 1934-та. Токму затоа што обајцата државници сакаа на своите народи да им дадат јасен знак за почетокот на француско-германското пријателство, тие ја избраа симболиката на местото кое кај двата народа дотогаш будеше негативни чувства.

Балканот заглавен во 19 век

Често на Балканот се заборава улогата на симболиката во надминувањето на наследената негативна слика за соседот. Особено за процесите во кои Македонците на својот пат кон ЕУ допрва треба да изградат искрено пријателство со своите соседи, од големо значење е осмисленото надминување на наследените негативни историски слики и сеќавања преку обликување на еден нов „наратив на пријателство” по угледот на европските искуства. Во европското искуство, особено во германско-француското и германско-полското пријателство, симболиката која успешно помагаше да се надминат негативните сеќавања често доаѓаше од сферата на културата. Прочуена е улогата на писателот Гинтер Грас во процесот на германско-полското пријателство, иако неговата фамилија по Втората светска војна беше протерана од некогашниот Данциг, денешниот Гдањск. Голема симболична улога одигра неговиот роман „Лимениот барабан” (1959) кој, конечно, му ја донесе Нобеловата награда во 1999. Според Комитетот на Нобеловата награда, Грас во своето дело ја сликаше заборавената историја низ приказни кои се истовремено и радосни и тажни.

За жал, сите балкански народи, и тие кои се и тие кои не се членки на ЕУ, уште се заглавени во 19 век. Уште се борат со соседите околу тоа „чии се“ личностите од минатото. Тие не учат од промерот на Гинтер Грас, кој денес им припаѓа на двете култури. Литературното дело на Грас е еден особен заеднички „наратив на пријателство” за Полјаците и за Германците. ЕУ не може да понуди таков нов наратив на пријателство, на пример, за Македонците и за Бугарите. Тоа може да го сторат само тие самите. Доколку тие станат свесни дека двата народа можат да бидат победници само во пријателството. Тогаш полесно ќе ги делат и личностите од минатато кои за обата народа имаат силно симболично значење.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема