1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

УНРВА: Зошто организацијата е под притисок?

29 јануари 2024

Повеќе држави меѓу кои и Германија ги стопираа уплатите за организацијата за хуманитарна помош на Палестинците. Што им се префрла на соработниците во Појасот Газа и зошто е организацијата толку спорна?

https://p.dw.com/p/4bnCI
Gazastreifen I UNRWA, Hilfswerk der Vereinten Nationen
Фотографија: picture alliance/dpa/APA/ZUMA Press Wire

Зошто УНРВА е предмет на критики? 

Израелската влада приложи информации до Агенцијата за хуманитарна помош на ООН според кои 12 соработници биле инволвирани во нападот од Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, во кој беа убиени околу 1140 лица и повеќе од 250 земени како заложници.

Од 12-те обвинети девет биле веднаш отпуштени од работа, еден е мртов, а идентитетот на останатите двајца сѐ уште се утврдува, изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш. Тој најави дека тие ќе одговараат и со кривичен прогон. „Грозоморните дела на овие соработници мора да имаат последици", рече тој. 

ООН до сега не излегоа со детали за обвинувањата. Порталот Аксиос цитира висок израелски функционер според кој информации на тајните служби укажуваат на „активно учество” на соработници на УНРВА. Според истиот извор користени биле и возила и простории на организацијата.

Што е УНРВА?

УНРВА е основана во 1949 од страна на Генералното собрание на Обединетите нации и организацијата се грижи за потребите на Палестинците регистрирани како бегалци и за нивните потомци кои во екот на формирањето на државата Израел во 1948 и на последователната прва арапско-израелска војна беа протерани или избегале од таму. Нивниот број од околу  750 илјади во 1948 е зголемен на актуелно 5,9 милиони лица. 

Организацијата која е активна на палестинските територии, во Јордан и Сирија, го има мандатот на ООН да пружа хуманитарна помош и заштита на официјално регистрираните палестински бегалци во територијата што ја покрива, „сѐ додека се дојде до праведно и трајно решение за нивната ситуација". Притоа организацијата пружа образование, здравствена заштита и социјални услуги, па сѐ до инфраструктура, микрофинансирање и итна помош за време на вооружени конфликти. 

УНРВА, Појасот Газа
Од вкупно 30 илјади соработници на УНРВА, 13 илјади се активни во Појасот ГазаФотографија: picture alliance/dpa/APA/ZUMA Press Wire

Во училиштата на УНРВА учат повеќе од 540 илјади палестински деца. Организацијата управува со околу 60 т.н. бегалски логори, меѓу кои 19 во Западниот Брег управуван од палестинските автономни власти. 

Како работи УНРВА во Појасот Газа? 

Од вкупно 30 илјади соработници на УНРВА, цели 13 илјади се активни во Појасот Газа во повеќе од 300 установи. Според податоци на ООН, од 2,4 милиони жители на Појасот околу 1,7 милиони се регистрирани како бегалци, а во палестинската територија контролирана од Хамас има осум бегалски населби. 

Во Појасот Газа хуманитарната ситуација беше критична уште пред почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Според податоци на ООН од август 2023, во тој момент 63 проценти од жителите страдале од недостиг на храна и зависеле од меѓународната помош. Повеќе од 80 проценти живеат под границата за сиромаштија. 

Кој плаќа и колку?

Во 2022 година уплатите кон УНРВА изнесувале 344 милиони американски долари, втор најголем донатор е Германија со 202 милиони, па ЕУ, Шведска, Норвешка, Јапонија и Франција. 

Зошто УНРВА е генерално спорна? 

Израел подолго време ги критикува уплатите како можен  индиректен извор за финансирање на Хамас, која ЕУ и САД ја оквалификуваат како терористичка организација. Земјата и западните сојузници на УНРВА и` префрлаат дека спречува решение за бегалското прашање и со тоа израелско-палестинскиот конфликт дополнително се зацврстува. Организацијата ги отфрла обвинувањата. Прашањето е експлозивно затоа што со резолуција на ООН заедно со статусот на бегалец е впишано и правото на враќање назад. Израел отфрла такво право бидејќи смета дека тоа ја загрозува егзистенцијата на државата. 

УНРВА  Појасот Газа
УНРВА меѓу другото обезбедува храна за жителите на Појасот ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/Anadolu/picture alliance

Какви се реакциите на најновите обвинувања? 

Претставници на организацијата и ООН се ужаснати од можната инволвираност на соработниците во терористичкиот напад. На меѓународно ниво многу земји реагираа со загриженост. Како последица на тоа САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Франција, Финска и Италија најавија прекин на уплатите за организацијата. Германија се приклучи на мерката и сѐ до конечното расветлување привремено нема да исплатува нови средства за УНРВА во Појасот Газа, соопштија од Министерството за надворешни работи и Министерството за развојна помош. Претседателот на палестинските автономни власти на Западниот Брег, Махмуд Абас, на Израел му префрла нападна кампања против УНРВА со цел да се разводнат палестинските прашања. И терористичката организација Хамас зборува за кампања од страна на Израел. 

Ретки моменти на радост за децата во Газа

Норвешка и Ирска соопштија дека и покрај обвинувањата ќе продолжат со поддршката за организацијата. 

Какво значење има прекинот во уплати?

Гутереш апелираше на државите кои имаат  прекини во уплатите  да ја обмислат одлуката. Актуелното финансирање на УНРВА не е доволно за да се поддржат двата милиони цивили во Појасот Газа во месец февруари. Тој замоли за континуитет на работата на организацијата и да не бидат казнети останатите десетина илјади соработници. „Итните потреби на очајните жители на кои тие им служат, мора да бидат исполнети."

Поддршка има и од Турција - од Министерството за надворешни работи во Анкара се вели дека прекинот на уплати првично им наштетува на палестинските цивили. Сличен став зазеде и министерот за надворешни работи на Египет, Самех Шокру. 

Специјалниот известувач за палестинските подрачја на ООН, Франческа Албанезе, смета дека прекинот во уплати може да е и противправен. Одлуката ќе „повлече правна одговорност” и би можела да значи „крај на меѓународниот правен систем”, пиша Албанезе на платформата Х. И таа упати критика дека земјите со прекинот во уплатите казнуваат „колективно милиони Палестинци во критичен период” и со тоа „веројатно ги повредуваат нивните обврски според Конвенцијата против геноцид”.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во петокот предупреди да се даде поголема помош на луѓето во Појасот Газа. Највисокиот суд на ООН во привремена одлука го повика Израел да стори сѐ во негова моќ во воениот ангажман против Хамас  да не дојде до „геноцид”. Војната меѓу Израел и Хамас трае повеќе од три месеци и беше предизвикана од терористичкиот напад од Хамас на 7 октомври.