1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени од „готовс“ до „остав“

2 април 2024

Од СДСМ посочуваат - овие избори ќе одредат со кого ќе преговараме во следните 4 години - со ЕУ или со Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ децидни - уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има.

https://p.dw.com/p/4eKUE
Влада на Северна Македонија, Скопје
Влада на Република Северна Македонија, СкопјеФотографија: DW/F. Schmitz

Уставните измени се услов што го прокламираа сите партии на Албанците, без оглед дали се на власт или во опозиција, единствено со разлики по прашањето - дали тие треба да бидат итни/неодложни (да се спроведат веднаш по конституирањето на парламентот) или во одредена временска рамка. Во македонскиот блок состојбата останува непроменета -  СДСМ е „за’,  ВМРО-ДПМНЕ против уставни измени под сегашните услови.

„Крајната цел на овие избори е што ќе се случува во следните четири години -  дали ќе преговараме со Бугарија или ќе продолжиме да преговараме со ЕУ“, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ.

„Овие избори, колку и да сака ДПМНЕ да ги залажува граѓаните, се токму за членство на нашата држава во ЕУ. Додека Украина и Молдавија добиваат преговори и веќе го почнуваат скринингот, сите се движат напред, ние заради инаетот на ДПМНЕ стоиме во место“, изјави Маричиќ на ТВ Телма.

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ: Крајната цел на овие избори е што ќе се случува во следните четири години -  дали ќе преговараме со Бугарија или ќе продолжиме да преговараме со ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема и нема да има

Опозициската партија нејзиниот став за ова прашање го презентирала и во изборната програма.

„Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има“, одговори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, на прашањето на „360 степени“ колку темата за уставни измени ќе биде важна при формирањето на владата и што пишува за неа во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе го кажам ставот на ВМРО-ДПМНЕ - уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Доколку Бугарија сака какво било придвижување во однос на т.н. малцински права - тие така ги нарекуваат - во тој случај ние мора да ја видиме најрелевантната институција за малцински и човекови права во Европа - тоа е  Европскиот суд за човекови права од Стразбур,  од  Советот на Европа.Таму резултатот е 14:0, 14 пресуди во корист на Македонците во Бугарија и нула пресуди во корист на Бугарите во Македонија, зборувам за неимплиментирани. Доколку Бугарија сака да разговараме за седумстотини и нешто луѓе коишто кажаа дека зборуваат бугарски јазик и се чувствуваат  Бугари во Македонија,  фер е за стотици илјади Македонци коишто не можат да се декларираат на попис како Македонци, да се спроведат овие пресуди. Ние пред година дена велевме - ајде да почнеме со три, но секако нема да застанеме на три, затоа што Бугарија како земја членка на ЕУ и на Советот на Европа бара да се почитуваат малцинските човекови права, тогаш мора и самата да ги почитува“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан - дали тоа треба да значи дека и опозициските партии на Албанците се согласни да им бидат партнери знаејќи дека треба да се откажат од уставни измени, Николоски одговори: „Тоа треба нив да ги прашате, но ние уставни измени под бугарски диктат ниту изгласавме, ниту ќе изгласаме и тоа е јасно“.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Александар Николоски: Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој е уверен дека ако се реши проблемот со криминал и корупција, притисокот ќе оди кон Бугарија и тие ќе се повлекуваат од националистичките политики што ги имаат.

„Јас стојам зад ова дека ќе биде. Да испорачаме резултати, ќе видите“, уверен е Николоски.

Временска рамка

Доколку победи на избори ВМРО-ДПМНЕ ги типува  како потенцијални партнери  за состав на идна влада партиите на Албанците од опозициската Коалиција „Вреди“, на кои, пак, спроведувањето на  уставните измени им е еден од условите  за влез во идна влада. Претседателскиот кандидат на оваа коалиција, Арбен Таравари, тоа го посочуваше во повеќе наврати, со тоа што најави флексибилна, но не и неограничена временска рамка за решавање на тоа прашање.

„Нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени.  Ќе бидеме дел од влада која во одреден временски период ќе се обврзе да ги спроведе уставните промени“, изјавуваше Таравари.

„Не велам веднаш за 10 дена, меѓутоа да имаме одреден лимит и гаранции од меѓународниот фактор дека тоа ќе се случи. Ова е став на сите политички партии на Албанците. Има еден џентлменски договор меѓу нас, дека не би биле никогаш дел од некоја влада која што нема да прифати Македонија да го продолжи европскиот пат, бидејќи немаме друга алтернатива. Ние не сакаме да ни се повтори Букурешт 2008 година и да талкаме уште 10 години“, порача тој.

Како што пренесоа медиуми на албански јазик, на неодамнешната средба со претставници на академската заедница Таравари добил порака од универзитетскиот професор Руфи Османи, дека уставните измени за отклучувањето на процесот на интеграција во ЕУ се формула „да се биде или не“, бидејќи интеграцијата ќе донесе извонредни економски, финансиски и инвестициски придобивки.

Според Османи, ахилова пета на овие избори би бил ризикот да се врати на власт партија која го блокирала интегративниот процес на земјата повеќе од десет години,  политички ризик кој е голем  и може да ја доведе земјата во нов ќорсокак. За да не станат Албанците соучесници во можна блокада на интегративниот процес, тој порачал дека уставните измени како услов и критериум за вето мора да бидат клучни и пред вториот круг претседателски избори и кога ќе се формира новиот парламент, односно да се формира блок што ќе спречи враќање на власт на партија што ќе го блокира процесот на интеграција.

ДУИ, Мала Речица
Од ДУИ се децидни: уставни измени мора да имаФотографија: DW/S. Toevski

Нема влада без уставни измени

Од владејачката ДУИ, чија изборна реторика е доминантно насочена за ЕУ, интеграцискиот процес и спречување на штетни влијанија од Русија, повторуваат дека уставни измени мора да има. Овој став го потенцира и Садула Дураку, поранешен вицепремиер и носител на листата на Европскиот фронт во изборната единица 2.

„Оваа држава мора да оди напред, мора да го задржи европскиот пат. Не може ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ да ја водат државата како што сакаат. И ние сме дел од оваа држава, ДУИ се покажа дека е државотворна партија и политиките ги води за доброто на државата. Во тој контекст, за доброто на државата уставни измени мора да има, нема влада без уставни измени (...) Во 2001 година ја демократизиравме државата, ја спасивме Македонија, а сега во 2024 година ја спасуваме Северна Македонија со тоа што го избираме вистинскиот пат. Државата ја насочуваме кон европскиот пат затоа што немаме друга алтернатива“, изјави Дураку на ТВ21.