1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата и Извештајот на ЕК: Бегање од грешките

17 ноември 2023

Во држави каде што одговорноста и доброто владеење се важни, слаби оцени како тие во Извештајот на ЕК завршуваат со оставки. Кај нас министерските глави се поскапи од наводната европска кауза. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4YxBP
Влада Република Северна Македонија Скопје
Седиштето на владата на Република Северна Македонија во Скопје Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Извештајот на Европската комисија многу прецизно ги опиша слабостите на земјава на патот кон ЕУ. Тоа се корупцијата, судството, јавната администрација, и злоупотребата на европското знаменце, особено при измените на Кривичниот законик. Владата по обичај се обидува да ги игнорира овие слабости и; како и досега, својата волја за ЕУ да ја демонстрира преку согласноста за промена на Уставот.  

„Одбраната“ за неуспехот ја презеде вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во чие портфолио е токму оваа област од клучно значење за државата, но се чини без реална подготвеност да ги прифати и да се произнесе за искажаните ставови на Комисијата. Не се слушна ниту збор критика од владини и провладини кругови околу детектираните слабости што може да се толкува како сигнал дека Владата или нема намера да ги прифати изнесените квалификации од Европската комисија, или уште полошо ' не ги гледа како доволно голем проблем за да ги признае и да работи на нивно отстранување.  

Ова бегство од грешки е типично однесување на сите политички фактори кои владееја со земјава во изминатите три и повеќе децении. Одбивањето да ѝ се погледне в очи на вистината се сфаќа како слабост на владејачките елити. Фалбите се истакнуваат со денови, но критиките се ставаат под тепих и не се работи на подобрување на состојбите. Тоа е една од причините што судството, на пример, е рак-рана на општеството со децении, а исто така и корупцијата која наместо да се намалува како што ѝ прилега на земја кандидат за членка на ЕУ, се зголемува, а во нашиот случај доби и епидемиски размери.  

Не е јасно зошто вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска практично со ниту еден збор или потег не покажа загриженост или самокритика од срамните резултати во борбата против корупцијата и партизираната јавна администрација. Нејзината одговорност е голема, бидејќи политичките функционери се едни од главните извори на корупција и штитење на лични интереси наместо на државниот или јавниот интерес. Грковска е често виден гостин на разни конференции каде што се говори за борбата против корупцијата и за потребата од професионална јавна администрација. Пред само неколку месеци на дискусијата за драфтот на владината стратегија за транспарентност 2023-2026 упати порака дека јавната администрација мора „да прифати дека не постои сама за себе, туку мора да биде сервис за граѓаните, коишто ја плаќаат“. Но полесно е да се оди на конференции и да се кажуваат пароли наместо секој да се соочи со одговорноста за потфрлањата во својот сектор.   

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

На Мерко никој ништо не му може   

Грковска често вели и дека нејзиниот кабинет посочил до истражните органи неколку случаи на корупција кои треба да бидат испитани, но јавноста никогаш не дозна кои се тие случаи, кои функционери се замешани во нив и каков е епилогот по иницијативата на нејзиниот кабинет. Она што јавноста го памети е дека Грковска фрли вина врз Антикорупциската комисија за наводно непостапување против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој се најде на црната листа на САД за корупција, но тој си остана на функцијата.   

Во меѓувреме анализата на Антикорупциската комисија покажа очајна реализација на мерките и активностите кои се предвидени со националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси. Само 10 отсто од активностите планирани со акцискиот план се завршени во 2022 година, односно од 165 предвидени активности реализирани се 17 активности, 58 се во тек на реализација, а 90 воопшто не се реализирани. Во Националната стратегија се детектирани 54 проблеми и предвидени се 111 мерки и 191 активност која треба да ја преземат државните институции. Резултатот од тоа е речиси нула, се разбира, но денес кога државата е ставена на столбот на срамот за корупцијата, владините функционери задолжени за одделни сегменти во таа област, решија да молчат и да го игнорираат извештајот.   

Во држави каде што одговорноста и доброто владеење се важни, вакви слаби оцени завршуваат со оставки на надлежните функционери, но кај нас по сѐ изгледа министерските и вицепремиерските глави се поскапи од наводната европска кауза.  

Иста состојба може да се забележи и во однос на критиките во Извештајот на Европската комисија за судството и воопшто за правната област со заеднички именител функционирање на правната држава. За правосудството во извештаите на ЕК за 2019 и 2020 година беше забележан добар напредок, во 2021 и 2022 година беше посочен одреден напредок, но затоа во последниот извештај за 2023 година ЕК оценува дека воопшто нема напредок. Дадена е негативна оценка на застојот во усвојувањето на новата Стратегија за развој на правосудниот сектор и комплетирањето со имплементацијата на постојната стратегија. Дополнителна загриженост е искажана и за неподготвеноста за справување со пензионирања на судии и јавни обвинители и неспроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството.  

Европското знаменце поцрвене   

Меѓутоа, наодите ги одмолчеа и министерот за правда Кренар Лога, а и заменичката Викторија Аврамовска Мадиќ, која беше главна протагонистка во измените на Кривичниот законик, за кои и покрај уверувањата на Ковачевски дека се за усогласување со европското законодавство, заработија црвен картон од Европската комисија. Од реакцијата која дојде од ЕУ за овие измени, и која е нотирана и во Извештајот за напредок, поцрвене и синото европско знаменце бидејќи според наодот на Европската комисија тоа било (зло)употребено спротивно на намената за која постои. Но одговорните функционери не се изјаснија со ниту еден збор за тоа, а камоли да понудат оставки кога веќе се декларираат за проевропски фронт, а европските институции открија дека не работеле во корист на оваа декларирана кауза.  

Молчи и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу иако прозивките во Извештајот на ЕК звучат драматично за „домашни уши“ кога се знае дека со децении наназад Брисел ја опоменува Македонија за гломазна, партизирана и неефикасна администрација. Во приказните за реформа на јавната администрација веќе никој не верува, а бегањето од грешките во оваа сфера само го засилува тој впечаток, бидејќи и оваа најнова неповолна оценка помина без никаква реакција од надлежниот владин ресор ниту пак обид да се преземе одговорност и да се напушти фотелјата.  

Овие состојби го покренуваат и прашањето каде исчезна главниот обвинител за гонење на корупција и организиран криминал Ислам Абази. Во држава каде корупцијата се посочува како еден од главните проблеми и ја парализира секоја пора од општеството, е несвојствено да постои молк од оваа институција. Освен случајот „Синџир“ кој беше обелоденет пред две седмици и во кој беа уапсени 20-тина лица за проневерени околу 8 милиони евра, како и истрагата за 15 осомничени за даночна измама, злосторничко здружување и перење пари, од оваа клучна институција не излезе ништо друго. Како корупцијата да постои некаде на друго место, а не во Македонија.  

Правосудството и борбата против корупцијата се две клучни подрачја на поглавјето 23, кое пак е дел од целиот кластер од кој зависи динамиката на преговорите кој се отвора прв и се затвора до крајот на преговорите. Од друга страна, и за планот за раст којшто го објави Комисијата, предвидувањата се дека ќе биде условен и со владеењето на правото.

И последниот Извештај на Европската комисија ќе биде прекриен од заборавот како и претходните други, но после такво жестоко критикување граѓаните во најмала рака очекуваат ако не оставки барем објаснувања и итни чекори за поправање на состојбите. Проевропскиот фронт не може да биде само кауза на хартија, туку вистинска, сеопфатна и сериозна акција која ќе се грижи за својот интегритет и кредибилност, па дури ако треба да паднат и глави.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема