1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАзербејџан

Нагорно Карабах: Пресудија влошените руско-ерменски односи

22 септември 2023

Ерменија предолго се потпираше на превртливата и незаинтересирана Русија, со која забрзано ги влошуваше односите, додека немаше доволно време и начин како посериозно да се приближи кон Западот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Wfpe
Нагорно Карабах | Оштетен автомобил во Степанакерт
Оштетен автомобил во Степанакерт (20.09.2023)Фотографија: Aik Arutunyan/SNA/IMAGO/

Ерменија, поточно Нагорно Карабах, ерменската енклава во Азербејџан, капитулираше во рок од 24 часа. Во вторникот (19.09) Азербејџан почна „голема воена операција“ за освојување на Нагорно Карабах, прекинувајќи ги преговорите и примирјето кое траеше од 2020-та година, под гаранции на руските мировници и воени сили.

Додека трупите на Баку, безрезервно поддржани од Реџеп Таип Ердоган, ги започнаа своите операции против сепаратистичките сили во Карабах, во Ереван бевме сведоци на протести и напад на седиштето на Владата, како и пред руската амбасада во Ерменија. Демонстратите бараа и веројатно и понатаму ќе бараат оставка од премиерот Никол Пашинјан, затоа што Ерменија не се вклучува во одбрана на ерменската популација во енклавата и затоа што премиерот официјално призна дека Нагорно Карабах припаѓа на Азербејџан, додека на Русите им се забележува што не интервенирале со цел да го спречат „геноцидот“ врз Ерменците и ја запоставиле безбедноста на Ерменија.

Почетоците на конфликтот

Регионот Нагорно Карабах е планински, има околу 11 илјади км/2 и географски целосно се наоѓа во Азербејџан, кој во образложението за своите претензии се повикува на принципот на територијалниот интегритет на една држава, аргумент кој по малку иронично, суштински доби на сила после руската инвазија на Украина. Но, регионот е населен претежно со Ерменци, и е етнички, културно и религиозно близок до Ерменија, така што Ерменија инсистира на правото на самоопределување на населението.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Генезата на конфликтот се случува во 1988 година, кога локалните власти побарале да преминат од советската република Азербејџан во исто советската република Ерменија. Тогаш започнуваат првите етнички судири кои ни советската интервенција не успева да ги реши. Со распадот на СССР започнува вистинска војна помеѓу Азербејџан и Ерменија.

Делови од Нагорно Карабах уште во 1991 година декларираат самостојност, таканаречена „Република Арцах“ која не ја признава ниту една држава во светот, дури ни Ерменија - веројатно затоа што не сака мировните преговори со Азербејџан да ги направи невозможни уште од самиот старт. Првото примирје ќе биде постигнато во 1994-та, благодарение на посредство на Русија и ОБСЕ.

Во 2020 година изби втора војна за регионот меѓу двете држави, откако Азербејџан се збогати од продажба на нафта и гас и сериозно се вооружи. По 44 дена и поддршка од Турција, Баку прогласи победа и Азербејџан си врати делови, околу 150 километри, од спорната територија под своја контрола. Руските сили требаше всушност да го надгледуваат примирјето, но тензиите и натаму беа присутни и постојано имаше смртоносни судири меѓу двете страни. Од почетокот на конфликтот, според проценките, се загинати околу 35 илјади лица. Стотици илјади се во бегство.

Азербејџан е муслиманска и туркофонска земја, поддржана од Турција, со која има јазични и културни афинитети и помеѓу двете земји важи слоганот „еден народ - две држави“. Ерменија е христијанска земја и формално поддржана од Русија, иако ќе видиме дека токму отсуството на руска поддршка е една од причините зошто Азербејџан победува и зошто Нагорно Карабах капитулираше.

Русија го запостави својот сојузник

Од почетокот на својата инвазија врз Украина, Русија целосно го запостави својот сојузник Ерменија и својата миротворна мисија во Нагорно Карабах. Единствениот пристапен пат, таканаречениот „Коридор Лачин“, кој го поврзува Карабах со државата Ерменија, од декември 2022 година е блокиран од Азербејџан. Оттогаш, регионот е во голема мера отсечен од надворешниот свет, а жителите оставени без каква било увозна стока, пред сѐ храна и лекови. Руските трупи присутни на терен не направија ништо со цел да ја спречат азербејџанската блокада, додека Ереван почна да ја насетува грешката што неговата безбедност е премногу зависна од Русија.

Нагорно Карабах | руски мировни трупи
Руските мировни трупи не направија ништо за да ја спречат азербејџанската блокадаФотографија: Sergei Grits/AP/picture alliance

За волја на вистината веќе од 2018-та и „кадифената револуција“ со која на власт дојде Никол Пашинјан не тече добра крв помеѓу рускиот и ерменскиот лидершип. Антипатија која драматично ќе порасне кога владата на Пашинјан ќе отвори врата за соработка со други сили, и ќе ја критикува Москва од аспект на нејзините безбедносни гаранции. Конечно, односите ќе се влошат драстично кога Пашинјан ќе дозволи за првпат да се одржат на ерменска територија заеднички воени вежби со САД. Во исто време, Ереван одби на нејзина територија да се одржат воени вежби на Организацијата за колективна безбедност (ОДКБ), воениот сојуз на постсоветски држави каде Ерменија е историски партнер. Ерменија таквата одлука ја правдаше со цел да избегне турско-азерскиот тандем да се осети под закана. Две стратешки и необјасниви грешки на владата во Ереван и на премиерот Пашинјан.

Пашинјан од критики не ја поштеди ни самата Организација за колективна безбедност (ОДКБ), виновна за фактот што не интервенирала во одбрана на земјата од Азербејџан. Пашинјан воедно одби да стане заменик генерален секретар на ОДКБ и дури се шпекулираше дека Ерменија би можела да излезе од безбедносната организација. Русија и понатаму беше мета на критики за нејзините слаби безбедносни гаранции после војната во Украина, како и поради фактот што, според Пашинјан, решила целосно да се повлече од Кавказот.

Дека односите помеѓу Владимир Путин и Никол Пашинјан се на историски минимум ни потврдува и ерменската одлука забрзано да пристапи кон ратификација на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, што е низок удар за Москва и Путин, затоа што евентуалното членство би им дозволило на ерменските власти да го уапсат рускиот претседател.

Ерменија забрзано ги влошуваше односите со Русија

Русија од своја страна беше принудена во последните години да одржува некаква позиција на рамнотежа помеѓу Азербејџан и Ерменија. И двете земји важат за историски важни партнери на Москва во регионот, особено во секторите на безбедноста и одбраната. Од 2011 до 2020 Русија е најголем извозник на оружје и во Ерменија и во Азербејџан, каде речиси сите воени системи на Ереван се од руско производство, додека барем 2/3 од азерските воени набавки доаѓаат од Русија.

Ерменија | Никол Пашинјан премиер
Никол Пашинјан, премиер на ЕрменијаФотографија: Karen Minasyan/AFP/Getty Images

Целта на Русија во овој четиридецениски конфликт е да спречи директни воени операции на ерменска територија која меѓународно е признаена, да избегне директен воен конфликт со Азербејџан и да ја гарантира сигурноста на своите миротворни трупи на терен, како и релативната безбедност на локалната популација во Карабах. Русија ниту има волја ниту пак способност да ја поддржи локалната ерменска влада во Нагорно Карабах. Ерменија од 2020-та имаше шанса да се подготви за наредниот конфликт и да го поддржи Карабах, но изгледа дека тоа не е спроведено успешно, додека Азербејџан е пресилен и самостојно, а со поддршка на Анкара е супериорен на секое поле. Ерменија, од своја страна, предолго се потпираше на превртливата и незаинтересирана Русија, со која забрзано ги влошуваше односите, додека немаше доволно време и начин како посериозно да се приближи кон Западот.

Всушност тоа ќе биде големото стратешко прашање за Ереван во иднина - избор помеѓу Западот, кон кој се отвора или кон Истокот и Русија, кои полека ѝ вртат грб на Ерменија. Но, засега Ерменија сѐ уште е премногу стратешки и економски зависна од Русија. Војната против Украина ги залади односите меѓу Москва и Ереван, но не ги прекина целосно. Една од најголемите руски воени бази и понатаму се наоѓа во Ерменија, економската размена постојано расте, додека граѓанското општество не негува антируски сентимент толку карактеристичен за сите останати поранешни советски републики.

Сепак, сѐ почесто и народот и земјата сакаат поинакви и подобри партнери од само Руската Федерација. Тој избор и правец ќе зависат од судбината на владата на Пашинјан, од она што ќе се случи во Украина, и од тоа колку Западот е подготвен да се заложи за Ерменија. Засега, ниеден од овие три предуслови не делува добро.

Што се однесува до популацијата на Нагорно Карабах, не им се пишува најдобро, ги очекува болна асимилација или егзодус - уште една трагична епизода за историски напатениот ерменски народ.