1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаКосово

Во Косово се шири конзервативен ислам?

Вјоса Ќеркини
25 август 2023

Во Призрен, на југот на Косово, конзервативни муслимани водат хајка против квир- новинарот Вулнет Красниќи. Тоа не е поединечен случај. Колку е опасен радикалниот ислам во де факто либералното и секуларно Косово?

https://p.dw.com/p/4VXPm
Призрен  против настапот на феминистичката канадска пејачка Пичес Косово
Протест во Призрен против настапот на феминистичката канадска пејачка Пичес Фотографија: Philipp Böll/DW

Градот Призрен на југот на Косово е познат по неговата шареноликост. Во радиус од само неколку стотици метри има џамии, една православна и една католичка црква, а наскоро треба да биде отворена и синагога. Албанците тука имаат мирен соживот со групи на други народи, меѓу кои Турци, Роми и Бошњаци. 

Но, градот сега е сцена на хајка која го покажува токму спротивното - со денови на огромни ЛЕД екрани се повикува на бојкот на косовскиот портал „Национале”. На нив се гледаат фотографии од познатиот новинар Вулнет Красниќи кој работи во „Национале”. Покрај тоа стои и дека „слободата на печатот завршува кога се во прашање навреди”. 

Повик за бојкот на порталот „Национале“ во Призрен
Повик за бојкот на порталот „Национале“ во ПризренФотографија: privat

Красниќи кон средината на јули известуваше за протестна акција на муслимани од општината. Мало, но гласно малцинство се најде погодено од настапот на феминистичката канадска пејачка Пичес која е и идол на ЛГБТ+квир заедницата. Пичес со својот бенд разголена настапи на 04.08.2023 во Призрен во рамки на фестивалот Доку. Во повикот за протестната акција против нејзиниот настап се вели дека пејачката не може да се поврзе со традицијата и културата, дека ги загрозува децата и доведува до „дегенеративност”. 

Полицајците пасивни гледачи

Демонстрацијата се одржа на 11.08.2023 пред најпознатата џамија во Призрен, веднаш по петочната молитва. Се собраа околу 200 лица. Кога Вулнет Красниќи некои од нив запрашал во што точно се состои загрозувањето на децата во настапот на Пичес и што значи „дегенеративност”, брзо се нашол во фокусот на присутните. „Насилни демонстранти ми пријдоа, ме навредуваа и ме туркаа. Бараа да не поставувам прашања и да не известувам за протестот”, вели Красниќи за ДВ. И камерманот Арбер Арифи бил загрозуван и туркан од демонстрантите. Видео снимки покажуваат како полицајците гледаат и стојат на страна, наместо да интервенираат. 

Косовскиот новинар Вулнет Красниќи нападнат протест во Призрен на 11 август 2023
Косовскиот новинар Вулнет Красниќи нападнат од гневни демонстранти на протест во Призрен на 11 август 2023Фотографија: Ferdi Limani

Ова не е поединечен случај. Веќе втор пат летово мала група конзервативни муслимани се наоѓа на насловните страници со насилни дела против новинари. Неодамна новинар беше претепан затоа што со ироничен тон известувал дека уклтраконзервативен имам од Призрен по повод пензионирањето добил мерцедес на подарок од членовите на неговата заедница. И тоа е само еден од поновите случаи, а и во минатото бројни новинари се соочуваа со закани или беа физички нападнати. Причина за тоа покрај нивното известување за политичка корупција често беше и тоа што според мислењето на конзервативни муслимани наводно прекршувале верски или традиционални вредности. 

Световна држава

Радикалниот ислам во моментов не претставува релевантна политичка закана во Косово.Косовската држава експлицитно се декларира како световна, најголемиот дел Косовци се доживуваат себеси како „Muslime light", лесна форма на муслимански верници. Традиционално жените не носат хиџаб, туку ако се воопшто се покриени, тогаш само со шамија врзана околу вратот. Нема отпор спрема консумирањето алкохол. Многумина воопшто не одат, или пак многу ретко, во џамија.

Арбана Џара, политиколог и косовска новинарка
Арбана Џара, политиколог и косовска новинарка, укажува на опасен феномен во КосовоФотографија: privat

Арбана Џара, политиколог и повеќекратно наградувана косовска новинарка, која сега веќе во САД ја истражува исламската радикализација на Балканот, за ДВ вели: „Исламот во Косово е насекаде и ако може така да се рече, прозападно ориентиран. Но, дури и во таа форма повеќето жители на земјата не го практикуваат. Тие не ја ставаат верата над идентитетот на луѓето. Тоа е јасна спротивност во однос на некои земји од Блискиот Исток во кои верата не значи култура, туку идеологија”, објаснува Џара. 

Опасен феномен

Сепак Арбана Џара во капањата препознава опасен феномен. „Од крајот на војната во 1999 година може да се забележи дека радикални исламски струи продираат во Косово.Тие сакаат да ја променат геополитичката и културолошка ориентација на земјата и да дејствуваат против мултикултурното, либерално и прозападно наследство. Тоа станува закана кога државата ги толерира таквите струи.”

Политикологот знае за што зборува - како новинарка и самата била со години изложена на хајки и закани и меѓу другото нарекувана „курва на Евреите” заради нејзиното известување за радикални исламисти во Косово. Во мај 2017 година брутално била нападната и претепана покрај нејзината куќа во Призрен. Неколку месеци подоцна го напуштила Косово откако дознала дека има планови за атентат врз неа. До денес не се знае кој ја нападнал во 2017 година. „Дури и по шест години полицијата ништо не презема, ниту пак обвинителството”, признава резигнирано Џара. 

Хомосексуалноста неморална

Сѐвкупно сликата во однос на темата е контрадикторна. Од една страна косовските власти изминатите години прилично строго постапуваа со одреден дел од спектарот на радикалниот ислам. Според проценките, околу 400 лица од Косово се приклучиле на т.н. Исламска држава на Блискиот Исток. Повратниците и повратничките беа осудени на долги затворски казни или ставени под државен надзор. 

Парада на гордоста во Приштина Косово
Парада на гордоста во Приштина на 10 јуни 2023 годинаФотографија: ARMEND NIMANI/AFP/Getty Images

Од друга страна државата кај одредени теми останува пасивна. Така на пример во случајот со непожелни новинари, кога властите често или воопшто не спроведуваат истрага, или таа е половична. За теми кои поларизираат, политичарите често молчат. Така и на темата ЛГБТ +квир, која конзервативните муслимани сѐ повеќе ја третираат за пропагандистички настапи. Номинално правото на „квир”- лицата се заштитени во косовскиот Устав. Во реалноста едвај да уживаат заштита. Не само што многумина Косовци имаат предрасуди, туку и муслиманските заедници и повеќето политичари, без разлика од кој спектар, хомосексуалноста ја отфрлаат како „неморална”. 

Да се престане не е опција

Премиерот Албин Курти уште од поодамна се изјасни за признавање на истополовите бракови. Косово со тоа би станало прва муслиманска земја на светот со таков закон. Но, иницијативата во пролетта 2022 доживеа тежок неуспех. Дури и многумина од членовите и пратениците од матичната партија на Курти, „Самоопределување”, беа против - и покрај тоа што партијата номинално застапува леви и социјалдемократски вредности и произлезе од граѓанско движење. Од ислам во „light" верзија Вулнет Красниќи на протестот во Призрен не видел ни трошка. Можеби нападите врз него имале врска и со тоа што тој самиот е деклариран хомосексуалец и јавно се залага за правата на хомосексуалците и на ЛГБТ+квир. Во секој случај и натаму е под шок од акцијата. „Сликите од нападот доведоа до илјадници реакции и коментари на Фејсбук, повеќето го поздравија нападот врз нас”, вели новинарот. „Добив и голема поддршка, но обемот на омразата во коментарите на Фејсбук не го очекував”, вели тој. 

И во неговиот случај косовските власти молчат. На прашање на ДВ за хајката против новинарот и порталот „Национале”, сѐ до објавувањето на текстов портпаролот на косовската влада не даде одговор. Красниќи не се плаши. Вели дека „не е опција да се престане”и додава дека „да продолжи е единствениот начин на напаѓачите да им покаже дека не се плаши од нив”.

 

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот