1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон не исклучува испраќање западни војници во Украина

ЖА /АРД
27 февруари 2024

На конференција во Париз, околу 20 земји договориле испраќање на поголема помош на Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон не исклучува ни учество на западни копнени трупи.

https://p.dw.com/p/4cvDk
Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон не исклучува можност од распоредување на западни копнени војници во Украина Фотографија: Gonzalo Fuentes/AP Photo/picture alliance

Францускиот претседател Емануел Макрон не ја исклучува можноста од распоредување на копнени војници во Украина од страна на неговата земја. Ништо не е исклучено за постигнување на целта- спречување на руска победа во Украина, изјави Макрон синоќа во Париз, по завршувањето на конференција за помош на Украина.

На неа учествуваа повеќе од 20 претседатели на влади и премиери, меѓу кои и  германскиот канцелар Олаф Шолц.  Макрон истакна дека на состанокот не постоело единство околу ангажман на копнени трупи, но во идниот тек на војната тоа не е исклучено.

Макрон: Никогаш „никогаш“

„Не постои консензус за официјално испраќање на копнени трупи, но во динамиката ништо не може да биде отфрлено. Ќе направиме сѐ што е можно за  Русија да не може да ја добие оваа војна“,  изјави Макрон. „Многу луѓе кои сега велат ‘никогаш' за ваквата можност, се истите кои пред две години велеа ‘никогаш' за тенкови, авиони, ракети со долг дострел“.

Денешната дискусија се концентрира околу прашањето за побрза испорака на тенкови и ракети и нејзино засилување. „Значи, сѐ е можно ако помага во постигнување на нашата цел. Општиот заклучок денес е дека е во игра сигурноста на сите нас“, истакна Макрон на почетокот на краткорочно организираната конференција.

Украина војна
Украина доби западни тенкови по долги дискусииФотографија: Libkos/AP/picture alliance

Односот на Русија се заострува како на политички план, така и  на фронтот во Украина,  каде се закануваат нови руски напади. Руски пораз е неопходен за стабилноста и безбедноста во Европа, поради што поддржувачите на Украина треба да продолжат понатаму. „Ние сме во процес на обезбедување на нашата денешна и утрешна безбедност“, рече Макрон, истакнувајќи притоа: „Не сакаме да војуваме со рускиот народ“.

Предупредување од ескалација и тензии

Пред заминувањето на конференцијата во Париз, словачкиот премиер Роберт Фицо предупреди од „опасна ескалација на тензиите“ со Русија. Одделни земји, кои тој не сакаше да ги именува, очигледно се спремни директно да испратат свои војници во Украина. Тоа меѓутоа  не би ја натерало Русија на отстапки,  туку поверојатно би ја зголемило опасноста од проширување на конфликтот. Во врска со евентуално испраќање на трупи преку Полска, Макрон по конференцијата истакна дека за ангажманот на копнени трупи секоја земја може да одлучува самостојно и суверено.

Создавање нова коалиција за оружје

Во Париз е донесена одлука за формирање коалиција која  ќе ја снабдува Украина со ракети и бомби  со среден и долг дострел за  удари далеку зад руските линии,  истакна францускиот претседател.

На краток рок треба да се мобилизира дополнителна муниција за Украина од сопствените резерви, но и од трети земји. Меѓу другото, договорени се иницијативи за сајбер одбрана, копродукција на оружје, воени капацитети и муниција во Украина, како и за одбраната на земјите кои директно се загрозени од руската офанзива во Украина, особено Молдавија. Макрон, исто така соопшти постоење на план за  поддршка на Украина на нејзината граница со Белорусија со невоени сили. На конференцијата станало збор и за деактивирање на мини.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема