1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војната на Блискиот Исток: Каде да бегаат луѓето од Газа?

Стефани Хепнер
19 февруари 2024

Преку еден милион Палестинци избегаа во Рафах на југот на Појасот Газа. Нетанјаху сега се заканува да започне копнена офанзива во тој дел. Тоа беше тема и на Конференцијата за безбедност во Минхен.

https://p.dw.com/p/4cYy3
Палестински бегалци кај Рафах, на границата со Египет
Палестински бегалци кај Рафах, на границата со ЕгипетФотографија: Mohammed Abed/AFP

Со месеци израелската влада од палестинското население во Појасот Газа бараше да бегаат на југ. Според податоци на хуманитарни организации, околу 1,5 милиони лица се наоѓаат на границата кон Египет во градот Рафах, кој претходно броеше само 300 илјади жители. Некои од нив повеќе пати до сега биле евакуирани. Условите за живот се катастрофални. Многу бегалци се изложени на студот во провизорни сместувалишта и шатори. Недостигаат храна, вода и лекови. Наскоро ситуацијата за луѓето би можела да се влоши. Израелскиот премиер Нетанјаху не се откажува од планот  копнената офанзива да ја прошири и кон Рафах  против Хамас, која од страна на Германија, ЕУ и САД е категоризирана како терористичка организација. Пред тоа да се случи, војската на цивилите ќе им овозможи да се префрлат во безбедни региони, наведува тој.
Плановите наидоа на остра критика на меѓународен план, меѓу другото и од САД, кои се најважен сојузник на Израел. Германската министерка за надворепни работи, Аналена Бербок, во однос на Рафах побара долгорочно да се обезбеди сигурен простор и зборуваше за „хуманитарна катастрофа во најава”.
По терористичкиот напад од Хамас на 7 октомври минатата година со околу 1200 убиени лица, Израел објави војна на Хамас. Во израелската офанзива во Појасот Газа според податоци на министерството за здравство под контрола на Хамас се загинати околу 29 илјади лица.

Остра критика за Нетанјаху

Војната се најде и во фокусот на Минхенската безбедносна конференција. Палестинскиот премиер Мохамед Штаје од Западниот Брег на седницата побара од израелската влада да дозволи палестинското цивилно население притиснато на југот од Појасот Газа да се врати назад во родните места. Тој го предупреди Нетанјаху да не се обидува со воени средства да ги прогони луѓето во соседен Египет. „Ние и Египќаните интензивно работевме ова да не биде дозволено“, рече Штаје и додаде дека на покана на Русија месецов ќе се одржи средба на сите палестински групи во Москва. На една дебата модерирана од ДВ тој рече дека „ќе видиме дали е Хамас подготвена да се договори со нас“. Штаје појасни дека тие од своја страна се подготвени да соработуваат.

Палестинскиот премиер Мохамед Штаје од Западниот Брег
Палестинскиот премиер Мохамед Штаје од Западниот Брег бара од израелската влада да да не се обидува со воени средства да ги прогони луѓето во соседен ЕгипетФотографија: THOMAS KIENZLE/AFP

Реакциите се движат меѓу критики и разбирање

Поранешната спикерка во Конресог Ненси Пелоси за ДВ рече дека според неа „однесувањето на Нетанјаху е непростливо, што се однесува до колатералните штети за деца, семејства и остатокот од населението“ и додаде дека „никој не може да и` го одрече правото да се одбрани на една земја која толку брутално била нападната. Но, се надевам дека ќе го примат апелот од министерот Ентони Блинкен и секако од претседателот Џо Бајден – сите ние сме пријатели на Израел – и дека внимателно ќе ги третираат цивилите."

Претседателот на ЦДУ, Мерц, во разговор со ДВ апелираше до владата на Израел „да ги заштити цивилите, но да го победи тероризмот во Појасот Газа за таков проблем веќе да не се појави“. Тој никогаш на израелската влада „отворено со подигнат показалец“ не би и` давал совети, вели и додава дека „тие си имаат свои проблеми и мора да ги решат и заслужуваат целосна поддршка."

Каде може или мора да бегаат бегалците?

Со денови се шпекулира за малкуте можности кои би им преостанале на внатрешно раселените лица во Појасот Газа во случај на копнена офанзива во Рафах. Медиумите, повикувајќи се на безбедносни кругови и на НВО Синајска фондација за човекови права, јавуваат дека Египет подготвува огромни затворени кампови во кои би можело да се сместат до 100 илјади бегалци. Од Египет ги отфрлаат таквите наводи и велат дека се против протерувањето на Палестинците и против доброволно напуштање на Појасот Газа, пренесува Дија Рашван од Службата за информирање.

Ретки моменти на радост за децата во Газа

Но, земјата многу пред израелската  воена акција во Појасот Газа  има подготвено тампон зона во пограничниот регион обезбедена со бодликава жица. Египет не гради кампови за Палестинци, туку за хуманитарни пратки, се вели од египетски безбедносни кругови. Бегалската агенција на ООН, УНХЦР, на прашање на ДВ не сакаше да се изјасни за „шпекулациите“ за бегалски камп. Комесарот за бегалци Филипо Гранди во интервју за Би-Би-Си изјави дека позицијата на Египет е јасна. „Луѓето не треба да заминат преку граница. За тоа Египет има добри причини. Тоа би било катастрофа за Палестинците, особено за оние кои повторно би биле протерани. За Египет би било во секој поглед катастрофално и што е поважно – уште една бегалска криза речиси би оневозможила иден мировен процес."

Египет меѓу сите столчиња

Египет и де факто уште од почетокот на војната се изјасни  против прием на бегалци.  Преголем е стравот дека економски разнишаната земја би можела да се префорсира. Египет веќе сега има стотици илјади бегалци и баратели на азил, пред се` од Судан. Освен тоа властите стравуваат дека Израел подоцна нема да им дозволи на  бегалците да се вратат назад во Појасот Газа. На ставот во Каиро влијае и стравот дека меѓу бегалците би можело да има и терористи од Хамас. Друга опција за палестинските бегалци би бил северот, назад во најголем дел уништените градови во Појасот Газа. Ако  Израел започне офанзива,  армијата би се обидела да го пренасочи цивилното население кон северот, вели претставник на војската.

Газа - деца во руините на една џамија
Газа - деца во руините на една џамијаФотографија: MOHAMMED ABED/AFP via Getty Images

Живот меѓу руините

Според израелскиот дневен весник „Харец“ префрлањето би било тешко. Регионот околу местото Ал-Мавази во близина на Рафах, нема капацитет да прими стотици илјади во шатори. Враќање во градот Газа или во Кан Јунис би било „живот меѓу руините и без инфраструктура“. Кон крајот на јануари, според податоци на ООН половината од сите објекти таму биле уништени или оштетени. Во регионот практично „не може да се живее“. Процентот на деструкцијата во меѓувреме веројатно е и зголемен. Медиумите веќе со денови јавуваат и за воздушни напади врз Рафах, во кои според новинските агенции се убиени и луѓе. За можна пауза за да се соземат луѓето на лице место, ќе разгледува во вторник Советот за безбедност кој ќе расправа за нацрт резолуција со која се бара „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и ослободување на сите израелски заложници. САД веќе употребија вето. Тие преферираат ослободување на заложниците со шестнеделен прекин на огнот.