1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто анкетите го вратија Груевски на „бел коњ“?

ДТЗ
20 декември 2022

Без конкуренција, најпопуларниот политичар во Македонија всушност е „ниту еден”. Граѓаните бараат излез од црно-белата понуда на старата политика, укажуваат аналитичарите за ДВ

https://p.dw.com/p/4LErR
Никола Груевски
Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски е „најпопуларен политичар“ со рејтинг од 7%Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ?“, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев на 17 декември, откако Апелациониот суд во Скопје поништи две пресудиво кои беше обвинет ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков и ги врати повторно на одлучување поради суштествени повреди на Законот за кривична постапка. Два дена подоцна анкетата на ИРИ го врати Груевскина „бел коњ“ на листата на политичари со највисок рејтинг во земјата. Груевски кој веќе четири години е во бегство во Унгарија, додека во земјата се нижат судски процеси и пресуди против него, веста ја слушна додека го прославуваше именденот. На социјалните мрежи, каде активно комуницира со своите поддржувачи, се заблагодари на нивната поддршка и доверба. Но, многумина од граѓаните, но и политичарите, последните резулати од анкетата на ИРИ, која беше објавена вчера (19.12), ги натера да стават прст на чело и да се запрашаат како може да расте рејтингот на поранешен политичар, бегалец од правдата, чие име се наоѓа на црната листа на САД. 

Прст на чело 

Особено загрижувачки е што граѓаните се помала доверба имаат во актуелните политичари и од власта и од опозицијата, а за сметка на тоа „спасот“ се бара во поранешни функционери, кои одамна се во сенка од актуелните политички збиднувања. 

Па така, поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски е „најпопуларен политичар“ со рејтинг од 7%, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има доверба од 6%, како и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, по што следи Ковачевски со 5 проценти. Груевски за само една година добил најмногу на популарност од 3 на 7 проценти. Подобрување во рејтингот во споредба со лани има и кај поранешниот претседател, премиер и прв човек на СДСМ, Бранко Црвенковски од еден на два проценти доверба.  

Но, комуникологот Петар Арсовски, смета дека најголем рејтинг меѓу политичарите во Северна Македонија всушност нема никој. „Резултатите од анкетата кај сите политичари се во распон од 5 до 7 процентни поени, што е во рамките на статистичката грешка“, вели тој за ДВ, укажувајќи дека не може така едноставно да се извлече заклучок дека Груевски е најпопуларен политичар. Но, се согласува дека резултатите од анкетата се загрижувачки, бидејќи со нив се праќа порака дека за граѓаните „никој од политичарите не чини“. 

Петар Арсовски
Комуникологот Петар Арсовски, смета дека најголем рејтинг меѓу политичарите во Северна Македонија всушност нема никојФотографија: Petar Arsovski

Општа разочараност 

На иста линија е и размислувањето на дипломатот и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров. Тој за ДВ вели дека во анкетата за Груевски негативно мислење имаат вкупно 66% од граѓаните и тој по овој критериум е меѓу најнеомилените политичари во земјата, иако 7 од 100 граѓани имаат најпозитивна слика токму за него. 

„Мислам дека вистинското прашање и главната граѓанска порака од оваа анкета е - зошто речиси сите политичари имаат рејтинг близу до статистичка грешка. Без конкуренција, најпопуларниот политичар во Македонија всушност е „ниту еден”, со 38%. Тоа, пак, што за дури 58% од македонските граѓани земјата оди во погрешна насока, наспроти само 13% кои мислат дека Македонија се движи во правата насока е особено поразително“, анализира Димитров. 

За граѓаните, земјата е во полоша состојба и во споредба со екот на политичката криза во 2016. година, кога исто 58% беа негативни, но тогаш 20% беа задоволни, смета тој. „Ова значи дека за 6 години сме го завртеле кругот. Пораката е јасна. Место правдата, победи партизацијата и корупцијата“, вели Димитров.

Но, ако тогаш имаше некаква надеж во Шарената револуција, денес има една општа разочараност. „Мислам дека граѓаните бараат излез од црно-белата понуда на старата политика. Но, тој излез нема да биде еден човек, ниту ќе падне од небо. За излез од кругот, ќе треба апатијата да ја замениме со друга енергија - решителност и свест дека судбината на државата е во рацете на граѓаните“, смета поранешниот министер. 

Никола Димитров
За излез од кругот, ќе треба апатијата да ја замениме со друга енергија - решителност и свест дека судбината на државата е во рацете на граѓаните, смета поранешниот министер Никола ДимитровФотографија: Imago/A. Parsons

Паѓаат рејтинзите 

Дури 45 проценти од испитаниците во анкетата на ИРИ, одговориле дека не се задоволни од работата на ниту еден од министрите во сегашната Влада. На листата на тројца најдобри министри се наоѓаат имињата на премиерот Димитар Ковачевски (13%), Оливер Спасовски (12%) и Фатмир Битиќи (5). Граѓаните сметаат дека вицепремиерот Артан Груби (15%) и шефот на дипломатијата Бујар Османи (13%) не ја вршат својата функција онака како што би требало. 

Ако утре да се одржат предвремени парламентарни избори 19% од анкетираните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ би гласале 11% од испитаниците,7% за ДУИ, а 6% за политичката партија Левица. Во споредба со ноември минатата година, довербата во СДСМ е за пет проценти опадната, во ВМРО-ДПМНЕ - за еден процент, додека кај ДУИ е иста.

„Има генерално незадоволство од сегашните политички елити, паѓаат рејтинзите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ што не е причина за прослава во ниту еден од политичките блокови“, вели Арсовски. 

Тоа што расте „рејтингот“ на Груевски, според аналитичарите, може да е одраз и на случувањата со Бугарија, на ретроградните процеси во односот кон ЕУ, но и на внатрепартиските случувања во ВМРО-ДПМНЕ, судирот меѓу Христијан Мицкоски и скопската градоначалничка, Данела Арсовска и меѓусебните обвинувања за криминал и корупција.