1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Зошто Франција инсистира на нуклеарни централи?

Дојче веле
20 август 2022

Температурите се многу високи со недели и француските нуклеарки тешко се справуваат со овој топлотен бран. Но, тие сепак не се во егзистенцијална криза и не е загрозен приматот на атомската енергија во земјата.

https://p.dw.com/p/4FbkP
Frankreich I Golfech-AKW
Фотографија: Jean Pierre Jost

Со недели Франција, како и другите европски земји, „се вареше“ на температури над 40 Целзиусови степени. Во многу региони има недостиг од вода за пиење, почвата е исушена, шумите горат. Топлотниот бран е голем проблем и за француските нуклеарни централи.

Околу една петтина од 56-те реактори всушност би морале да се затворат или барем да ја намалат нивната работа на минимум - затоа што реките во кои ја испуштаат загреаната вода што се користи за ладење на реакторите се едноставно премногу топли. Тоа правило, сепак, беше суспендирано од француската влада, барем до 11 септември. 

На тоа очигледно била принудена, меѓу другото, и поради фактот што повеќе од половина француски нуклеарни централи не работат неколку месеци - поради планирани и непланирани работи за одржување. Во Франција, во нормални околности, нуклеарните централи се одговорни за покривање на околу 70 отсто од енергетските потреби на земјата. Ова е рекорд во светот, а сегашните проблеми не треба да ја доведуваат во прашање оваа национална енергетска стратегија, иако кај многумина предизвикува негодување. 

Голфеш во југозападниот дел на Франција е една од нуклеарните централи со посебна дозвола за работа. Еден од двата реактори моментално е надвор од функција. Како и во единаесет други француски реактори, пред неколку месеци во Голфеш беа откриени корозија и дупки во цевките, кои се важни за безбедноста на реакторот. 

Меѓутоа, вториот реактор работи - и покрај жешкото лето. „Едноставно не разбирам како може да се одржува објектот ако има катастрофални последици за еко-системот“, вели за ДВ Жан-Пјер Делфо, член на еколошката организација FNE86. 

Жан-Пјер Делфо еколошката организација FNE86
Жан-Пјер Делфо пред нуклеарната централа ГолфешФотографија: Lisa Louis

Нерамнотежа на екосистемот 

„Поради жештините, и онака во моментов многу помалку вода тече низ реката Гарона, помалку отколку во нормални околности. Голфш користи вода од реката за ладење. Еден дел испарува, што значи дека помалку вода завршува во реката. И таа вода е исто така шест степени потопла од порано. Така, реката дополнително се загрева, што ги уништува микроалгите. Тие се храна за некои мали риби, а малите риби се храна за поголемите риби. Целиот синџир на исхрана е надвор од рамнотежа“, бесно вели Делфо.

79-годишникот е противник на атомската енергија веќе 50 години. Учествувал во протестите против тој проект уште пред да почне изградбата на Голфеш. „Повеќе бактерии се развиваат во топла вода - а потоа мора да се користат повеќе хемикалии пред да можете да ја користите таа вода како вода од чешма. А потоа ги пиеме тие хемикалии“, додава Делфо.

Енергетскиот концерн ЕДФ, кој е одговорен за сите француски атомски реактори, одби некој од нивната компанија да зборува за ДВ. Во писмото испратено од портпаролката на компанијата, се наведува дека моментално има „вонредна ситуација“ и дека претходните примероци на лице место, во близина на реакторот, не покажале никакви штетни ефекти врз флората и фауната.

Сегашните компликации, се чини, нема да бидат причина за некаква егзистенцијална криза во францускиот нуклеарен сектор. Владата има намера наскоро целосно да го национализира ЕДФ, односно планира да изгради нови реактори.

Франција Голфеш
Премногу топла вода ја загрозува еколошката рамнотежаФотографија: Jean Pierre Jost

Нови нуклеарки, нови прашања

И тоа отвора нови прашања за Ана Крети. Таа е раководител на Катедрата за климатска економија на Универзитетот Дофин во Париз. „Неразбирливо е како сето ова треба да функционира технолошки, особено на толку краток рок“, вели таа за ДВ. „Владата се фокусира на таканаречените модуларни реактори за кои досега има околу четириесетина технологии, а сите се уште во пилот фаза. Може да потрае уште пет до десет години додека немаме модел кој е подготвен да се пласира на пазарот“.

Франција планира да пушти во употреба дополнителни ЕПР-реактори од понова генерација, но има бројни проблеми и со нивната изградба. Единствениот француски ЕПР реактор се наоѓа на север, кој се гради во Фламанвил. Според ЕДФ, досега чинеше 13 милијарди евра. Тоа е четири пати повеќе од планираното. Според податоците на Националната канцеларија за ревизија, трошоците оттогаш пораснале на повеќе од 19 милијарди евра. Пуштањето во употреба е закажано за следната година, десет години по првичниот рок. Дури и со изградбата на ЕПР во Велика Британија, Кина и Финска, судејќи според извештаите, има компликации.

Како и да е, француската влада резервира 150 милијарди евра за нуклеарниот сектор - за одржување на постоечките и за изградба на нови нуклеарни централи. „Во областа на обновливите енергии нема слични инвестициски поместувања - иако владата работи на закон кој треба да ја забрза реализацијата на проектите од областа на обновливите енергии. Инаку, оваа технологија е подготвена за имплементација на пазарот и трошоците во последните години значително се намалени“, додава Крети. Франција е единствената европска земја која не ги постигна целите во однос на обновливите извори на енергија за 2020 година: беше планирано тие да сочинуваат 23 отсто од енергетскиот микс, но во реалноста тие сочинуваат само 19 отсто од вкупната произведена енергија.

Причини за нуклеарка

Има причини за таква стратегија, забележува Кристијан Егенхофер од бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика (CEPS): „Франција инвестира во атомска енергија во рамките на таканаречената стратешка автономија. Ни требаат научници од нуклеарниот сектор, ни требаат инженери за одржување на околу 100 нуклеарни централи во ЕУ. Во спротивно, би морале да ги оставиме овие работни места на американски, кинески или корејски специјалисти, а тоа би претставувало безбедносен проблем“, објаснува експертот за ДВ. Целта на ЕУ е стратешка автономија во одбранбениот сектор, но и во енергетскиот сектор, што значи дека Унијата не сака да зависи од други во овие работи.

„Франција, освен тоа, има проблем и со електричната мрежа. Сè е централизирано околу Париз, каде што се троши најголем дел од електричната енергија. Струјата се транспортира до главниот град, а потоа струјата од Париз се испраќа во другите делови на земјата“, вели Егенхофер. „За обновливите извори на енергија, ќе ни треба децентрализирана мрежа, а нејзината изградба може да потрае неколку години“.Сепак, Егенхофер се сомнева и дека Франција ќе може да изгради нови реактори. Тој смета дека на долг рок и таа земја ќе премине на обновливи извори на енергија.