1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Зошто Мицотакис победува и покрај скандалите?

26 мај 2023

Дали ќе следува „ердоганизација“ или „орбанизација“ на грчката држава, допрва ќе видиме, но опасноста од такво сценарио повеќе не е далечна. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4RpPx
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Мицотакис и Неа Демократија не победија на парламентарните избори во Грција, тие згазија. Сега сакаат да прегазат на нови избори. Со неочекувани 40,8% од гласовите и 146 места во парламентот, можеби не освоија апсолутно мнозинство за 5 пратеника, но следните избори ќе се одвиваат по нов мнозински систем на гласање, преку кој победничката партија може да добие и до 50 бонус-места. Следните избори може да се случат на 25-ти јуни, каде Грција уште повеќе ќе биде обоена во сино, бојата на Неа Демократија, со исклучок на малата црвена точка во Родопи, на граница со Бугарија.- 

Четиригодишното владеење на конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис не беше едно од најуспешните, напротив, беше преполно со предизвици, скандали и трагедии. Започна со пандемијата, продолжи со тензиите со Турција на Ердоган, војната во Украина и неизбежната енергетска и инфлациска криза. Во меѓувреме се случи срамниот педофилски скандал со децата од бегалските кампови и вмешаност на луѓе од спектаклот. На тоа се надодаде скандалот со прислушување, каде целото грчко високо општество, од политичари и бизнисмени, до новинари и воени старешини, биле следени и шпионирани од страна на тајните служби, инаку поставени под директна супервизија од страна на премиерот Мицотакис. Мандатот драматично се заврши со катастрофалната железничка несреќа од Лариса и 57 мртви, во најголем дел студенти.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис
Грчкиот премиер, Кирјакос МицотакисФотографија: Thanassis Stavrakis/AP/picture alliance

Поделената левица

Прашањето кое неизбежно се наметнува е зошто Мицотакис триумфираше и покрај сите скандали и допингуваниот економски раст и заздравување? Веројатно првиот одговор лежи во поразените противници, особено Сириза, која доживеа изборен дебакл со само 20% од гласовите, 12% помалку од минатите избори. Грчката левица останува и понатаму историски поделена, со социјалистите на ПАСОК кои неочекувано се вратија на сцената (11,5%), жедни за одмазда кон Ципрас и со намера да ја канибализираат Сириза. Комунистите од ККЕ освоија достоинствени 7%, но традиционално немаат намера да коалицираат со никого. 

Повеќе од авторот: Грчката трагедија и македонскиот случај: Каде лежи политичката одговорност?

Тука е втората причина за победата на Мицотакис, на Грците им е здодеано од раскарани партии и слаби коалиции, додека во исто време после жртвите од „изгубената деценија“ и незалечената економска криза, претендираат стабилни влади и политички континуитет. Првите податоци покажуваат дека младите, земјоделците и широките народни маси - кои во минатото гарантираа енергија за промени - се имаат одалечено од активизмот и ангажираноста, ја имаат изгубено надежта и ја откажаа својата поддршка за радикалната левица. 31,5% од младите помеѓу 17 и 24 години гласале за конзервативците, додека Сириза доби 3% помалку гласови. Младите беа најголем број од жртвите на железничката несреќа, но делува дека наместо индигнација, кај нив посилна е желбата за стабилна власт. 

Јавната администрација и слободните професионалци, кои во минатото и дозволија на Сириза да стане мнозинска партија на масите, едноставно се вратија во стадото. Така обезбедувајќи го вистинското воскреснување на ПАСОК, кое токму Ципрас го избриша од политичката мапа на Грција. Изборите потврдуваат дека и покрај кризата и скандалите Неа Демократија има апсолутен консензус да владее слободно, силно и независно. Иако изборите во Грција секогаш можат да донесат изненадување, веќе е јасно дека Неа Демократија ќе победи на претстојните избори во јуни и најверојатно ќе добие удобно владејачко мнозинство. Сириза, од друга страна, најверојатно ќе се обиде да не се распадне и да го запре својот слободен пад. ПАСОК, пак, сака да си ја врати поранешната сила и цели кон второто место пред Сириза. Поразот на Сириза е шокантен и доколку Ципрас изгуби слично или полошо на следните избори, речиси сигурно ќе остане и без водството над партијата. 

Грчките избори ја санкционираа и трагичната парабола на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис и неговиот лево радикален ДиЕМ 25(2,6%) кој не успеа да го помине изборниот праг и да влезе во Парламентот. Изборен праг од 3%, каква иронија, со новиот чисто изборен пропорционален модел, толку посакуван токму од Ципрас, кој сега целосно го збриша Варуфакис и неговата партија. Се разбира, Варуфакис го обвини токму Ципрас дека е одговорен за неговиот пораз, како и грчкиот електорат кој отишол премногу „десно“. 

Лидерот на опозициската партија Сириза, Алексис Ципрас
Лидерот на опозициската партија Сириза, Алексис ЦипрасФотографија: Michael Varaklas/AP/picture alliance

Враќање на биполаризмот 

Изборите во Грција потврдуваат веќе една јасна тенденција во земјите од југот, центарот и истокот од Европа. Анти-системските и левичарските партии кои еднаш добиле власт, доколку не успеат конкретно да влијаат на промените, губат на кредибилитет, се издишуваат и пропаѓаат во тотална нерелевантност. Со други зборови, се нормализираат и го фаворизираат враќањето на биполаризмот, каде историските и традиционални партии повторно ќе доминираат. Грција е совршен пример и парадигма. 13 години после економската криза, партиите кои доминираат и делуваат дека имаат најголем раст на гласачи се Неа Демократија и ПАСОК (пораст од 40%). Истите партии кои највеќе придонесоа за кризата и потоа ја проширија слепо прифаќајки го диктатот на Тројката. 

Во годините на Тројката и штедењето преку половина милион млади ја напуштија Грција, додека со природен прираст од само 1,3% земјата има сериозен демографски проблем. БДП и понатаму е 16% под нивото од 2009 година, платите со години не растат и се многу пониски од предкризните години. Па сепак, делува дека широко распространетото разочарување и влошените животни услови наместо да поттикнат во борбата за вистинска системска алтернатива, само го поткрепуваат конзервативизмот кај гласачите и нивниот избор да гласаат за долга и бескрајна агонија. И тука нема Европа или надворешна сила која може да им помогне на помалите народи. 

И ние сме сведоци како нашите желби за промени и вистински системски трансформации се заробени во рацете на колаборационистите, конвертитите и петтоколонашите на некогашниот режим или лажните прогресивци кои народниот консензус го искористија за сопствени интереси и лични агенди. 

Како и да е, Неа Демократија ќе може да владее без силна опозиција во следните четири години, односно, ќе владее без никакви ограничувања, во ситуација кога веќе видовме дека воопшто не се воздржува од криминална злоупотреба на моќта. Дали ќе следува „ердоганизација“ или „орбанизација“ на грчката држава, допрва ќе видиме, но опасноста од такво сценарио повеќе не е далечна.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи