1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто авганистанската армија потклекна пред талибанците

Шамил Шамс
19 август 2021

Талибанското брзо преземање на Авганистан го изненади Западот, бидејќи никој не очекуваше дека авганистанските владини сили нема да се спротивстават со борба.

https://p.dw.com/p/3z6Od
Afghanische Soldaten erobern den Kontrollpunkt der Taliban in Laghman
Фотографија: Parwiz/REUTERS

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот (16.08) се обрати до нацијата да ги сподели своите ставови за влошената ситуација во Авганистан и талибанското преземање на земјата опустошена од војната. Додека Бајден ја оправдуваше својата одлука да ги повлече сите американски војници од Авганистан, тој го обвини авганистанското раководство дека не се спротивставило на талибанскиот напредок во последните недели.

„Вистината е: ова се разви побрзо отколку што очекувавме. Што се случи? Политичките лидери во Авганистан се откажаа и избегаа од земјата. Авганистанската војска се откажа, понекогаш без да се обиде да се бори“, рече Бајден.

-повеќе на темата: Дебакл на Американците во Авганистан

„Американските трупи не можат и не треба да војуваат и да умираат во војна за која авганистанските сили не се подготвени да се борат сами за себе“, додаде тој.

Сепак, за многу набљудувачи сѐ уште е збунувачки како авганистанската војска, која беше обучена и опремена од САД во изминатите две децении, можеше толку брзо да им се предаде на талибанците.

Од гледна точка на големината, талибанците имаат околу 80.000 борци во споредба со над 300.000 војници кои работеа за поранешната авганистанска влада. Сепак, милитантната група ја зазеде земјата во рок од неколку недели. За овој дебакл мoже да има неколку причини.

Нема воздушна поддршка од НАТО

Воздухопловната моќ беше клучен фактор во антиталибанските операции во текот на изминатите две децении. Додека авганистанските сили изведуваа групни операции, тие секогаш можеа да сметаат на воздушната поддршка на НАТО и САД. Со повлекувањето на НАТО, на авганистанските сили на теренот им недостасуваше клучен елемент на бојното поле против организираните талибански борци.

Afghanistan | Kämpfe zwischen Armee und Taliban
Над 300.000 војници работеа за поранешната авганистанска владаФотографија: AA/picture alliance

Мохамад Шафик Хамдам, експерт за безбедност со седиште во Кабул, за ДВ изјави дека авганистанските безбедносни сили се финансиски и воено зависни од САД и дека се оставени разоткриени и ранливи како што напредувало повлекувањето.

„Договорот помеѓу САД и талибанците во Доха минатата година и безусловното повлекување на трупите на НАТО од Авганистан оваа година го зајакнаа моралот на талибанците“, изјави за ДВ Атикулах Амархаил, безбедносен експерт од Кабул.

Без поддршка од САД и НАТО за авганистанските владини трупи, талибанските лидери знаеја дека можат да ја соборат владата во Кабул, додаде тој.

Авганистанската армија беше деморализирана со повлекувањето на САД

Ова, сепак, не го крие фактот дека Вашингтон потроши околу 83 милијарди долари (70 милијарди евра) за обука и опремување на авганистанската војска и дека локалните војници требало да бидат доволно силни, барем на хартија, за да им се спротивстават на талибанците.

Аналитичарите ја наведуваат деморализацијата и корупцијата како две важни причини за колапсот на авганистанската армија. Многу Авганистанци го сфатија договорот САД-талибанци во Доха во 2020 година, составен од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како сигнал дека Вашингтон веќе не е заинтересиран за Авганистан, што пак ги деморализира авганистанските сили.

Кога Џо Бајден го смени Трамп како претседател во јануари, авганистанските власти се надеваа дека новиот американски лидер ќе им даде повеќе простор за дишење. Меѓутоа, во април 2021 година, Бајден двојно го забрза планот на Трамп за безусловно повлекување на сите американски војници од Авганистан, а американските сојузници во НАТО го следеа истиот пример.

-повеќе на темата: Доста со лицемерието во Авганистан!

Очигледно е дека авганистанската администрација не беше подготвена за такво брзо повлекување, а тоа се влоши со фактот дека талибанците не се согласија за прекин на огнот на национално ниво, а авганистанските мировни преговори беа во застој.

Afghanistan | Kämpfe zwischen Armee und Taliban
Аналитичарите ја наведуваат деморализацијата и корупцијата како две важни причини за колапсот на авганистанската армијаФотографија: AA/picture alliance

Според извештајот на Советот за надворешни односи на САД, авганистанската војска „не е во состојба да обезбеди витални резерви, како што се храна и муниција, на пунктовите низ целата земја“.

„Повеќето војници избраа да ги склучат договор со талибанците, да се предадат или едноставно да ги снема, отколку да ги ризикуваат своите животи за безнадежна кауза“, се вели во извештајот. Се додава дека „некои авганистански единици, особено елитните командоси, се бореа напорно скоро до крај“.

Корупција во армијата

Невладини организации и истражувачки групи во повеќе наврати известуваа за растечката корупција во владата на Ашраф Гани.

Според  „Вашингтон пост“, од 352.000 војници и полицајци кои се сметаат за припадници на авганистанските безбедносни сили, само 254.000 би можеле да бидат потврдени од поранешната влада. Командантите не само што создадоа „војници -духови“ со кои ги наполнија платните списоци, туку и ја намалија платата на војниците што служат и не ги доставија потребните резерви, објави весникот.

Американскиот контролор за трошење средства за помош во Авганистан, исто така, ги обвинува САД за овозможување корупција во голема мера. Аналитичарите велат дека напорите на САД да ја прекинат корупцијата во Авганистан беа „со половина срце и неефикасни“.

Недостиг на идеологија за борба

Друга причина за падот на авганистанската армија беше недостатокот на цел, бидејќи лојалноста кон регионите го надмина чувството на лојалност кон централната влада во Кабул. Талибанците, пак, се обединети со милитантна исламистичка идеологија.

Од 2001 година, кога САД го нападнаа Авганистан и го соборија нивниот претходен режим, талибанците тврдеа дека нема да се откажат од својата исламска идеологија и дека ќе одат до кај што треба за да ги истераат „западните империјалисти“ и освојувачите од Авганистан.