1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аерозагадувањето- заеднички проблем на Балканот

28 ноември 2020

Секоја зима, истата приказна - воздухот што го дишат граѓаните на Србија во некои градови е крајно загаден. Агенцијата на ЕУ исто така предупредува на поразителната статистика за загадувањето на воздухот на Балканот.

https://p.dw.com/p/3lt9b
Serbien Luftverschmutzung in Serbien
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

За жителите на Ниш, но и за многу други во Србија, заштитните маски не дојдоа со коронавирусот. Некои ги носеа и порано, во зима. Секоја година ова време, во Ниш и другите градови во Србија, како што се Белград, Бор или Панчево, граѓаните се молат за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

Некои се снаоѓаат за почист воздух, барем меѓу нивните четири sида. Владимир Милошевиќ од Ниш, на пример, купи прочистувач на воздухот: „Кога ќе започне грејната сезона, смрдеата станува неподнослива. И мојот брат го купи, и тој е многу задоволен. Најважно е да има филтер ХЕПА 13 што ‘убива’ честички од 2,5 микрони, коишто се најштетни за здравјето и за кои велат дека се канцерогени“, објаснува Милошевиќ.

На врвот на листата според бројот на смртни случаи

Различни фактори влијаат на нивото на загадување, а еден од најголемите загадувачи се индивидуалните печки. Дури 50 проценти од граѓаните на Ниш користат шпорет на дрва за време на грејната сезона. Градската топлана грее на гас, но некои училишта и институции сè уште имаат котлари коишто се на мазут и јаглен. 

-повеќе на темата: Балкан: Најлошиот воздух во светот

Сепак, поради високата цена на греењето, многу жители на Ниш се исклучија од централното греење, така што само 30% од домаќинствата ги користат услугите на Топланата. Покрај сообраќајот, што е исто така голем извор на загадување, препораката на лекарите за често проветрување на просториите во Ниш и не е баш соодветна - особено навечер, кога смог се спушта над градот во котлината каде нема ветер.

Serbien Luftverschmutzung in Serbien
Загадување на воздухот во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Токму овие причини Европската комисија ги идентификува како главни за загадувањето, а тоа е заеднички проблем за целиот Балкан. Во официјалниот извештај на Агенцијата за заштита на животната средина на Европската Унија се наведува дека од осум смртни случаи во Европа, еден е поврзан со загадувањето на животната средина.

Земји со најголем процент на смртни случаи како резултат на загадувањето се Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија, се вели во извештајот. Од друга страна, бројот на предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот во ЕУ се намалува, но, според комесарот за животна средина, Виргиниус Синкевичиус, иако е во постојан пад, бројот на предвремени смртни случаи е сè уште голем.

Во зима - двојно повеќе пациенти

„Загадувањето во некое хронично траење навистина може да предизвика одредени болести. Не може директно да ги условува, но загадувањето и постоењето на веќе присутни болести може да ја влоши нивната состојба“, изјави за ДВ пулмологот д-р Тања Пејчиќ. Затоа лекарите ги советуваат ваквите пациенти да не ја напуштаат куќата, доколку не мораат.

„Во град како Ниш, кој се наоѓа во долина каде што нема ветер за да се разнесе тој смог или магла, на оние коишто имаат астма, бронхитис или опструктивна белодробна болест се први на кои тоа им пречи“, вели д-р Пејчиќ и додава дека во зимските месеци се јавуваат двојно повеќе пациенти кои се жалат на респираторни проблеми.

Serbien Luftverschmutzung in Serbien
Многумина, поради високите цени, прејдоа на греење на дрвоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Таа се осврнува на студии од Данска и Шпанија, покрај извештајот на Агенцијата за заштита на животната средина на ЕУ. Данското истражување покажало дека во градовите кои се загадени има 3,7 проценти повеќе карциноми на белите дробови отколку оние кои не се загадени. Шпанска студија забележа дека во таа земја 290.000 деца повеќе заболуваат од бронхитис во загадени области, отколку во незагадени средини, а кога станува збор за возрасни тогаш бројката е 25 000. Исто така, 500.000 повеќе напади на астма има во загадените градови отколку во незагадените.

Чекајќи го планот за квалитет на воздухот

Иако нашиот респираторен систем е дизајниран да ги апсорбира штетните ефекти, хроничното изложување сепак е многу проблематично, вели д-р Тања Пејчиќ. „Ако замислите дека нашите бели дробови се портал помеѓу нестерилната средина околу нас и белите дробови каде што околината е веќе стерилна, целата структура помеѓу нив е направена на тој начин за да се обиде сето тоа да го амортизира, со филтрирање, со задржување на честичките, со рефлекс на кашлање или кивање, ние тоа го исфрламе од дишните патишта. Но, кога честичките се доволно мали, кога има голем број од нив и кога трае и трае, значи хронично изложување, тоа е она што е многу штетно за луѓето“, објаснува д-р Пејчиќ. Најштетни се азот моноксид, азот диоксидот и слични гасови. 

-повеќе на темата: Смртоносен воздух во Европа

Мерењата на квалитетот на воздухот во Ниш се вршат со години, а меѓу 2017 и 2019 година тие покажаа дека овие честички се присутни во воздухот што го дишат граѓаните. Затоа градскиот советник за заштита на животната средина Соња Милојковиќ неодамна на регионална телевизија објави дека планот е да се поврзат поголем број институции на гас, како и дека градот е должен да изработи план за квалитет на воздухот што ќе го намали загадувањето. Сепак, градот беше должен да го стори тоа со години, а воздухот во Ниш беше класифициран во трета категорија во 2017 година: прекумерно загаден.

Фабриките можат да работат еколошки?

Пулмологот д-р Тања Пејчиќ решението го гледа во голем број паркови и зелени површини, но и во системски решенија, како што е употребата на соодветни филтри во индустријата. Еден од најпознатите загадувачи на воздухот во Србија е компанијата „Зиџин“, која во 2018 година го купи поранешниот РТБ Бор. Минатата година Борани организираа неколку протести на кои тврдеа дека загадувањето е поголемо од доаѓањето на кинескиот инвеститор.

Serbien Luftverschmutzung in Serbien - Dr Tanja Pejcic
Пулмологот д-р Тања Пејчиќ решението го гледа во голем број паркови и зелени површиниФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Според пишувањето на ЦИНС, по пристигнувањето на инспекцијата на Министерството за заштита на животната средина, кое утврди дека концентрацијата на SO2 е дури 8,3 пати поголема од дозволеното, поведена е судска постапка. Стопанскиот суд во Заечар ја казни компанијата со 450.000 динари за загадување во 2019 и во јануари 2020 година, но обете страни поднесоа жалби. Одлуката е сега пред Стопанскиот апелационен суд во Белград.

За разлика од кинеската компанија „Зиџин“, српската компанија „Тигар Пирот“ е добар пример дека производството на гумени чевли и хемиска опрема може да се изврши еколошки. „И покрај фактот дека производството на гума спаѓа во секторот на валкана технологија, во нашата фабрика не се создава опасен отпад“, тврди генералниот директор на фабриката, Владимир Илиќ.

„Нашата електрана порано користеше мазут и јаглен, но ние бевме меѓу првите што се префрлија на гас. А што се однесува до материјалите со коишто работиме, тоа е природна гума, немаме опасни материјали. Нашите лаборатории ги тестираат сите материјали, а отпадот што на крајот се појавува се отстранува на адекватен начин, така што не завршува во природата“, вели Илиќ.

Додека градот Ниш со години го „планира“ Планот за квалитет на воздухот, а индустриските постројки генерално сè уште не воведуваат филтри кои го прочистуваат индустрискиот отпад, комесарот за животна средина Синкевичиус објавува Зелен договор со Западен Балкан, кој ќе се однесува на проблемите со кои се соочуваат земјите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема