1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанска Беса и Македонски Усул

1 јуни 2017

Компромитираноста на ново-старата СДУИ влада не остава премногу простор за надеж дека на среден рок ќе успее во спречувањето на контигентно спакуваниот увоз на емотивен популизам во општеството. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/2dx7I
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ден потоа, новото сонце над Македонија силно ја осветли вистината дека со заминувањето на Груевски од Владата, замина и борбата против криминалот и корупцијата. Происход кој однапред гарантира преживување на ДПМНЕ и децениско отсуство на антикорупцискиот моментум скриено во триумфот на Социјал-Демократската Унија за Интеграција (СДУИ). Нескриениот сарказам на воведниот пасус е можеби непримерен за часот. Но далеку полесно голтлив од инспирацијата базирана врз итроманското предполноќно мафтање на премиерот Заев со „дописот од службите” во кои се потврдува дека ниту еден од министрите не му е под истрага за корупција или криминал.

Во тој час и тој триумфален гест однапред се разголи и на виц сведе сериозноста на ветувањата на ново-старата Влада за владеењето на правото, реформите во правосудството и заветот на Заев дека „рацете на политичарите ќе бидат далеку од правото и правната држава”. Гест експресно пречекан со констатацијата дека „Заев го сруши рекордот на Латас во обезбедување судски сертификати дека не е под истрага”.  Опсервација на блиска личност, надополнета со приказот на насмеаните усни на СДУИ пратениците и министри. пресликано позајмени од ликот на  Ивона додека навремето ја соопштуваше радосната вест за "невиноста” на љубимиот и шеф.

Можеме да дебатираме сега за начините на кои споредебено се толкуваат лошотилак-сертификатите на Зврлевски и индулгентните пусулчиња на Јанева, мудроста на вербата во ветувањата на политичарите дека нема да се мешаат во судството, можеме да дебатираме додека пеколот не забели под снег. Но приказот на борците против злоупотреба на власта како еуфорично аплаудираат во полза на употребната интерпретација на судството е секако причина да ви се смрзне крвта во жили и размислите за тенката и се потешко видлива линија на релативност помеѓу злосторството и казната. Токму каква што е линијата на поделба сред коалицијата СДУИ, скриена во политичката магла на борба против албанофобијата. Иако самиот избор на Заев за соработка и еуфорична промоција (на најцрните кадри) на ДУИ е болен потсетник дека сѐ додека се форсира ДУИ-филија, дотогаш ќе царува Албано-фобија. По исти параметри на праксата (промовирана од ВМРО-ДПМНЕ) на фаворизирање на ДУИ како адамов лист на затскривање на презирот кон Албанците.

Победа или поука

Во секој случај, радоста (каква и да е) на следбениците на СДУИ е разбирлива. И од неа албанската опозиција треба да извлече долгорочни заклучоци. Таа, институционална или општествена опозиција, никако не треба да ја смета оваа влада како нејзин пораз. Напротив, во духот на поговорката на Нелсон Мандела, пред неа е изборот помеѓу победа или поука. А поуката која треба да ја извлечат е дека не треба премногу да им се верува или пак занесува по убавите зборови на македонските партии и нивните сателити од НВО, медиуми или интелектуалци со полни усти лажливи пароли за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Убави беседи кои веќе се разголија пред горката вистина (за СДУИ) и слаткото ослободување од илузијата (за останатите). Што и да вербално тврдат овие партии, НВО, медиуми и интелектуалци, во реалноста се докажа дека штом им се укаже прва шанса за фотеља или две-три тендерчиња, без да им трепне око ќе ве продадат кај првиот албанофонски гангстер или проститутка што ќе им намигне.

Што секако не смее да подразбира нивно поведување по примерот на СДУИ и реваншистичко прифаќање на новата опозиција (ДПМНЕ) како беспоговорен партнер. Не само поради сочувување на духовната хигиена, туку пред се поради сочувување на минимум над-партиска и над-етничка кохезија во општеството која е сериозно  разнишана поради алчноста на СДУИ и мандатското его-трипирање на Бејли. Кохезија која секако ќе биде ставена пред сериозни искушенија во периодот кој следува.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Новата влада на РМФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Русија и Балканот

Додека јавноста се забавува голтајќи ѓубрива за печурки сред медиумски мрак во кој старите шпиони на БИА се менуваат со нови, поприфатливи за новата власт кај нас и новиот Претседател во Белград, се отвара нов процес на предизвици по нови линии на дејствување. Интересно е тоа што додека домашните и регионални медиуми се фокусираат на македонски сценарија во Србија и српски сценаристи во Македонија, одредени западни кругови повеќе внимание посветуваат на некои други опционални писти за одржување на состојбата на перманентна криза кај нас. Еден од тие написи е од престижниот и во безбедносни аспекти специјализиран британски медиум "Jane's Weekly”. Кој својот напис (31 Мај 2017) за импликациите од изјавата на Путин за потеклото на кириличното писмо, и реакциите од Борисов и МНР Захариева, ќе го наслови со предупредување дека "спорот помеѓу ПЈР Македонија и Бугарија е индикатор дека Русија ќе ги интензивира напорите за дестабилизација на Балканот”. Написот доаѓа месец дена (27 Април) по деталната анализа "Духовите на Советското Минато: Дали исоријските врски помеѓу Русија и Бугарија се предзнак на проблеми на НАТО во Црноморското приморје” приготвено од Институтот за Модерно Војување при Воената Академија Вест Поинт на САД. "И покрај статусот на НАТО членка од 20014 година”, констатира анализата, "географската локација на Бугарија сеуште ја прави стратешки примамлива за спречување на продорот на НАТО во Балкан, посебно по скорешниот напредок на Црна Гора кон НАТО. Како брана помеѓу неколку НАТО членки како Романија, Грција и Турција.” Предупредувачкиот тон на написот предизвикан од изборот на про-московскиот претседател Румен Радев заклучува на крај дека "доколку Путин се реши да продолжи со понатамошни реметења на ЕУ и НАТО земји членки – Бугарија наликува на идеален кандидат.” Дека нештата не се лимитирани единствено врз безбедносно-политички парамтери може да се заклучи и од третиот интересен напис, овој пат медиумот близок до Ватикан "Crux” кој средбата на Папата Франциско со Ѓорге Иванов и Румен Радев ја става безмалку на повисок пиедестал дури и од онаа со Доналд Трамп. И повторно, коментарот задира во динамиките на односите помеѓу Скопје, Софија и Москва, детерминирани од фактот што "и Радев и Иванов се перцептирани како про-московски, во смисла на фаворизирање на добри односи со Кремљ и Путин”.  Потсетувајќи дека Папата "повеќе верува во ангажман отколку изолација на Русија”, анализата  заклучува дека "трите лидери имаа можност да разговараат за взаемните интереси во одржување на отворени линии на комуникација со Путин и Кремлин”,

Колку и да се интригантни за анализа, написите не се реална причина за аларм, колку што нудат повод за промислување на некои тековни настани. Вртењето на фокусот на внимание и предострожност кон Бугарија доаѓа во пар со поставеноста на Белград во регионот како резултат на дистанцата од Москва и растечката зависност и определба кон западот. Делумно поради економски причини, но уште повеќе поради длабоката пенетрација на западот во воено-безбедносниот апарат и истиснувањето на про-руските елементи (Дачиќ, Николиќ) од сцената. Окупирањето на конструктивните инструменти (економија, политика, безбедност) од страна на западот подразбира дека на Москва и преостануваат инструментите на популистичка деструктивност (емоција, гнев и алт-солидарност) како пандан на западната понуда. Која колку и да наликува на непропорционална опција, не смее да се потцени.

Меѓу западот и истокот

Каде е Македонија во оваа поставеност? Па, таму каде што господ ја насадил, сред сите збрки. Но лежерниот одговор не е олеснување за новата Влада, од старт оптоварена со вербалните излети во аут од страна на Заев. Именувањето на Никола Димитров можеби ќе се покаже како потенцијално надежен чекор во однос на Софија, благодарение на личниот и семеен имиџ. Што не може да се каже и за односите со Русија, која по горкото искуство со двојната игра на Груевски помеѓу истокот и западот, нема да биде задоволена со про-бугарски сентимент како – ако не истрошен – тогаш барем недоволен супститут за пан-Словенскиот пристап како нов експорт-импорт продукт на подмосковките стратези. 

Компромитираноста на ново-старата СДУИ влада не остава премногу простор за надеж дека на среден рок ќе успее во спречувањето на контигентно спакуваниот увоз на емотивен популизам во општеството. Во албанскиот кампус, затоа, од круцијална важност е да влијанието на Беса остане во рамките на конструктивна контрола на револтот кај Албанците (поради амнестијата на Ахмети и ДУИ) и спречи негово преточување во разочарување и "ладење” на Албанците од про-западниот курс. Умерената поставеност на конструктивниот дел на Беса во опонирање на игрите на Заев без тонење во хипер-националистички занес треба навреме да биде вреднувано од страна на ЕУ.

Но додека улогата на албанската Беса во албанскиот кампус ќе продолжи да цути (сѐ додека не се соочат со сопствените интерни поделби и караници), состојбата во македонскиот кампус ќе биде диктирана од трката помеѓу западот и истокот во превентивно или провокативно етаблирање на македонскиот Усул како конкурентска опција на двотактниот трабант ВМРО-СДУИ. Победникот ќе биде определен колку од брзината, двојно повеќе од штафетата на санкции за криминалот и корупцијата предадена во рацете на домашното граѓанство, гладно за казна на неказнивата олигархија.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач