1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанската полиција напредува во „фабриката за марихуана“ Лазарат

Александар Методијев/ап/миа17 јуни 2014

Албанските власти исраќаат повеќе стотици полициски сили како засилување на акцијата во јужното албанско село Лазарат, каде цути одгледувањето марихуана и безаконието. Населението одговори со гранати.

https://p.dw.com/p/1CK0D
Фотографија: Getty Images

Ракетни гранати, минофрлачи и митралези – со ваков арсенал оружје се спротивстави населението во албански Лазарат на полициската акција. Полицијата информираше дека го зголемува бројот на полицајци во акцијата од 500 на 800, откако спорадичните престрелки продолжија во текот на ноќта и денеска. Властите соопштија дека шест мажи се уапсени под сомнение за учество во пукотниците и напад на екипа од локална телевизиска станица. Имено, тимот од албанската телевизија „А1“ бил ограбен од страна на вооружените лица, а службеното телевизиско возило било запалено.

Во судирите меѓу полицијата и одгледувачите на канабис е ранет еден припадник на единицата за брзи интервенции. За справување со мафијашите, албанската полиција освен што го зголеми бројот на персоналот вклучен во акцијата, туку кон Лазарат испрати и пет блиндирани возила. Специјалците напредуваат од куќа до куќа и ја преземаат контролата врз ситуацијата, а пукотниците не престануваат ниту денеска.

Albanien Marijuana Plantage im Dorf Lazarat
Марихуаната во Лазарат се суши како што се сушат низите со тутунФотографија: DW

Акцијата на полицијата започна во неделата вечерта во одметнатиот Лазарат – место кое се наоѓа на 230 километри јужно од главниот град Тирана. За време на рацијата 30 осомничени производители на марихуана отворија жесток оган врз полициските сили. Полицијата тврди дека уништила 11.000 стебла од канабис и оти пронашла марихуана складирана во буриња и вреќи.

Lazarat in Südalbanien
Лазарат е село во кое владее беззакониеФотографија: DW

Албанското село Лазарат го носи епитетот „фабрика за марихуана“. Се проценува дека бандите во Лазарат произведуваат околу 900 метрички тони канабис секоја година, кои вредат околу 4,5 милијарди евра – тоа е речиси половина од БДП-то на малата балканска држава Албанија. Во Лазарат, во кој владее беззаконие, живеат околу 5.000 лица.

Во текот на акцијата властите ги советуваа жителите да останат во своите домови. Министерот за внатрешни работи Саимир Тахири ги повика вооружените лица да го положат оружјето и да се предадат. Министерот Тахири изјави дека полицијата им објавила војна на мафијата и криминалот и оти кога е во прашање Лазарат - нема откажување.

Властите во земјата пред неколку недели ја стартуваа акцијата против насадите со канабис во Албанија.