1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Амбициозен план: ЕУ сака да го победи ракот 

Бернд Ригерт
4 февруари 2021

Европската Комисија има големи планови за намалување на болести од карцином кој наскоро може да биде „убиец" број еден во Европа. Претставен е конкретен план за акција.

https://p.dw.com/p/3orpX
Brustkrebs-Screening Uniklinik Greifswald
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

На претседателката на Европската Комисија темата особено и лежи на срце: заедничката стратегија на ЕУ против болести од карцином. Уште од стапувањето на функцијата оваа лекарка по вокација си постави цел - реформа на досегашниот пристап во однос на здравствената политика на Европската Унија. Освен тоа, таа сака да излезе со добри вести бидејќи изминативе денови е под огромен притисок поради слабата вакцинација и борбата против коронавирусот. 

„Додека се бориме против пандемијата многумина од нас водат една тивка битка. Битка против ракот," изјави Фон дер Лајен во видео порака. Според студијата на Европската организација за карцином, во која се вклучени неколку медицински здруженија, во ЕУ годишно од рак умираат 1,3 милиони луѓе, а секоја година има по два милиони новодијагностицирани. 

„За жал бројот на заболени постојано расте. Поради тоа денеска ви го презентираме нашиот план за борба. Бидејќи битката на пациентите со карцином е и наша битка во Европа," нагласи претседателката на Комисијата. 

Бројот на заболени од рак расте 

Манфред Вебер, претседателот на парламентарната група на демохристијаните, кој воедно припаѓа и на специјалната работна група во Европскиот парламент која работеше на Планот, извлече ваква паралела: „Во последнава година во ЕУ имаме три пати поголем број на починати од рак отколку од коронавирус. Карциномот наскоро може да стана убиец број еден во Европа," изјави тој во Брисел. Сепак споредбата со коронавирусот не е најсоодветна бидеќи короната е заразна болест, а ракот не е. 

Спортот помага за да се победи ракот

Едно е сигурно: бројот на заболени од рак постојано расте. „Ако не преземеме ништо бројот на заболени од рак до 2035 ќе се покачи за една четвртина," вели белгиската европарламентарка Синди Франсен која исто така учествува во работната група за планот за борба против рак на Парламентот. Марсел Вебер и Синди Франсен си зацртаа амбициозна цел. „Лекарите ни велат дека може да го победат ракот. Тоа е огромен предизвик, но можеме да успееме," вели шефот на најголемата фракција во Парламентот. 

Нееднаква грижа во ЕУ 
И Европската комисија си постави големи цели со стратегијата која ја презентираше во средата. Четири милијарди евра во следните години ќе се вложат во истражување, рано откривање и третман на карциноми. Комисијата сака собено да се вложи во намалување на нееднаквоста во пристапот и третманот на овие болести меѓу истокот и западот во ЕУ. 

Повеќе на темата:

Кучиња намирисуваат рак со 97% точност!

Со тест на крвта до рано откривање на осум видови рак

Рак на дојка - дијагноза преку проба со урина?

Ново средство за борба против отпорните тумори

Во источните и јужните земји членки дијагнозата и третманот на болните од рак е полоша отколу на западот и северот на Унијата. Ова го потврди и студијата на Европската организација за карцином. Така на пример во Шведска шансите на заболен од рак да преживее пет години се 68%, додека во Бугарија 38%. 

„Нашата најголема задача ни е да осигураме дека секаде ќе има еднаков пристап до висококвалитетен здравствен третман," изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен. 

Фуадовите перики за децата болни од рак

Комисијата исто така сака да обезбеди до 2025 на 90% од соодветната група на население да им се направи скрининг за рано откривање на рак на дојка, матка или дебело црево. И тука има разлики од земја до земја. Додека во западните земји тие се високо развиени, во Бугарија и Грција нема систематски пристап. 

Цел: само пет проценти пушачи 

Во рамки на превенцијата, ЕУ сака до 2040 само 5% од населението да пуши. Според анализите пушењето е најголемиот ризик фактор за заболување од рак, а може да се избегне со лична одлука. Во моментов во Шведска има само 5%, пушачи додека во Грција 35%. Освен тоа треба повеќе девојчиња и жени да примат ХПВ вакцина за заштита од рак на матка. Помалку конзумирање алкохол, подобра исхрана и борба со прекумерна тежина исто така треба да помогнат во намалување на ризикот од рак кај населението во ЕУ.

Мрежа од центри за лекување карцином

ЕУ во третманот на заболените планира да го поддржи развојот и примената на персонализирани лекови кои се базираат на генетските околности на пациентот. Во Европа треба да настане мрежа од национални центри за третман на тумори до кои треба да имаат пристап околу 90 проценти од населението за да се обезбеди најдобар можен третман. 

„Премногу луѓе засега немаат правовремен пристап до третманот, дијагнозата и скринингот”, критикуваше еврокомесарот за здравство, Стела Кирјакидес при претставувањето на стратегијата. „Сакаме тоа да го промениме. 40 проценти од заболувањата би можеле да бидат избегнати”. Најчести форми на канцер во ЕУ се на дојка, на дебело црево, на простата и на белите дробови. Кирјакидес посочува дека околу 12 милиони лица во ЕУ имаат преживеано рак. И на тие луѓе според неа им е потребна поголема нега бидејќи животот и во семејствата, поради карциномот може радикално да се промени.

На пример треба да се смени тоа што сега не е можно, имено пациенти кои оздравеле од рак да може да склучуваат полиси за осигурување или да земаат банкарски кредити.

Монтгомери смета на ЕУ

Претседателот на постојаната комисија на европски лекари, Франк Улрих Монтгомери, смета дека плановите на ЕК се многу амбициозни. „Никогаш нема сосема да го победиме ракот, но добар почеток е со превентива, рано откривање и модерни комбинирани терапии да го ставиме под контрола на начин што помалку луѓе да умираат од болеста.” 

Огромни разлики има меѓу земјите членки, вели Монтгомери во разговор со ДВ. ЕУ може да преземе многу мерки за да обезбеди ист пристап до третман, меѓу другото и со помош на прекугранични центри за лекување. „ЕУ може да има резултат и да се направи широко поле на спречување и лекување на ракот, без разлика што со короната не се одвиваа работите совршено. ЕУ може да даде позитивен придонес особено за посиромашните земји членки”, заклучува Монтгомери, кој е и почесен претседател на Германската лекарска комора.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија