1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Андов: Се тужи ли „одлепен“ човек?

22 март 2019

Фрчкоски во книгата е претставен каков што бил - неуспешен министер за внатрешни работи. Сега изјавува дека јас сум „одлепил“. Па, се тужи ли „одлепен“ човек - иронично прашува Андов

https://p.dw.com/p/3FTRo
Mazedonien Skopje Stojan Andov ehemaliger Parlamentspräsident
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не стивнуваат реакциите во јавноста, откако Основниот суд Скопје - 2 донесе решение за привремена мерка, забрана на продажба и располагање на книгата на Стојан Андов„До атентатот и по него“. Мерката е изречена по тужбата на Љубомир Фрчкоски за повреда на неговите лични права, односно за клевета од авторот на книгата во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров. Од Основниот суд Скопје - 2 ја велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета, и надомест на нематеријална штета.

Обвинителката Вилма Рускоска вчера оцени дека времената мерка е задоцнета. 

„Кога пишуваш некоја книга во која изнесуваш работи, дали вистинити по твое, дали невистинити, сепак, пред објавувањето треба тие луѓе што се засегнати  во таа книга, да бидат запознаени и да имаат можност да реагираат пред излегувањето на книгата од печат. Со времената мерка од страна на судот има некое задоволство, но какво, кога веќе толку луѓе ја имаат книгата. Многу е задоцнета“, рече Русковска во синоќешното гостување на ТВ „21“ .

Mazedonien Ljubomir Frckovski Politiker
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Фрчкоски:  Злоупотребена е слободата на говорот

Во истата емисија, тужителот - универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, изјави дека му била непријатна целата процедура со тужбата за клевета, но и неизбежна.

„Чудно е кога луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно, и цртајќи ја својата улога во транзициска Македонија се обидуваат себеси да се самолоцираат како централни. Тоа, за жал, му се случува на Андов. Тој практично ја злоупотребува слободата на изразување за прилично шокантни клевети кои имаат консеквенци за граѓанските права на лицата кои ги напаѓа. Да те обвинат дека си убиец, во основа, е перверзија и апсурдност на слободата на говорот“, рече Фрчкоски.

Запрашан дали во книгата го претставил Фрчкоски како убиец, Андов за Дојче децидно негира.

„Нема врска. Си умислува. Фрчкоски е претставен токму таков каков што бил - неуспешен министер за внатрешни работи, кој не спречи да се случи атентат врз претседателот Глигоров, кој не ја заврши истрагата и за тоа требаше да поносе одговорност. Вистинска истрага всушност и немаше, а 23 дена никаде го немаше и Фрчкоски. Тој се криеше. И сега изјавува дека јас сум 'одлепил'. Па, се тужи ли 'одлепен' човек?“, иронично прашува Андов.    

Реакциите во јавноста се различни. Дел сметаат дека е несвојствено да се изрекуваат вакви забрани, други - дека секој мора да понесе одговорност за искажаниот збор ако тој не кореспондира со вистината. Дел се уверени дека проблемот не е во книгата на Андов, туку во изјавите што ги дал еден од промоторите на оваа книга, кој всушност изрекол серија клевети на адреса на Фрчкоски.

Tod von Kiro Gligorov ehemaliger Präsident Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Бела книга, црно писмо

Дел од коментарите на социјалните мрежи гласат: „Фрчкоски е во право“, „Не е првпат Андов да измислува настани во неговите мемоари, најчесто поврзани со лица кои се починати и не можат да го демантираат“. Но, има и голем број кои прашуваат „дали се вратени на сцена старите идеолошки комисии?“ За ваквите комисии и примерите на забрана и цензура, во издание на НИП “Глобус“, во 2001 година, новинарот Мишо Китаноски го објави делото „Бела книга, црно писмо - македонски индекс на забранети дела“. Во тој index prohibitorum, беа претставени забраните кои се однесуваат на театарски претстави, книги, песни, раскази, есеи, студии, весници, списанија и ревии во Република Македонија во периодот од 1946 година до 1993 година. Книгата беше резултат на неговото десетгодишно истражување, но и на сведоштва на учесниците во настаните. Во изданието забраните се сегментирани на забрани со судска одлука, забрани со идеолошко-политичка одлука, забрани со рок на траење, како и јавни судења и црни листи на имиња на автори, чии текстови не се објавувале. Меѓу многубројните записи на Китановски, се и примерите со забраните на песната „Без наслов“ на Димитар Јоновски од 1974, случај за кој е покренат судски процес, на списането „Луч“ и други, но најмногу за забрани на театарски претстави. Меѓу нив се „За родниот кат“ во 1946 година и „Гоце“ во 1953 по текст на Венко Марковски, во 1951 година претставата „Задруга“ на Коле Чашуле, „Немирна рудина“ на Симон Дракул во 1956 година, „Свадбата на Мара“ на Љубиша Георгиевски во '80-тите години за која имало и судење, а потоа била донесена пресуда да се дозволи изведбата.

Ваквите примери продолжиле и по осамостојувањето на земјата. Претставата „Евангелие по Јуда“ на Југослав Петровски во 1993 година се соочи со обиди за цензура по силните реакции од страна на МПЦ. Со политички „дилеми“ се соочи и претставата „Тито, сигурни дијаграми на копнежот“ во 2007 година.