1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?

Костадин Делимитов
9 ноември 2020

Четвртиот антикризен пакет е спас, но само привремен. Фирмите со душа ги чекаат парите, работниците пак платите. УЈП предупредува од кривична одговорност за злоупотребите.

https://p.dw.com/p/3l3ns
Mazedonien Finanzamt Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Фирмите погодени од кризата нагрнаа да ја искористат мерката за помош за плати среде криза, но уште во старт се соочија со проблеми. Поради се уште необјавените законски измени во Службен весник, пријавата за помош е недостапна за фирмите кои конкурираат. Од УЈП велат дека нивната работа е завршена, барањето е подготвено и ќе биде објавено веднаш што се случи објавата во Службен весник, што било работа на Министерството за финансии.   

Пополнувањето на пријавата е неопходност за да се влезе во игра за добивање финансиска помош од државата за исплата на плати за октомври, ноември и декември. До утре е рокот за пријави за потребата од помош за октомври, а до 10 наредниот месец за платите за ноември и декември. 

Висината на помошта се движи во зависност од степенот на намалениот приход на работодавачот, односно од 14.500 денари за фирмите со намален приход од 30 до 40%, до најмногу 21.776 денари за оние со пад во приходите од 80 проценти. Парите се обезбедени со ребалансот на буџетот и пакетот антикризни мерки кој во целост тежи 470 милиони евра. Бизнис заедницата генерално е задоволна:   

„Помошта пристигнува во вистински момент и добро е што ќе помогне да нема тотално затворање на фирмите, иако дел од стопанството, посебно туризмот и угостителството се под постојан удар и работат со намален обем. Тоа значи дека луѓето со душа ја чекаат помошта која е на различни нивоа. Добро е што економската активност се уште е присутна, така што ова е вистинскиот момент бидејќи има движење и не се замрени економските активности“, коментира за Дојче веле Миле Бошков, претседател на македонската Бизнис конфедерација.

Mazedonien Finanzamt Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Привремена стабилност

За исплата на плати за три месеци со четвртиот пакет антикризни мерки обезбедени се 70 милиони евра. Сериозна сума, но дали и доволна за надминување на проблемите? Стопанствениците велат дека оваа сума обезбедува стабилност, но само привремена: 

„Може да се каже дека може повеќе и секогаш може повеќе но треба да се биде умен и реален дека состојбата која ја имаме и живееме од економски аспект и капацитетот кој го имаме и парите се димензионирани за нашата стандард и потрошувачка и економска состојба. Инаку на никој не му е лошо да добие повеќе. Сега ќе треба да видиме што ќе се прави од јануари, февруари. Добро е што овој пат имавме една предвидливост за фирмите, или за дел од нив кои имаа можност да испатат плати, добија гаранции дека ќе им бидат рефундирани преку УЈП доколку тоа го сторат пред да се донесе законот. Тоа беше добар потег за да се намали тензијата и да се спаси состојбата онаму каде беше критично“, смета Бошков. 

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Повеќе:

-Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра

-Амандмански сопки за кризниот ребаланс на буџетот

-470 милиони евра, гаранција за економски мирна Ковид-зима!?

Според некои пресметки, кризата предизвикува доцнење на платите за дури 100 илјади работници. Синдикатите се загрижени и очекуваат да нема компликации во целиот процес. Дел од нив стравуваат од продолжение на кризата:

„Дефинитивно дека ова што сега се прави е помош и ќе помогне. Но стравот е што доколку ова потрае, а ќе потрае. Сега ќе се земаат плати и ќе има пари за пензионерите, невработените, самохраните родители, но стравот е како ќе понатаму. Слушам дека веќе се најавува и петти пакет мерки што е добро оти ако ова потрае ќе биде весело“, Марјан Ристески претседател на Конфедерацијата на синдикални организации. 

Кривична одговорност за злоупотреби

Паралелно со економската криза, дополнително што создава немир кај синдикалците се случувањата на политички план. Не само на внатрешен, туку и надворешен план:

„Стравуваме од компликации поради она што го гледаме во парламентот, обидите за да се блокира, политичката криза, но и она што се случува со Бугарија. Сите се надевавме и очекувавме дека стартот на преговорите со ЕУ ќе ни донесе полесен и побрз пристап до некои од европските фондови кои во вакви услови и тоа како ќе помогнат. Но сега со блокадата од Софија ќе биде тешко и генерално стравувам дека се` тоа во најголем дел ќе удри врз грбот на работниците“, предупредува Ристески.

Државната помош за платите и овој пат ќе оди директно преку сметките на фирмите, а не како што бараше синдикатот, директно за вработените. Ваквиот принцип предизвика злоупотреби во минатото, но сега надлежните предупредуваат од строги контроли и ригорозни казни. Од Управата за јавни приходи предупредуваат дека ќе има и кривична одговорност за лажирање на податоци но и доколклу на работниците им се исплатат помалку пари од предвиденото:

„За секое лажирање на податоците во барањата постои кривична одговорност, тоа потоа ќе излезе на виделина со даночните биланси и завршните сметки. Минатиот пат само што ги објавивме со податоци за злоупотребите, веднаш дел од компаниите ја исплатија платата. Тоа се 340 компании за кои има посебен предмет до Основнорто јавно обвинителство. И овој пат од генералниот секретаријат на Владата целиот список ќе биде проследен до ОЈО, предупреди Сања Лукаревска. Директор на Управата за јавни приходи.

Mazedonien Finanzamt Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Намалување на ДДВ за угостителски услуги од 2021

Финансиската поддршка за фирмите сепак ќе треба и да се враќа. Не од страна на сите, туку само од оние компании кои ќе остварат добивка и ќе исплатат дивиденда. Од УЈП објаснуваат дека ова ќе се прави на начин што средствата кои се доделени од страна на државата за овие фирми, ќе можат да се враќаат на три рати. Инаку оваа помош е дел од пакетот мерки за кој беа направени 12 закони и законски измени.

Од нив, три се веќе усвоени, а останатите се во собраниска процедура или на јавна консултација. Она што е веќе завршена работа, барем од законски аспект, е финансиската помош од по 6.000 денари за ранливите категории граѓани. Законот помина на Влада, а користењето односно исплатата на парите се иочекува веќе од ноември. Овојпат парите на корисниците ќе им се исплаќаат директно на трансакциска сметка, а не преку платежни картички како што беше случај претходно.

Она што дополнително ќе го поддржи стопанството во периодот на криза, а е дел од пакетот мерки е и новата линија бескаматни кредити со 30% грант компонента. Средствата за оваа намена се очекуваат да пристигнат во текот на овој, или најдоцна наредниот месец. Дополнително се преговара и за нови 100 милиони евра поволни кредиити преку Развојната банка кои би биле достапни од наредната година. Од 2021 се предвидува и намалување на Данокот на додадена вредност од 18 на 5% за ресторански услуги и служење на храна и пијалоци. Законските измени ќе овозможат и продолжување на роковите за плаќање на ДДВ.