1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аселборн: решението за името не може да биде издиктирано

10 февруари 2010

Брзото решавање на спорот со името е во интерес на регионот, ЕУ и НАТО, истакна министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн по средбата во Скопје со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

https://p.dw.com/p/Ly5e
Жан Аселборн и Антонио МилошоскиФотографија: MIA

Потребно е да се има дух кој ќе биде свртен кон иднината за да се дојде до решение во спорот, кој ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Решенето не може да биде издиктирано во Париз, Берлин, па ни во Брисел, истакна министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн по денешната средба (10.02.2010) во Скопје со шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски.

Тој укажа на примерот на неговата земја, еден од основачите на ЕУ, која во почетокот на педесеттите години од минатот век морала исто така да направи избор. „Ние како мала земја го направивме нашиот избор и се ориентиравме кон иднината, обидувајќи се да ги надминеме колатералните штети од минатото. Верувајте ми, разликите меѓу тогашна Германија и Франција беа поголеми од разликите коишто постојат меѓу Македонија и Грција“, рече Аселборн.

Тој подвлече дека во интерес на сите земји во регионот, како и на ЕУ и на НАТО е да се најде брзо решение за името. „Јас не сум овде да дадам решение, туку само сугестија, бидејќи земјата оди во вистинска насока и имаше одличен извештај од ЕК“, истакна Аселборн.

Решение кое ќе биде обостран компромис

Министерот Милошоски, заблагодарувајќи се за подршката на Луксембург за членство на Македонија во ЕУ, посочи дека земјата и по позитивниот извештај од ЕК ќе продолжи со реформите до стартот на преговорите, што, вели, ќе оди „рака под рака со кредибилитетот на ЕУ и идејата за обединета Европа“. Во однос на спорот за името Милошоски го повтори принципиелниот македонски став за конструктивност во разговорите за името со посредство на ОН во очекување на посетата на медијаторот Нимиц закажана за 23 овој месец.

„Треба да се покаже конструктивност и од грчката страна за да можеме да стигнеме до одредени решенија, кои ќе можат и на македонски и на грчки да бидат напишани и преведени како компромис“, додаде Милошоски.

Автор: ЖА/ГЧ/миа